1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 15:59
Сите знаеме дека би требало да ја рециклираме пластиката. На училиште, дома и на работното место нè учат за трите Р: „редуцирај, употреби повторно, рециклирај“ (reduce, reuse, recycle). Од мали нозе учиме да ја одвојуваме пластиката од отпадот со помош на триаголникот за рециклирање и да ги изнесуваме кантите еднаш неделно зашто тоа може да помогне во борбата против загадувањето, особено загадувањето на океаните. Нè научија дека сите можеме да бидеме дел од решението - само ако рециклираме.
Меѓутоа, проблемот е во тоа што рециклирањето на пластиката не е и никогаш и не било одржливо решение за загадувањето. Како што неодамна беше објаснето во експозето на НПР и Фронтлајн, индустријата за рециклирање е изградена на лага уште од својот почеток: дека пластиката може да се рециклира и дека ќе се рециклира. Зошто? Пред сè, за да се продаде уште повеќе пластика. Со други зборови, рециклирањето не е одржлив систем за управување со отпадот во огромни размери, туку рекламна стратегија.
Пластиката и фосилните горива
Пластиката масовно влезе на американскиот пазар во педесеттите години од минатиот век. Според Управата за енергетски информации, „пластиката се произведува од природен гас, суровина добиена со преработка на природен гас и суровина добиена со рафинирање на сурова нафта“. Затоа, продажбата на пластиката претставува значаен извор на приходи за големите нафтени компании. Меѓутоа, на почетокот од осумдесеттите нафтената индустрија наиде на проблем: не продаваше доволно пластика за да остварува профит. Истражувањето во рамки на нафтената индустрија, кое пред две години го откри НПР, открива една од причините: во свеста на потрошувачите пластиката се поистоветувала со загадувањето. Луѓето не сакале да купуваат производи за кои знаеле дека ќе завршат во животната средина, во нивното соседство или во системот за снабдување со вода.
Истовремено на локално, државно и сојузно ниво се предложуваа закони кои би го регулирале користењето на пластиката и би ги ограничиле ефектите на загадувањето со пластика. Тоа претставуваше голем проблем за изворот на профитите на големите нафтени компании.
Затоа директорите на овие компании во низа состаноци на управните одбори дојдоа до решение: ќе се промени начинот на кој пластиката се пласира на пазарот. Ако луѓето мислат дека пластиката може да се рециклира, ако мислат дека со рециклирање можат да се борат против загадувањето, тогаш ќе купуваат уште повеќе пластика.
Проблемот е во тоа што е неверојатно тешко - читај: несиплатливо во капитализмот - да се рециклира пластиката. Таа не е едноличен материјал. Постојат многу различни видови пластика, кои мораат да се одвојат и разложат пред преобликувањето и повторната употреба, што само по себе е комплициран процес. Понатаму, пластичните материјали се деградираат со секоја повторна употреба. Накратко, поевтино е да се произведе нова пластика од нафта отколку да се рециклира старата.
Со капитализмот управуваат поединци исклучиво заради остварување профит; тие мораат да обезбедат пазарна одржливост за своите компании. Затоа нафтените директори во деведесеттите покренаа рекламна кампања вредна 50 милиони долари која испрати јасна порака: пластиката може да се рециклира, лесно се рециклира и затоа не претставува опасност за околината. Понатаму, одговорноста за заштитата на животната средина паѓа на „нас“, односно подеднакво на работниците и капиталистите.
Потоа индустријата инвестираше во „производи за добро чувство“, како што се непрофитните организации, кампањите за зголемување на свеста и капацитетите за рециклирање. Истовремено лобираше кај владата да го постави триаголникот на сета оваа пластика, независно дали истата може да се рециклира и се формираа разни „совети за пластиката“ - тинк тенкови и истражувачки тела - со пари од нафтата. И, ѝ успеа. Производството на пластика и профитабилноста на оваа индустрија пораснаа нагло во следните триесет години. Не само што локалните, државните и сојузните влади наседнаа на овој трик, туку во тоа им се придружија и еколошките активисти како Гринпис, промовирајќи го рециклирањето како начин на борба против загадувањето на океаните кој се темели на индивидуален избор. Денес фрлањето пластика во сина канта е мускулен рефлекс.
Меѓутоа, компаниите како што се Ексон, ДуПонт, Дова и други, знаат уште од самиот почеток: рециклирањето не функционира затоа што не е профитабилно. Ниеден од десетината капацитети за рециклирање кои ги истражи НПР не се одржаа повеќе од една деценија. До денес, во светот се рециклирани само 10 проценти од пластиката. Пластиката што ќе заврши во кантите за рециклирање веќе триесет години едноставно се преместува низ целиот свет, се продава во земји како Кина или Индонезија, кои исто така не успеваат да го рециклираат овој материјај, кој затоа се продава понатаму. Најпосле, пластиката се фрла на отпади или во океаните, каде постојат вистински планини од пластика кои досегнуваат до најголемите длабочини, а пронајдена е и во примероци од човечка крв и ткиво од бели дробови.
Секако, оваа лага напарви чуда за овие компании: нафтената индустрија заработува 400 милијарди долари годишно од производство и продажба на пластика. Во моментов се инвестира во уште поголемо производство на пластика, кладејќи се на фактот дека идните профити повеќе ќе се остваруваат од пластиката отколку од нафтата и гасот, како што ќе расте побарувачката за електрични автомобили и камиони.
Заштитата на околината без класна борба не води никаде
Како што истакнавме и претходно, етичката или зелена потрошувачка не е вистинско решение за проблемите на глобалната животна средина. Ваквите „решенија“ не претставуваат никаков ризик за капитализмот, односно за билансот на капиталистите кои ги поседуваат и контролираат токму оние индустрии кои загадуваат најмногу. Лагата за рециклирањето е само еден од примерите на овој кобен недостаток на заштитата на животната средина, која се темели на потрошувачките одлуки. Авиопревозниците кои летаат празни авиони за да ги сочуваат местата на аеродромите и нафтените компании кои го палат гасот што не можат да го продадат, се некои од другите примери.
Ако рециклирањето не е профитабилно за капиталистите, тогаш индустриите за рециклирање, пластика и нафта би требало да преминат во јавна сопственост и да функционираат под демократска работничка и јавна контрола. Но не би требало да запреме на тоа. Поголемиот дел од светското загадување доаѓа од самите индустрии - главни виновници се компаниите од листата Fortune 500. Само стотина компании се одговорни за 71 процент од сите глобални емисии на гасови со ефект на стаклена градина од 1988 година. Овие компании треба да се национализираат и со нив под демократска контрола треба да управуваат работниците, во склад со околината.
Бидејќи демократите и републиканците ги претставуваат капиталистите, тие не можат да бидат дел од решението. Само работничка партија или работничка влада можат да почнат да ја решаваат оваа катастрофа со рационално и демократско планирање на економијата, пробивајќи пат за светски социјализам и еколошка одржливост.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Pejac
Извор: https://www.marxist.com/