1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Пред неколку години американскиот психоаналитичар Џорџ Атвуд напиша интересен, но и многу духовит текст за психолошкиот проблем што го нарекуваме „биполарно растројство“ или „манично депресивна шизофренија“.
Во својот текст, Атвуд зборува за мрачниот свет на „духовите“ и „демоните,“ често споменувани од страна на неговите пациенти во состојба на психоза. Тој се прашува, од каде доаѓаат овие „духови“ и другите суштества кои заплашуваат и прогонуваат многу луѓе кога се во состојба на криза? Според Атвуд, „духовите“ не се ништо друго туку последица на феноменот кој го знаеме како - „биполарно растројство“.
Атвуд, во својата статија, на многу духовит начин ја развива теоријата на американскиот психоаналитичар Хајнц Кохут за потиснатите амбиции и идеали кои управуваат со нашите животи. Сите тие нереализирани и негирани амбиции и идеали, кои живеат некаде во длабочините на несвесното, Атвуд ги нарекува - „духови“. Очигледно, Џорџ Атвуд не верува во постоењето на духови, туку овде ги користи како метафора за да ги објасни феномените на проекција и отуѓување.
Во продолжение следи текстот на Џорџ Атвуд:
„Биполарното растројство и светот на духовите“
Духови не се душите на покојните. Духовите се виртуелни личности, аналогни на виртуелните квантни честички во физиката, кои всушност и не постојат во реалниот свет, но сепак имаат извесно влијание врз светот. Виртуелни личности, духови и демони, се всушност сите можности, сиот потенцијал на она што би можеле да бидеме, односно сè што сме биле и што сме можеле да станеме. Поточно, тоа се сите оние можности на кои никогаш не им е дозволено да станат реалност.
Еве, таков е духот - лекарот Џорџ Атвуд, кој ѝ бил верен на лекарската професија во текот на целата своја кариера и кој го направил својот татко многу среќен и горд. Но, постои и радикален анархист кој исто така се вика Атвуд, кој го посветил својот живот на уништување на сите постоечки општествени структури.
Накратко, ние сите живееме со своите сопствени нереализирани можности, а тие често нè посетуваат, дури и нè напаѓаат, понекогаш и многу одмазнички. Поразговарав за тоа со еден мој познаник, брилијантен психијатар, а тој ми рече дека смета оти таканареченото „биполарно растројство“ е всушност последица од ненадеен продор на силни духови, односно продор на неостварени можности од минатото, кои силно биле порекнувани.
Неговата идеја ми изгледа многу интересна, па решив да го интервјуирам. Ме замоли да не го откривам неговото име за да може слободно да зборува.
Разговор
Џорџ Атвуд: Значи, ти тврдиш дека биполарно растројство создаваат духовите од минатото?
Д-р. Е.: Секако! Човекот минува низ животот, но можноста кој таа личност можела да стане, одеднаш собира сила и се пробива во сегашноста. Духот е роден!
Г.А.: Но, што е со старата теорија дека манијата претставува одбрана од депресија?
Д-р Е.: Па, воопшто не. Има ситуации кога човек бега од нешто навистина депресивно и, во жарот на тоа бегство, паѓа во привремена еуфорија. Но, ако зборуваме за вистинска манија - тоа е сепак нападот на духови.
Г.А.: Не разбирам, од каде дојде тој дух?
Д-р. Е.: Доаѓа од „потиснатата можност“ која не само што не била реализирана, туку била заборавена. Тој потенцијал не само што не бил препознат - бил уништен!
Г.А.: Но, што ја уништува таа можност? И, тогаш, што го охрабрува таквиот дух за напад?
Д-р. Е.: Личноста која страда од напад на духови прави две работи. Прво, таа по секоја цена го уништува својот потенцијал, ѝ забранува на можноста да се оствари, да се материјализира во реалниот живот. Подоцна „заборавената можност“ го возвраќа ударот, ја презема контролата и на тој начин целосно го крши умот на таа личност.
Г.А.: Значи, сето тоа е поврзано со суштината на карактерот на една личност?
