Не пробавме ништо, но ги потрошивме сите идеи

31.12.2022 02:11
Не пробавме ништо, но ги потрошивме сите идеи

Човек не може да му устои на искушението во деновите на истекот на годината да не се заврти наназад и погледне длабоко во минатото, со надеж дека од недогледот ќе засјаи мислата водилка што ќе ни ја осветли непроѕирната иднина. Но погледот наназад ги издвојува само трите современи јавачи на апокалипсата што го замрачуваат целиот хоризонт, и ни наближуваат во бесен кариер, небаре ќе нè прегазат со челичните коњски копита во нивниот несопирлив трк кон иднината. Трите јавачи се најголемите опасности по опстанокот на човештвото: нараснувачката нееднаквост што е без преседан во историјата, зголемената опасност од нуклеарно самоуништување поттикната од плимата национализми, „идентитетските“ судири и тектонските геополитички поместувања (војната на НАТО со Русија и болното раѓање на мултиполарниот свет), и, се разбира, климатските промени што му се закануваат не само на човештвото, туку и на целиот екосистем на планетава.

Грст осамени гласови – нејаки и безмалку изгубени во општата врева на вулгарни глупоштии, баналности и малограѓанска бучава – упорно укажуваат дека на нашиов свет всушност му се заканува само една единствена вистинска опасност што ги надвјасува трите опишани, која е нивниот причинител и воедно нивниот неприкосновен господар - а тоа е глобалниот капитализам!

Изгледа неверојатно дека најпрецизната анализа на несопирливата деструкција на светот што ја врши глобалниот капитализам ја дадоа Карл Маркс и Фридрих Енгелс, уште пред век и половина, во највлијателниот политички манифест на сите времиња – Комунистичкиот манифест. Во наплив на несомерливата и безмалку пророчка интуиција, Маркс ја направи транспарентна сеуништувачката улога на капитализмот, кој ги разорува сите наследени, закостени и застарени општествени односи, ги совладува и брише сите државни и географски граници, ја совладува природата и материјата како таква, практично целата планета, а луѓето и сите живи суштества ги подредува на единствениот рептилски императив на сопственото оплодување, неограничен раст и богатење. Пророчките зборови „сето она што е цврсто и постојано се претвора во воздух и дим, а сè што е свето се сквернави…“ се зборовите со коишто во Манифестот се опишува походот на капитализмот во разнебитувањето на планетата. Постои ли катче од мајката Земја, почитувани читатели, за која денес не се однесуваат овие Марксови пророштва?

Во Комунистичкиот манифест е јасно укажано на единствениот иљач што може планетата да ја „излечи“ од глобалниот капитализам, кој е и ден-денес единствениот начин за ефикасна борба него. Бидејќи најважното својство на капиталот е што тој нема татковина и не знае за граници, единствениот начин за неговото сузбивање и замена со похуман систем на општествено-политички и економски односи е глобалното обединување на неговите жртви. Оттаму потекнува и завршното мото на Манифестот: „Пролетери од сите земји – обединете се!“ Токму затоа, за своето несметано беснеење по планетава капитализмот мораше да се заштити од интернационализмот на своите жртви, па неговото најмоќно оружје е атомизацијата на луѓето, отуѓувањето и индивидуализацијата на жртвите, така што таа подвоеност – теоретски засекогаш – ќе ја оневозможува секоја форма на интернационалното организирање на воените, економските и еколошките жртви на капитализмот. Патриотизмот, национализмот, расизмот, религиските и трибалистичките фундаментализми, како и културните и идентитетските исклучивости – што во денешно време се повампирија во последната одбрана на капиталистичката интернационала – се најстрашните оружја за уништување на човечката солидарност и глобалното поврзување на жртвите на капитализмот.

