Главолом шампионите за 2022!

03.01.2023 13:39
Главолом шампионите за 2022!

 

Триесетината највпечатливи изјави од 2022, од нашата рубрика „Боли глава“, ги поделивме во пет делови. Во првиот дел се вистинските шампиони, петте најглупави изјави од македонските политички редови. Потоа следуваат најидиотските изјави на Бугари, по повод бугарско-македонскиот спор, па неколку аспирински изјави од Македонци, за истиот спор. Во четвртиот дел има неколку гледања на војната во Украина, а во петтиот дел се главоломите и аспирините на слободни теми.

 

Главолом шампионите за 2022

Неверојатна комбинација на многу мал број одбрани и до перфекционизам синхронизирани зборови и мисла ставени на хартија, како најмилизвучна музичка композиција во која се ужива со затворени очи. Неверојатен талент!
Никола Груевски, поранешен премиер и криминалец во бегство, во текст за Кочо Рацин; Фејсбук, 23.12.22.

 

Слободно нека творат. Но, да се твори во духот кон тоа што ќе ги расположи народот и публиката. Не нешто што повторно ќе го врати народот назад, кон едни мрачни времиња каде што навистина не видовме ништо добро.
Бисера Костадиновска-Стојчевска, Министерка за култура; VOA, 04.08.22.

 

Мицкоски ми се закануваше:„Кога ќе бидам премиер, ќе те влечеме по улици“.
Данела Арсовска во „Само интервју“ на ТВ Канал 5; 15.12.22.

 

Не мора да се сложуваме со тоа што го правеле претходниците, во историска смисла на зборот, кога раководеле со претходниците, па и денеска со современото ВМРО-ДПМНЕ. Ќе поминат децении од денеска, па можеби некој и од нас ќе се оградува. Не значи дека ние се сложуваме со тие (на Ванчо Михајлов) политики. Но, тоа е еден континуитет којшто ВМРО-ДПМНЕ го има преземено и тој континуитет треба да се почитува.
Христијан Мицкоски одговара на новинарското прашање зошто се залага за затворање на клубот „Цар Борис“, а не го прави истото за клубот „Ванчо Михајлов“; Канал 5, 10.11.22.

 

Нашата европска интеграција, зборувам за Северна Македонија и за Албанија, е заложник на Бугарија. Таа наша европска интеграција е сведена на зборување за историја, што практично сите земји од Европската Унија гледам дека го оправдуваат.
Димитар Ковачевски на самитот „Македонија 2025“, 18.05.22.

 

Бугарските главоломци

Во интерес на Македонија е да остане ветото, за да ја научи вистинската, а не измислената историја.
Екатарина Захариева, поранешната бугарска министерка за надворешни работи; МКД, 16.06.22.

 

Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот, на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, да си најдат место во ЕУ.
Румен Радев, претседател на Р. Бугарија; Дојче веле, 17.05.22.

 

Ако името на клубот „Цар Борис Трети“ е проблем, тогаш гимназијата во Скопје што го носи името „Јосип Броз Тито“ е многу поголем проблем.
Николај Милков, бугарски министер за надворешни работи; 360stepeni.mk, 05.10.22.

 

Службите во Република Северна Македонија се филијала на српските, кои пак се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ.
Росен Плевнелиев, поранешен бугарски претседател (2012-2017); Дојче веле, 21.01.22.

 

Ако добро се сеќавам, Ковачевски ги носеше кафињата додека траеја средбите на бившите премиери Бојко Борисов и Зоран Заев. Носеше папки, работеше некои бирократски работи, нешто како машка секретарка. Тоа е задачата на сите исполнувачи на туѓа волја. Тој е само фасада, тој ја исполнува волјата на Белград и на Кремљ.
Ангел Џамбаски, бугарски европратеник; Плус инфо, 17.10.22.

 

Кога Бугарија ќе изгради универзитет во Скопје, универзитети во Битола и уште три други града, да отвориме неколку гимназии и неколку основни училишта. Тоа чини пари. Ете ви буџет. Ако треба една милијарда, ако толку ни е важна таа Македонија, да извадиме една милијарда и да платиме за тие училиште. Да одиме со бугарски учебници во овие училишта и да престанеме да им бараме на Македонци да си ги сменат своите учебници затоа што не ни се допаѓаат. Ќе кажеме дека доаѓаме ние, со бугарски учебници, тие деца ќе учат според нашите учебници. Следствено, тие деца што ќе учат по наши учебници, сосем природно ќе посакаат да станат државјани на Бугарија и сосем природно ќе се идентификуваат со бугарската свест и култура. Ова е нешто што може дасе постигне за не повеќе од 10 години. Менталитетот на соседниот народ со доволен буџет може да се смени.
Соломон Паси, поранешен бугарски министер за надворешни работи; Македонски весник, 22.05.22.