Д-р. Е.: Да, се раскинува суштината на карактерот. Ова раскинување најпрво се одвива преку расцепување на себството. Амбициите и идеалите, кои треба да бидат усогласени и во дијалог, сега се во судир, во конфликт. Првиот дел од личноста често го уништува вториот дел, но вториот дел подоцна се враќа за да се одмазди. Внесува експлозивен набој во малиот свет на првиот! И така почнува инвазијата на духовите!
Биолошки модел
Г.А.: Но, како што гледам, твојата теорија е во спротивност со сите модерни теории за генетската и неврохемиската основа на биполарното растројство, нели?
Д-р. Е.: Сè е тоа глупост! Тоа го знам, тоа е мое поле на интерес во кое работам половина век. Тоа е вистинска срамота, биолошкиот модел. Тоа е нешто што еден ден ќе се нарече - мрачна ера ва психијатријата.
Г.А.: Зошто ќе ја наречат мрачна ера?
Д-р. Е.: Зашто идејата за мрачниот среден век зборува за време на суеверија и недоразбирања. Она што во современата психијатрија е претставено како просветлена наука всушност е вид магично размислување. Тоа е парадокс, истовременото постоење на душата и биолошкиот модел. Дух и хемија. Но, тоа не е така. Биполарното растројство е предизвикано од духови, како што реков претходно, и овие духови доаѓаат вооружени со експлозиви.
Г.А.: Тогаш зошто овие паметни луѓе веруваат во магично размислување? Од каде потекнува верувањето дека биологијата е клучот за сè?
Д-р: Е. Пријателе мој, одговорот се крие длабоко под површината. Таму ќе најдете барикади против истите духови за кои зборуваме. Тоа се барикади во мрачните области на медицинските лица. Знаеш ли ти низ што сè поминува личноста која мора да издржи и да преживее медицинска обука? Таквото образование е како парна локомотива која ја гази личноста. Секоја трага на бунт и отпор мора да исчезне. Што често и се случува, бидејќи тоа е продолжение на првобитното дробење на душата што се случило многу одамна, во детството. И така лекарите се бават со рушење и уништување духови. Тие вложуваат многу труд да го негираат нивното постоење. Најлошо од сè, тие тураат отров во телата на оние во кои живеат духовите. Тоа што се случува е страшно.
Г.А.: И ти си доктор, како ја избегна таа ситуација?
Д-р. Е.: Јас имам поинакво минато.
Духови
Г.A.: Можеш ли да ни кажеш уште нешто за духовите?
Д-р. Е.: Духовите се насекаде и контролираат речиси сè.
Г.А.: Дај ни пример каде се сите тие духови.
Д-р. Е.: Ајде добро. Прво, не само што постојат духови на нечии нереализирани можности, туку постојат и стопираните можности на сите луѓе што сме ги изгубиле. На оние сакани души кои умреле, а немале шанса да ги исполнат своите сништа. Тие духови доаѓаат кај нас во мрачните моменти, а нашето страдање, заедно со нивната неможност да бидат живи, станува неподносливо. Токму во тој момент во нас влегува духот на починатиот и се претвора во наша смисла на животот. Многумина од нас се населени со такви духови. Честопати таквиот дух, окупатор, го презема телото на друга личност. И што е најлошо од сè, нереализираните можности на таа личност даваат импулс за создавање нов дух. И така настанува дијалектички процес, дух против дух, до бесконечност.
Г.A.: Те молам, продолжи да зборуваш.
Д-р. Е.: Духовите на мртвите често напаѓаат мали деца. Познавав момче чие тело беше преземено на таков начин. На седумгодишна возраст видел како неговиот брат го удира автомобил и како тој умира. Неговиот постар брат бил прво дете на нивната мајка и нејзино милениче. Подоцна тој кобен ден, помалиот син влегол во затемнетата просторија во која мајката лежела и плачела. Мајката го забележала, а од нејзината уста излегле страшни зборови: „ЗОШТО НЕ БЕШЕ ТИ?
Подоцна истата ноќ момчето имало чудна визија: стоело во пештера, длабоко под површината на земјата. Невидливи раце почнале да ја обликуваат меката земја во човечка форма, во нозе, раце, гради, глава, сè додека не настанал џин. Тој џин бил душата на неговиот мртов брат, која се вратила во живот во неговото седумгодишно тело, и оттогаш тој живеел за двајцата. Сопствениот сјај и светлината на момчето се изгаснале еднаш засекогаш. Многу тажна приказна.
