Можеби, еден ден, ќе имаме и второ Сонце

27.12.2022 12:13
Можеби, еден ден, ќе имаме и второ Сонце

Американското Министерство за енергетика најави епохално откритие во производството на енергија од фузија: според првите извештаи на научниците од владината Национална лабораторија Лоренс Ливермор во Калифорнија за прв пат, макар и за миг, им пошло од рака, со својата сложена и скапа машинерија да произведат повеќе електрична енергија отколку што им е потребно за да ја покренат истата. Овој напредок е од големо значење – всушност, истражувачите тука учат како да направат второ сонце. Епохалното откритие е дочекано со задолжителни пофалби – медиумите го опишуваат како “светиот грал,” “клучна пресвртница во повеќедецениските обиди да се развие технологија која овозможува неограничена, евтина, чиста струја”.

Задолжителната внимателност не ја намалува славата на ова достигнување, но исто така е важна. Како што изјави за Си-Ен-Ен еден експерт за фузија од Универзитетот во Кембриџ, „сè уште сме прилично далеку од вистинските енергетски придобивки потребни за производство на електрична енергија. Можеме да кажеме дека ова е успех на науката, но уште многу е потребно за да се произведе енергија што може да се искористи“. За успех, меѓу другото, беше потребен еден од најголемите ласери во светот, додека реакцијата создава неутрони кои можат да ја уништат самата опрема што ја предизвикува реакцијата. Како што пренесуваат медиумите, „за изградба на уреди, доволно големи за да произведат енергија од фузија во поголем обем, потребни се материјали кои се исклучително тешки за изработка“. Затоа сево ова, уште „барем една деценија, а можеби и повеќе децении, е далеку од комерцијална употреба“.

За среќа, веќе ја имаме технологијата со која би можеле да ги премостиме тие децении: нашето прво сонце, она на небото над лабораторијата Ливермор и над целата планета. Знаеме како да ги дофатиме неговите зраци со фотоволтаични панели и знаеме како да го искористиме фактот дека сонцето диференцијално ја загрева земјата, создавајќи ветер чија моќ ја доловуваме со џиновски турбини. Предноста на оваа технологија е во тоа што уште одамна знаеме како да ја изградиме: ова го пишувам на компјутер кој се напојува од панел на покривот, инсталиран во 2001 година. Денес, оваа технологија е веќе прилично евтина: во изминативе години, цената на обновливите извори на енергија падна под цената на фосилните горива.
Секако, и овде постојат одредени резерви. Незгодно е тоа што сонцето заоѓа секоја вечер, па ни требаат батерии за складирање на собраната енергија (иако и нивните цени сè повече се намалуваат). Потоа, за да ги генерираме потребните количини на енергија, треба да заземеме парче од Земјината површина за потребната машинерија (иако помалку отколку што честопати се претпоставува). Значи, имаме и трошок и придобивка, која би била во тоа заедниците ширум светот да имаат локална контрола врз снабдувањето со енергија.

Бидејќи една од овие две технологии - обновливата енергија - е подготвена за употреба, а другата не е, редоследот е сосема очигледен. Замислете свет во кој, ако сè оди според планот, за четвртина век можеме да ги тргнеме соларните панели и турбините на ветер кои ги градиме сега и да ги замениме со елегантни реактори за фузија. (Можеби дури и мали реактори за фисија; таа технологија исто така напредува). Но, ако не ја направиме таа прва транзиција веднаш, ако воопшто имаме прилика да ги дочекаме, тие елегантни реактори ќе бидат инсталирани на крајно деградирана, дури и уништена планета. Благодарение на густиот слој на јаглерод што го испуштаме, Сонцето број 1 е сè поопасно.

Причината поради која епохалното откритие за фузијата предизвика таква возбуда е тоа што имплицитно ветува дека можеме да продолжиме да го управуваме светот на истиот начин како што правевме досега. Централизираната енергија е она што се вклопува во стариот модел според кој електричната енергија треба да се движи по еднонасочна линија до крајните корисници, наместо тоа да биде испреплетена мрежа на мали производители на соларна и ветерна енергија. Ни се допаѓа состојбата на статус кво, под услов да нема ненадејна промена нагоре. Но, таа пристрасност ги засенува другите иновативни истражувања кои би можеле да нè движат во подеднакво фасцинантни насоки на развој. Минатиот понеделник, на пример, научното списание Nature објави важен коментар на неколку врвни истражувачи за концептот на „дераст“1 (degrowth), кој тие го објаснуваат на следниов начин: Богатите економии треба да го напуштат растот на бруто домашниот производ (БДП) како нивна цел, да ги намалат деструктивните и непотребните форми на производство за да ја намалат и употребата на енергија и материјали, и да ги фокусираат економските активности на обезбедување на човечките потреби и благосостојба“. Оваа анализа согледува сè, од намалување на долгот на глобалниот југ до финансирање на јавните услуги во богатите земји. „Решавањето на прашањето како да се напредува без раст ќе бара масовна мобилизација на истражувачи во сите дисциплини, вклучувајќи економисти со отворен ум, општествени и политички научници, теоретичари за развој и статистичари“, пишуваат авторите. Тоа е скапо, но веројатно помалку скапо од меѓународните напори да се произведе енергија од фузија.


Една компонента од таа работа веќе има цврста позадина: минатиот месец, социологот од Бостонскиот колеџ, Џулиет Шор, ги објави првите резултати од глобалниот експеримент што го дизајнираше за да ја тестира претпоставката дека четиридневната работна недела ќе го зголеми чувството на задоволство кај луѓето, а истовремено ќе ги намали емисиите на јаглерод. Бројките се извонредни: од 33 компании ширум светот кои учествуваа во студијата, која доведе до воведување на 32-часовна работна недела во февруари, речиси сите сакаат да продолжат со новиот работен план. Од над 900 вработени во овие компании, 99,6% од нив го поддржале предлогот. И компаниите и вработените пријавиле поголема продуктивност, а со тоа и повисоки приходи. Дошло до благ пад на бројот на оставки (сè уште во сенка на периодот на таканаречените Големи оставки), а дополнителниот слободен ден во неделата луѓето не го искористиле за да работат на друго работно место. Резултатите од експериментот за емисиите на јаглерод се „нецелосни“, истакна Шор, но забележано е „значително намалување на зачестеноста и времетраењето на патувањата“.

Сè на сè, вестите се охрабрувачки - од лабораторијата за фузија до четиридневната работна недела. Дури и во нашиот свет кој се заглави во повторување на старите грешки, понекогаш се појавува и по нешто ново под сонцето.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: The New Yorker

Слики: Војна на ѕвездите IV: нова надеж - бинарно зајдисонце

ОкоБоли главаВицФото