Да бидеш вљубен (четири љубовни песни)

29.12.2022 17:51
Да бидеш вљубен

 

Да бидеш вљубен

Да скокнеш незауздано и да останеш во воздухот
Играјќи додека срцето три-четири пати тропнува,
Потоа се спушташ полека; или се качуваш
На стрма опасна карпа без помош на рацете;
Или, бестелесен, грабаш и дома носиш
Ружи од градината на Кралицата ‒ ова е состојбата заљубеност
Украсена со agilitas* и subtilitas**,
Во што неколку славни љубовници везден биле успешни,
Впрочем и децата тоа можат да го предосетат длабоко во сон
И призраците можеби по тоа тагуваат крај своите гробови,
И пауните додека кликаат во недостиг на говор.

*agilitas ‒ лат., живост (заб. прев.)
**subtilitas ‒ лат., нежност (заб. прев.)

 

Сонг: капка роса и дијамант

Разликата меѓу тебе и неа
(Еднаш таа ми беше пред тебе),
Јасно може да се разлачи:
Таа блеска како дијамант, ти
Како утринска роса капка
На петелка од црвена ружа.

Капката роса во своето око носи
Планина и шума, море и небо
И секоја промена на времето;
Дијамантот, напротив, го кине
Видикот во мртви парченца
Кои веќе никој не ќе ги состави.

 

Таа нему

Да ја имаш, драги, значи да искусиш да ја имаш,
Попрво отколку да веруваш дека ја имаш;
Да веруваш е само желба да ја земеш,
Иако после тоа не би ја имал ‒
И оттаму е стравот да ја земеш.
Сепак, искусиш ли да ја имаш, можеш да ја земеш
И да знаеш дека сè уште ја имаш.

 

Сламка

Тишина. Дивата долина е испресечена со потоци,
Пупунец седи на топлата карпа. Но зошто
Сламкава ми трепери в раце?

Од што се плашам? Зарем немам сведоштво
Со нејзина рака испишано, со нејзино име потпишано,
Дека мојата љубов како молња срцето ѝ го допрела?

Прашањава, птицо, не се реторички.
Погледна ја сламката: потреперува и потскокнува
Како земјата во далечина да се тресе.

Возвратената љубов, сепак ми е невозвратена
Штом овој случаен инструмент предупредува
На катаклизмична болка негде во далечината.

Таа да е среќна и со мислите кон мене занесена,
Зарем мојата рака ко карпа мирна не би била?
Со својата жестина не ли ја одбив?

Слики: Rose O'Neill (1874 – 1944)

Избор и превод: П. В.

Роберт Грејвс (Robert Graves, 1895‒1985), англиски поет, романописец, митограф, преведувач... Објавил околу 140 книги: поезија (преку 50), романи (16), драми, кратки раскази, критики, студии, хибридни дела, грамофонски плочи, радио и ТВ емисии...

Грејвс себеси најпрвин се сметал за поет. Велел дека вистинската поезија треба да биде универзална и неподложна на помодните барања.

Неговите песни, заедно со иновативните толкувања на грчките митови, рано напишаната автобиографија Good-bye to All That и историската студија The White Goddess, и денес постојано се објавуваат.

Живеел од пишување на популарни романи какви што се Јас, Клаудиј (I, Claudius), Златното руно (The Golden Fleece), Грофот Велизар (Count Belisarius) итн.

Бил и одличен преведувач на класичните римски и грчки текстови; неговите верзии на Дванаесетте цареви од Светониј и на Златното магаре од Апулеј останале популарни до денес поради јасниот и забавен стил.

ОкоБоли главаВицФото