Како се гласа класа?

04.01.2023 02:17
Како се гласа класа?

Класата во современата политика не е оперативна ни како поим ни како лост за дејствување. Организирана работничка класа политички не постои, а со самото тоа ни оние на малку повисоките класни нивоа немаат потреба експлицитно да се постават во таквиот наводно архаичен конфликт. Секако, тоа не значи дека конфликтот не се одвива, но повеќе по инерција, без присила, како што би рекол Маркс. И покрај изостанокот на видливи димензии на конфликтот, класата потивко ја диктира дискусијата. И тоа главно така што различните визии за работничката класа, под шифрата народ или обичен човек, служат како морален ориентир или критериум за своевидна политичка вистина.

Повикувањето на замислен народ или осудувањето на оние кои на кој било начин го лажат или загрозуваат тој народ, спаѓа во најзачестените формули за влегување во политичкиот простор или барем одржување на работната температура. Обичните луѓе, често етнички или расно дефинирани, за разлика од елитите, ги живеат своите животи, сметаат нивните политички заштитници, без екстравагантни хобија и навики кои исклучиво се резултат на привилегиран статус, вишок слободно време или докажување на културна супериорност. Во овие екстравагантни хобија и навики спаѓа сешто и нивното „лукаво“ осудувачко поврзување е темел на успешноста на политичките авантури на таканаречените десни популисти, но и циниците. Па така нема никаква разлика помеѓу луксузната потрошувачка, поткупувањето на политичарите, читањето Кнаусгор, грижата за екологијата или пак грижата за менталното здравје.

И покрај тоа што грижата за менталното здравје сè повеќе го губи статусот на општествено табу, таа сè уште примарно се смета за дел од „стилот на живот“ на повисоките класи. Во најдобар случај се толкува како привилегија - тие имаат пари и време да се занимаваат со тоа - а во најлош како екстравагантно хоби: измислуваат глупости за да се прават важни. Причината зад навидум парадоксалниот истовремен процес на губење на претходнот статус и издржливоста на предрасудите се наоѓа токму во начинот на кој се настојува тој статус да се собори или елиминира. А тој начин, пред сè, е одреден од индивидуализацијата на менталното здравје: на сите може да им се случи болест и никој не е сигурен. Третирањето на проблемот на менталното здравје во социјален вакуум дополнително се нагласува со воведувањето „вистинска“ научна реторика која зборува за хемиските процеси или за дел од мозокот задолжен за ова или она.

И нема ништо формално неточно во тврдењето дека проблемите со менталното здравје можат да му се случат на секого. Меѓутоа, нивоата на изложеност на ризик не се исти за сите. На пример, британските истражувања покажуваат дека пандемијата и локдауните поизразено влијаеле на менталното здравје на сиромашните, како и дека употребата на антидепресиви најмногу пораснала во економски и социјално најдепривираните региони. Всушност, тоа е сосема разбирливо: луѓето кои секојдневно се соочуваат со стрес заради најосновните егзистенцијални прашања се поизложени на ризик од послабо ментално здравје. Споменатите податоци и оваа здраворазумска интуиција во себе носат мошне јасна консеквенца: проблемите со менталното здравје не се лоцирани во поединецот туку во општествено-политичкото опкружување. И со самото тоа решенијата не се исцрпуваат, како што неодамна појасни клиничкиот психолог Сана Ахсан во Гардијан, во индивидуализирани психотерапии, иако тие сè уште се неизбежни, туку во менувањето на општествените услови кои ги генерираат проблемите.

Обичните луѓе кои добро ги поднесуваат сите проблеми не се гаранти или чувари на политичката вистина туку жртви на политичките и економските односи на моќта. И со самото тоа ни менталното здравје не е екстравагантно хоби на богаташите и оние кои немаат попаметна работа, туку пресудно општествено прашање во кое незанемарлива улога играат и класните поделби. Сметањето на грижата за менталното здравје за хоби на општествените елити неодоливо потсетува на пропагирањето ставови за велосипедските патеки во Загреб како хоби на средната класа додека на врата ти ѕвони Непалец со велосипед и доставена храна. Таквите измислени класни поделби само покажуваат дека политиката е невозможна без класната димензија и дека всушност десницата со нејзиното измислување не прави ништо друго туку паразитира на немоќта на левицата да ги политизира конкретните класни поделби.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Joshua Flint

Извор: https://www.bilten.org/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото