Приказна за словенската буква Ф

03.01.2023 14:12
Приказна за словенската буква Ф

Глаголица, најстарото сочувано словенско писмо


Кирилица, словенско писмо настанато врз основа на грчкиот

 

Кога Солунските браќа Кирил и Методија во 863 година со учениците тргнале во Великоморавското кнежевство за да ја шират писменоста на словенски јазик, чија азбука ја уредиле во Цариград, на повик на славниот кнез Растислав, најпрвин го превеле богослужбеното евангелие. Подесувајќи го народниот словенски израз според книжевниот грчки, каде каде поразвиен, составиле список од четириесетина глаголски (подоцна кирилски) букви, меѓу кои се нашле две за бележење на гласовите кои Словените не ги познавале: ѵ („ижица“) и ф („фи“).

Гласот /ф/, имено, не бил дел од прасловенскиот гласовен систем, па во време на предписменоста се слушал само како исклучок, во слојот зборови што се врзувале за ономатопеи (извици кои имитираат звуци од природата, на пример, фиу, фрк). По доаѓањето на Словените на Балканот овој глас, поради географската блискост со несловенските јазици и општите меѓујазични влијанија на ниво на речник, полека почнал да влегува во системот и да се стабилизира во него (иако во народните гласови до денес често се заменува со гласови кои му се блиски според местото на изговор, /в/ и /п/: на пример, фуруна - вуруна, фајде - вајде, ферман - верман, а особено во личните имиња: Филип - Пилип - Вилип, Стефан - Степан - Стеван итн.).

Благодарение на непрегледната преводна литература од „светите јазици“ - хебрејски, грчки и латински - многу зборови на /ф/ се преземени непосредно во старословенските ракописи оти за нив немало соодветни преводни решенија (фарисеј, фратар, филозофија, а Свети Кирил пред замонашувањето го носел световното име Константин Филозоф), па уште тогаш овој глас бил сосема одомаќен кај нас.

Неговата распространетост во речникот особено пораснала со прифаќањето на мноштво турцизми од 15 век натаму (фес, филџан, фишек, фереџе, фитиљ...). Во меѓувреме територијалните и културните врски со унгарскиот (фрула, филир, фиока...), германскиот (фајронт, фали, фаличен, фалта, фалш, фарба, фах, федер, фелна, фен, флаша, флека...), францускиот (фасада, фељтон, фиакер, фолија, фотелја, фрапантно, фротир...), италијанскиот (фаворит, фатаморгана, фаца, фешта, фонтана...) и други странски јазици, го збогатиле фондот на зборови користени од овдешното словенско население.

Извор за текстот: Политикин забавник
Избор и превод: П. В.

ОкоБоли главаВицФото