 

Македонско-бугарскиот спор, од македонска страна

На протестите против „бугаризација“ протестирале и тие од бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“! Протестираат ЗАЕДНО со Ламбе којшто им го запали клубот! А против „бугаризација“ протестираат и оние бугарски организации што се борат за правата на Бугарите во Македонија!
Ацо Лукарски, Фејсбук, 06.07.22.

 

„Украинците се Македонците на Русија“ - изјави еден поранешен бугарски амбасадор и пратеник, на бугарската телевизија на 31.01.2022.

Чекав да видам колку македонски медиуми ќе ја пофатат оваа изјава и открив само два последниве два дена. А изјавата си заслужува посебна анализа. Зошто?
Па, ако „Украинците се Македонците на Русија“, дали тоа значи дека Бугарите дејствуваат како „мала Русија“ на Балканот? Прашање кое заслужува одговор!
Жарко Трајаноски, Фејсбук, 02.02.22.

 

Mинатиот век бевме два пати под бугарска власт, вклучувајќи ги тука севкупниот политички, административен, културен и образовен живот, па не се „бугаризиравме“.
Ѕвездан Георгиевски, Призма, 18.07.22.

 

Не знаеш кој е поненормален. Дали Бугарите што бараат од Македонците да им докажат дека постојат, или Македонците што влегуваат во процес на докажување дека постојат.
Горан Михајловски, СДК, 20.05.22.

 

Војната во Украина

Луѓето, колку повеќе читаат статуси од Заев, од Али Ахмети, од Артан Груби, од Бујар Османи, од Димитар Ковачевски, од Стево Пендаровски, ‘слава Украини’, толку повеќе во знак на револт од овој политички естаблишмент, заземаат таква страна. Тоа е револтот кон политиките од оваа власт, кои се погрешни.
Христијан Мицкоски, ТВ Сонце / Дојче веле, 01.03.22.

 

Русија ја нема ослободено Македонија од отоманскиот јарем (како што ја има „ослободено“ – и окупирано – Бугарија). Русија ја нема создадено македонската држава (како Кнежеството Бугарија). Руски трупи немаат учествувано ни во ослободување на Македонија од фашизмот (делумно учествуваат бугарски трупи, согласно договорот од Крајова помеѓу Тито и Терпешев). Македонија никогаш не била дел ни од Советскиот „лагер“, како што беше Бугарија. За каква „заедничка религија“ зборува Лавров, кога Руската православна црква со децении не ни помислуваше да ја признае МПЦ?
Жарко Трајаноски, Слободна Македонија, 23.07.22.

 

Нашите подморници се способни да лансираат преку 500 нуклеарни боеви глави, што го гарантира уништувањето на САД и на сите НАТО земји. Ги имаме и најбрзите стратешки бомбардери на светот.
Зошто ни треба светот ако Русија не е во него?
Дмитри Кисељов, новинар и ТВ водител кој се смета за водечки глас на Кремљ; Вести недели, 27.02.22.

 

Имаме предлог за западните влади - наместо да им го земаат богатството само на руските олигарси, како би било да им го земат богатството на сите олигарси?
Радничка фронта, Фејсбук, 04.03.22.

 

Денес, проблемот не е балканскиот национализам, туку национализмите на ЕУ.
Еди, Рама, премиер на Албанија; Фајненшел тајмс, 17.01.22.

 

Прав македонски патриот навива Путин да почне да рока атомски бомби.
Ваљда зашто се доживува себеси ко бубашваба?
А можда и стварно е!
Кирил Арсов, Фејсбук, 23.09.22.

 

Други главоломи и аспирини од 2022

Ееее Ленине, Ленине! Во 2017-та со своите моторџии „Ноќни волци“ беше дел од контрапротестите на ВМРО-МВРО против „Тиранската платформа“. Протестите кулминираа со крвавиот 27 април.

Сега, на блокадите со твоите приватни автобуси во Скопје – си врзал албански и македонски знамиња!
Петрит Сарачини, Фејсбук, 29.11.22.

 

Интересно, Мијалков се шета наоколу, а Јанкуловска си седи во затвор. Изгледа ова по принципот кој повеќе украл повеќе може да плати и да си ја купи слободата?!

