Циркусот на љубовта на Стефани Џенготи

05.01.2023 14:35
Циркусот на љубовта на Стефани Џенготи

Како ќерка на стјуард и стјуардеса кои ја воделе на деловни патувања во далечни места ‒ Сингапур, Венецуела, Австралија, Индија ‒ фотографката Стефани Џенготи навикнала на живот во движење. Кога, значи, пред шест години почнала да ги следи семејните циркуски трупи ширум Европа, искуството ѝ се видело познато. „Чувствувам дека овие луѓе ми се блиски оти и самата потекнувам од семејство на патници“, вели Џенготи. „Се врзав за нив. Тоа ме потсети која сум јас.“

Трупите што ги следи потекнуваат од новата циркуска школа, во која ѕвездите на претставата се истренирани луѓе, а не издресирани животни. Додека циркусите можат да имаат неколку кокошки носилки или коњи што ги влечат караванските коли, повеќето сцени ги изведуваат уметници кои публиката ја водат низ приказната со помош на театар, музика, танц и акробација.

Кога Џенготи му се придружила на циркусот ‒ било да станува збор за мала семејна трупа едвај присутна на интернет или за претстава со бродвејски калибар со десетици изведувачи ‒ таа не сакала да брза. Пред да почне да фотографира, таа набљудува и се вклопува во ритмите на животот на пат. А кога ќе го извлече фотоапаратот, објективот го фокусира повеќе врз работата, играта и семејната динамика што се случува вон сцената, отколку врз акцијата под големата шатра.

„Претставата е нешто што сите можат да го видат“, вели Џенготи. „Она што се случува зад неа мошне малку луѓе имаат привилегија да го видат.“
Како и нејзините родители, Џенготи почнала со себе да го води и своето мало дете. Но дури и кога се враќа дома во Рим, времето поминато во циркусите ја инспирира да живее на начините кои се „поповрзани со природниот животен циклус“, вели таа. „На пример, купив земја и почнав да се занимавам со земјоделство. Почнав да работам повеќе работи кои ме доведуваат во безвремената димензија на циркусот.“



Фотографии: Stephanie Gengotti
Извор: National Geographic
Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Психологија / Живот / Уметност
Живот / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото