Јапонците противнапаѓаат

26.12.2022 00:49
Јапонците противнапаѓаат

Напуштање на пацифистичката безбедносна доктрина во Јапонија наметната по поразот во Втората светска војна и прилагодување на реалноста, така би можела да се оцени новата јапонска стратегија за одбрана која ја усвои владата на премиерот Фумио Кишида. САД ѝ наметнаа пацифистички устав на Јапонија. Но од завршувањето на Втората светска војна поминаа 77 години, околностите се променија, а променетите околности ги менуваат и обичаите. Моќното отстапување од пацифистичкиот устав се случи во 2015 година кога во времето на владата на покојниот Шинзо Абе, кога на јапонските самоодбранбени сили (официјален назив на јапонската војска) им беше дозволен ангажман надвор од Јапонија во операции за колективна безбедност. Новоусвоената стратегија, заедно со пропратните документи, го рефлектира стравот од Кина и Северна Кореја, а делумно е поттикната и од руската инвазија на Украина. Клучна промена е одлуката за дозволување воен противнапад, што конкретно значи дека јапонската војска би можела да гаѓа бази од кои, на пример, земјата е гаѓана со балистички проектили. Досега Јапонија се ограничуваше на правото на рушење проектили кои се испукани кон неа, а многу зависеше и од американската помош. Се работи за директен одговор на зачестените севернокорејски тестови на балистички проектили. Само во десет дена во октомври, Пјонгјанг изврши пет, а во еден случај беше лансиран проект кој ја прелета Јапонија и падна во Тихиот океан. Друга причина е модернизацијата на кинескиот балистички арсенал, а двете ја олеснија позицијата на владата на Кишида, па едвај и да има гласни приговори за новата јапонска одбранбена доктрина. Згора на тоа, повеќе од 60 проценти од испитаниците го поддржуваат правото на контраудар, а тоа е нешто што до неодамна беше незамисливо.

Оваа промена значи дека Јапонија ќе може да развива сопствени ракети со среден домет или да ги купува од САД, и токму тоа беше големото јапонско табу до усвојувањето на новата стратегија. Правото на противнапад подразбира поседување оружје кое може да се користи и како офанзивно, а таквото воено дејствување е забрането според членот 9 од уставот. Кишида рече дека оваа стратегија гарантира право на одговор и дека не се работи за право на превентивен удар. За остварување на новата стратегија се нужни пари. Јапонските издвојувања за одбрана со децении изнесуваат околу 1 процент од БДП. До 2027 година ќе се зголемат на 2 проценти со што Јапонија ќе се изедначи со членките на НАТО (а со нив има сè поблиска соработка), а поголем воен буџет ќе имаат само САД и Кина.

Премиерот на Јапонија, Фумио Кишида

Поглавјето за Кина ја покажува длабочината на промената за помалку од десет години, колку што поминаа од усвојувањето на минатата (воедно и прва) јапонска одбранбена стратегија. Старата стратегија ја нагласуваше важноста на постојаните односи на двострана корист засновани на заеднички интереси во сите подрачја. Новата наведува дека Кина е најголем стратешки предизвик за мирот и стабилноста на Јапонија, меѓународната заедница и јакнењето на меѓународниот поредок заснован на владеењето на правото. Драматично е променета и перцепцијата на Русија. Пред девет години Јапонија ја гледаше Русија како можен гарант за мир и стабилност во азиско-пацифичкото подрачје и повика на соработка со неа во сите области, што вклучуваше и разрешување на руско-јапонскиот територијален спор околу Курил. Денес, Русија е опасна земја чија агресија на Украина ги наруши самите темели на правилата кои го обликуваат меѓународниот поредок. Руските активности во близина на Јапонија, во координација и соработка со Кина, се голема безбедносна грижа за Токио. Делот за Северна Кореја не е променет суштински, но е проширен. Северна Кореја и нејзините воени активности станаа поголема опасност од кога било за јапонската национална безбедност. Не е заобиколен ни Тајван, „исклучително важен партнер и драгоцен пријател на Јапонија со кој Јапонија споделува темелни вредности кои вклучуваат демократија и со кои има блиски економски и лични врски“.

Кина и Северна Кореја изразија незадоволство од новата јапонска стратегија. Партнерите на Јапонија од регионот и Европа го поздравуваат потегот на владата на Кишида. Дури и Јужна Кореја, со која Јапонија има тензични односи заради јапонската окупација на Кореја, сторените злосторства и нивното упорно негирање, е задоволна со одлуката правото на противнапад да најде место во јапонската стратегија за одбрана. Пред десетина години сите земји од регионот заедно бараа начин како Северна Кореја да се откаже од нуклеарната програма. Денес новите линии на студената војна се исцртани и на Далечниот исток и новиот јапонски документ е логична последица на тоа.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото