
Пределот се превртува
околу своето средиште - глувчарот го гледа
лизгањето на ридот странично,
поле во брзо кружење.
И тој глувчар се превртува
околу друго средиште, невидливо,
црната дупка која ги чека:
и глувчарот и ридот -
а која ќе го вшмука
целиот волумен,
до местото дури што беше
пред хаосот да биде створен.
Превод: П. В.
Норман Макејг (Norman MacCaig, 1910-1996), шкотски поет, пошироко познат по хуморот и едноставниот и достапен јазик. По образование бил класичен филолог и најголем дел од својот работен век бил учител и управител на училиште. Објавил дваесетина стихозбирки. Во своите најдобри песни тој е голем мајстор на концизното евоцирање на пејзажот и на животот во него. При поетските обработки често прибегнувал кон метафизички решенија.