Се разбира, за финкционерите од ДУИ ова не важи, тие живеат во паралелна реалност во која се заштитени од било каков прогон за било какво криминално дело.
Мирјана Најчевска, Фејсбук, 12.11.22.

 

Се распаѓа Театарот. Се распаѓа Уставниот суд со Археолошкиот музеј. Се распаѓа Плоштадот. Се распаѓаат фонтаните. Се распаѓа МЕПСО. Се распаѓа фасадата на Владата… Крадено е. Без усул е крадено. Во други земји ќе ги фатат политичарите за корупција, ама ќе им останат патиштата, железниците, аеродромите, пристаништата, државните објекти. Ние останавме и без пари и без театар, и без музеј, без Универзална сала, без пат кон Охрид, без железница, без пошта, без плоштад, без јавен превоз… И без главниот крадец останавме. На СДСМ и тоа му успеа – и тој да им избега. Па сега нека им се нуди од Будимпешта да им кречи.
Горан Михајловски, СДК, 25.11.22.

 

Центар на Скопје, студени станови, црни темници, смрдливи влезови и соблазни паркинзи, одвратни програми, вести, дебати, емисии и серии,.. бесрамни политичари, трговци - воени профитери, лаги и флоскули ни татнат и нѐ центрифугираат низ домовите дури и кога ќе ги исклучиме телевизорите и машините... Добредојде, иднино!
Оливера Ќорвезироска, Фејсбук, 03.10.22.

 

Македонско државно здравство: те гледа ко да си му дошол од курќејф, да фрлаш упути ко конфети, да чекаш редови место да идеш у парк да прошеташ, да им јадеш од апоите чисто онака од мерак. Никако не му текнуе дека си дошол со проблем, мака и болка.
Јана Јакимовска, Фејсбук, 12.11.22.

 

Партијата „Левица“, денеска во Македонија е десница, и екстремна десница. Партијата „Левица“ денеска во Македонија е она што е Ле Пен во Франција и она што е „Самоопределување“ во Косово. Тоа е „Левица“.
Бранимир Јовановиќ, Во центар (тв емисија), 20.11.22.

 

Кога ќе видам кого сѐ канат по медиуми, од сегашноста, а богами и од минатото, кој сѐ се дрзнува да анализира и кажува како било, како е и - пострашно - како треба, чија активност по социјални мрежи и секој можен статус од дијаспора ревносно се следи, кого сѐ амнестирала оваа пуста држава што апла, што на подзамижано, да ви кажам, ич не ме чуди кај сме.

Кога оние кои во една демократија и во една макар пристојна правна држава припаѓаат на маргините вие ги топорите на врвот на општеството - што ви останува тогаш и од врвот и од општеството?
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 04.11.22.

 

Со вадење пиштоли на маса, со разни видови закани за одмазда, се изнудуваат најблагоугодни привилегии – чиниш ја живееме добата на најбруталната и најпримитивната првобитна акумулација од историјата на човештвото. Нашиот Левијатан е сосема издишан. Веќе не се знае што е фукција на највисоката држава, што на локалната власт, што е јавен домен, што приватен.

Судовите сé помалку се место на раздавање на правото и правдата. Се претворија во кванташки пазар, каде сѐ зависи од случај до случај, од понудената откупнина за злоделото, каде со пари и позиција може да се добие сѐ, освен да се стигне до правдата. Монополот на примена на сила сѐ повеќе се истргнува од рацете на државата, се пренесува или узурпира од разни поединци и групи од другата страна на законот.
Петар Гошев, Дојче веле, 10.09.22.

 

Ние Македонците сме емоционални луѓе, ние Македонците сме патриоти, ние си го сакаме својот македонски јазик и држава, својата македонска нација и сето она што е свето и македонско, бидејќи тоа го примивме од нашиот свет апостол Павле, кој шеташе и чекореше по оваа света македонска земја. И затоа, примајќи ги овие свети молитви од овие наши дедовци и прадедовци, длабоко од душата и срцето верувам дека нашиот претседател на најголемата и најсвета партија ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, сè ова што го дадовме, верувам дека ќе го вратиме назад. Првин со него, а потоа и со Божја помош. Бог и мајката Божја Богородица ќе му помогне него и на сите негови соработници на сè она што е свето македонско, национално, да го врати назад и нема да дозволи некој што не ја чувствува Македонија национално да ја одредува судбината на нашата света земја.
Агатангел, митрополит на МПЦ; говор на „Свети Трифун“, 13.02.22.



Слики:
Henning Wagenbreth

Досегашните Главолом шампиони (2009-2022)

ОкоБоли главаВицФото