Глобалниот т.н. неолиберален капитализам ја претвори екстремната нееднаквост во доблест, осиромашувањето и поробувањето на цели популации го нарече компетитивност, а правото на верско застранување стана поважно од работничките и социјалните права. Светот сè помалку и верува на науката и разумот, ги релативизира фактите и го корумпира образованието, а магиското мислење, теориите на заговор и масовното враќање кон верската закоравеност, религискиот фундаментализам и затапената селско-провинциска состојба на духот, стануваат карактеристиките на историскиот регрес и тешкото застранување на текот на културната еволуција на човештвото во 21 век. Но, ако фрлиме поглед наназад, на 20 век, и на неговите најсветли и највисоки дострели, веднаш ќе ги забележиме движењата што ја славеа човечката солидарност, човечноста и основните човекови права – интернационализмот, рационализмот и просветителството, како врвни универзални вредности на човештвото. Во трите децении по Втората светска војна се остварија – на планетарно ниво – највисоките дострели на сите овие идеали, а нивните активни двигатели беа левичарските движења на комунистите, социјалистите и социјалдемократите.

Од 80-ите и 90-ите години од векот, сведоци сме на пропаѓањето на сите прогресивни леви движења, сите видови на синдикално организирање и воопшто движења што се борат за тие универзални вредности на егалитарноста и солидарноста помеѓу луѓето. До ден денес – за сиве овие 40 години глобализација и изопачување на идеалите на слободата, еднаквоста и солидарноста – не се појави ниту еден морален или идеен еквивалент на пролетерскиот интернационализам, а на планетата завладеа незапаметена политичка безидејност, што се одржува со нарастувачкиот радикализам и тоталитаризам на бранителите на капиталистичките ѓоа либерални вредности. Капитализмот, тоа нехумано чудовиште што знае само да ги прождира земјините ресурси – луѓето, животните, растенијата и сета природа – стана посакуваниот крај на историјата и рај на земјата. Додека социјализмот, таа најхумана идеја откога постои хомо сапиенсот, стана отпадок на историјата, ѕандана на народите и мачилиште?! Колку темелна кретенизација требаше човештвото да претрпи за враќањето кон предаторскиот 18 и 19 вековен капитализам да се третира како напредок на човештвото?! Колку треба човештвото да заглупави за регресот кон класно и кастинско општество да се доживејува како да е револуционерен, новото глобалното финансиско ропство и економскиот колонијализам да се гледа како напредно и просперитетно, а социјализмот да се третира како конзервативен, застарен и мртов!?

А, во контекстот на овие немирни планетарни хоризонти, какви се приликите во нашево зафрлено и набрчкано парче балканска земја, која многу нејзини жители во заблуда ја доживуваат како библиска? Ние сме во сосем специфична состојба, неодамна излезени од нашиот паланечки мафијашки фашизам, потполно несвесни за орканите што беснеат по планетата, свртени кон фатаморганата на нашите егзосоматски евроинтеграциски надежи. Тетеравиме незакрепнати од смртната болест на вмровската диктатура, институционално разнебитени, идејно испразнети и конфузни, и сè уште неспособни да сфатиме дека нашата болест е смртно тешка, а нашиот вмровски тумор малиген? И, иако е во ремисија по извршениот оперативен зафат со кој е отстранет „примарниот“ канцер, вмровските метастази се длабоко всадени во сите ткива од нашиот исцрпен општествен организам. Та затоа, сите разочарувања, апатии и изневерени очекувања, што ги плават нашите чувства, мораат да се сфатат само како неизбежни фази на болеста, што, конечно, имаат смисла само доколку ја сфатиме вистината за неа. А, таа е дека ВМРО не е – и никогаш не била – некаква политичка алтернатива за Македонија, туку само нејзината болна и неизбежна смрт.

И, за крај, за добро расположение и утешение пред разделбата со една од најгрдите години во нашето сеќавање, една јасна мисла. Песимизмот е најмудрото и најреалистичното становиште доколку стоиме пред вистинска бездна. Оптимизмот што не сака да ги согледа фактите истопорени пред него е најглупавото становиште на работ на бездната. Единствено што тоа може да го испорача е фаталниот чекор во празно.

Среќна Нова година.

Карикатури: Igor Smirnov
Извор за текстот:
Слободен печат

Слични содржини

Општество / Свет / Живот
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Психологија / Живот
Општество / Квир / Живот

ОкоБоли главаВицФото