Креативност
Г.А.: Кажувај ми уште за духовите.
Д-р. Е.: Духовите понекогаш се активно вклучени во креативноста; всушност, без духови можеби никогаш ништо не би било створено и светот би се замрзнал во повторување на истите модели.
Г.А.: Сега мораш тоа да ми го објасниш.
Д-р. Е.: Дух ќе нападне некого, ќе го истурка надвор, а избрканата личност сака да се врати назад. И така, таа слика слики. Но, сликите кои таа ги слика би можеле да бидат слики на нејзината сопствена отсутност, што всушност е многу добро. Сликарот Ван Гог може да го потврди тоа со неговата слика на празен стол. Како и во тажната приказна која штотуку ја раскажав, во Ван Гог бил населен духот на неговиот постар брат кој починал. Дури му го дале и неговото име. Неговата сопствена светлина се придушила и почнала да згаснува. Меѓутоа, на сликата од столот на кој никој не седи, таа светлина трепери и го осветлува просторот, колку и да е тоа незабележливо.
Така креативноста е осветлување на она што претходно било покриено во темнина.
Г.А.: Раскажи ни уште нешто...
Д-р. Е.: Друг пример е господинот чие име беше Мартин Рамирез. И тој беше сликар, кататоничен шизофреничар, затворен во калифорниските психијатриски болници во последните децении од својот живот. Темата која се повторува во неговите карактеристични цртежи е воз кој излегува од темен тунел на работ на планина и се упатува кон друг тунел. Во секој од овие цртежи возот изгледа како да е осветлен од сонцето, но само за момент, бидејќи го продолжува своето патување во темнината.
Тоа е воз на духови. Тоа се нереализираните можности на сопственото битие, симболизирани со кратките навестувања на патување надвор од тунелот, на сонце. За жал, на сликите можеме да видиме дека овој човек никогаш немал шанса да го реализира сопствениот живот. Поголемиот дел од животот го поминал во не-битисување. Оваа активност на цртање, за време на неговата хоспитализација, била единствениот знак дека сè уште постои скриено јадро на неговата животна сила. Излегувањето од тунелот е симбол на раѓање, искусување на животот, овојпат преку цртање. Така уметничкото дело всушност создава слика за неговата вистинска личност. Мартин Рамирез беше мала локомотива на која ѝ беше дозволено да живее, но само за момент.
Жак Дерида
Г.А.: Дај ми уште еден пример.
Д-р: Е. Францускиот филозоф Жак Дерида. И тој имал брат кој умрел набргу по неговото раѓање. Мајката на Дерида реагирала на загубата на своето дете со тоа што побрзала со следната бременост и го родила Жак. Но, таа не ја исплакала загубата на своето прво дете, а кога го видела своето ново дете, во него ја видела душата на детето кое не преживеало. Жак ја утешил својата мајка со тоа што се претворил во изгубеното дете.
Но, дали неговиот идентитет бил навистина негов? Ова прашање се провлекува низ теоријата на Дерида за деконструкцијата. Да се деконструира една идеологија, една доктрина, значи да се поставуваат прашања за сè она што на прв поглед изгледа како апсолутна вистина или природен закон. Деконструкцијата на тој начин ги поставува темелите за нова, креативна организација на светот. Дерида отсекогаш барал нови начини за раѓање на сопствената душа. Неговата приказна е тажна зашто никогаш не се реализирал целосно. Може да се каже дека и тој бил воз, но засекогаш заробен во обидот да излезе од тунелот.
Неодамна запознав жена која ми кажа дека била блиска со Дерида неколку години пред да умре. Таа ми кажа дека чувствувала како тој всушност да не бил присутен. Но, Џорџ, дојди некој друг пат, и можеби ќе ти раскажам повеќе приказни за духови или некои други интересни работи. Забавно е да се разговара со тебе, ми се чини дека си навистина заинтересиран. Не го доживувам тоа многу често.
Но, толку за денес.
Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Psihologija.eu
Слики: Едвард Мунк