1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Стојче Трајанов од Чешиново има завршено музичка академија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип на отсек етнокореологија, а во неговото семејство е четврта генерација која се занимава со сточарство.
„Со сточарство се занимавам од мали нозе, бидејќи фамилијарно и од страна на татко ми и од страна на мајка ми јас сум четврто колено што се занимава со сточарство. Сме имале секаков вид добиток, но традицијата остана само кај овците, бидејќи тоа ни е во крвта. од тоа зависиме и живееме. Одгледувам околу 150 грла овци, повеќето од сортата овчеполка, која ми е најомилена и една од поотпорните раси. Околу стоката баба ми и дедо ми највеќе ми помагаат, но во домен на нивната сила, бидејќи се накај 80 години. Да бидам искрен, се плашам да продолжам да одгледувам бидејќи сите знаеме какви се условите и цените кај нас.“, вели Стојче.
„Објектите ни се малку застарени, од дрвена конструкција, тоа е и една од причините поради кои немаме капацитет за зголемување на стадото и кои не дозволуваат пристап до механизација за да можат објектите полесно да се исчистат или да се нахрани стоката.“, вели Стојче.
Семејството на Стојче произведува волна, млеко, сирење, урда и секако, продаваат јагниња.
„Не знаеме поради која причина волната не се откупува и веќе неколку години стои неоткупена и ни зафаќа простор во магацините. Јагнињата повеќето ги даваме во кланица.
Млекото исто така поголемиот дел го даваме на млекарница, а сирење и урда правиме за домашни потреби и за блиски луѓе.“
Стојче е член на Здружението „Млад сточар“ и смета дека форморањето на ова здружение е одлична идеја за да се слушне гласот на младите сточари, каква мака имаат и со кои предизвици се среќаваат.
„Од здружението очекувам запознавање со нови членови, размена на мислења, мило ми е што сите заедно решаваме некој проблем и заедно би биле посилни во смисла секој сам и да се побуни за било што никој нема да му го слушне гласот. Додека сите заедно обединети, ќе знаеме за сите случувања и за сите Ипарди, па и други фондови за да можеме да искористиме некоја од тие програми.“
Стојче смета дека поразително е тоа што младите сѐ помалку одбираат да се занимаваат со земјоделство и сточарство.
„На сите оние што се занимаваат со одгледување животни, би им рекол да се живи и здрави, да не се срамат од работата што ја работат, да ја работат со љубов, да бидат смели во секој поглед и да ги учат нивните поколенија да се занимаваат со оваа гранка на опстанок, која да се надеваме ќе го најде светлиот пат и во нашата преубава држава.“
Македонската традиција Стојче ја зачувува и со негување на гајдаџиството, како дел од Гајда трио.
Извор: Агротим