1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 10:42
Да се сетиме на вицот за истражувачот со домородното племе. „Дали меѓу вас има канибали?“, прашува тој. „Нема“, одговараат тие. „последниот го изедовме вчера“. За да се конституира цивилизирана заедница јадејќи го последниот канибал, завршниот чин мора да се нарече поинаку. Тоа е еден вид првобитен грев кој мора да се избрише од сеќавањето.
Така е остварена и транзицијата кон модерен правен поредок на американскиот „див запад“ преку брутални злосторства и нивно подоцнежно прикривање со митови. Како што вели Џон Форд, јунакот на вестернот Човекот кој го уби Либерти Валанс, „кога легендата ќе стане факт, официјализирајте ја“.
Но фактите кои потекнуваат од легендата не се проверливи вистини. Тие се општествени артефакти: заеднички идеи кои ја прават основата на реално постоечкиот општествено-политички поредок. Ако ги отфрлат доволно луѓе, целиот поредок би се распаднал.
Овие општествени артефакти овозможуваат првобитните гревови на општеството да останат во длабочините, од каде дејствуваат во тишина, зашто современата цивилизација сè уште се потпира на варварството. Да се потсетиме дека во Америка правниот апарат беше користен за оправдување на незаконските практики на тортура, која беше нарекувана „проширено испитување“.
Меѓутоа, сега се појавува нов вид политичкa поделба. Како што забележува филозофката Аленка Жупанчиќ во својата нова книга Нека гнијат (на која многу се потпирам во текстов) сè почесто имаме водачи кои се гордеат со своите злосторства „небаре тоа е некаков вид фундаментална морална разлика или разлика во карактерот, со еден збор храброст, јак стомак отворено да се прават злосторства“. Но Жупанчиќ веднаш додава:
„Она што може да изгледа како храбро кршење на законите, кои понекогаш од нас навистина бараат лицемерно однесување, всушност е директна идентификација со мрачната страна на државната моќ. Тоа не е нешто друго или поинакво. Тие луѓе ги кршат сопствените закони. Затоа, дури и кога се на власт, овие лидери и натаму се однесуваат како да се во опозиција, се бунтуваат против власта, длабоката држава и слично.“
Овој опис очигледно се однесува на Доналд Трамп, кој неодамна повика на укинување на американскиот устав. Добар пример е и Русија. Претседателот Владимир Путин десет месеци инсистираше дека во Украина нема војна, додека руските граѓани ризикуваа кривичен прогон ако го тврдат спротивното. Сега го прекрши сопственото правило и призна дека Русија е во војна.
Слично, пријателот на Путин, Евгениј Пригожин долго негираше дека има каква било врска со руските платеници од групата Вагнер. Сега признава дека ја основал групата, дека се мешал во изборите во САД и дека ќе продолжи да го прави тоа.
Политичките личности како Трамп и Путин храброста ја редефинираат како подготвеност да се кршат законите ако тоа е во интерес на државата или самите нив. Импликација е дека цивилизацијата опстојува само ако има храбри патриоти кои ќе ја работат валканата работа. Тоа е изразено десничарски облик на херојствo: лесно е да се биде благороден во името на својата земја, но само оние со тврдо срце се во состојба за неа да сторат злосторства.
Така зборуваше Хајнрих Химлер, архитектот на Холокаустот, во 1943 година за „славното поглавје на нашата историја кое никогаш не било и никогаш нема да биде напишано“. Прашањето било што да се прави со еврејските жени и децата. „Се определив за чисто решение“, им рекол Химлер на собраните ЕС ЕС офицери. „Не би било праведно да се истребат мажите... а да им се дозволи на нивните деца да израснат како осветници против нашите синови и внуци. Донесена е тешка одлука овој народ да исчезне од лицето на земјата“.
Во современа Русија на сила е истата идеја за оправданост на ѕверствата. На 14 декември Думата усвои предлог според кој сите злосторства сторени во Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон пред анексијата на овие украински региони, „нема да се сметаат за злосторства казниви според закон“ ако се заклучи дека се сторени „во интерес на Руската Федерација“.
Нејасно е како ќе се донесе оваа проценка, но веројатно е дека злосторствата, тортурата, силувањата, убиствата, грабежите и вандализмот сторени од страна на руските сили ќе бидат оправдани и можеби славени. Тоа потсетува на парадоксот од Антигона на Софокле, каде е поризично да се биде морален отколку соучесник во злосторство.
„Руската култура“, забележува историчарот Тимоти Гартон Еш, стана „колатерална жртва на автоканибализмот на Путин“. Затоа е „време да се запрашаме дали Путин објективно е агент на американскиот империјализам. Зашто ниеден Американец никогаш не направил ни половина од штетата што ја направи Путин за она што самиот тој го нарекува руски свет “. Во истиот тон казахстанскиот новинар Арман Шураев неодамна го укори рускиот амбасадор насилник во оваа земја: „Вие предизвикувате русофобија со своите глупави постапки... Вие сте идиоти, канибали кои се јадат самите.“
Парадоксално, руската вежба по лажна транспарентност ја прави уште поопасна мистификацијата на државната помош, со уништување на нашата морална чувствителност. Тоа покажува зошто луѓето како основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, ни се потребни повеќе од кога било. Асанж е нашата Антигона. Со години држен во притвор и изолација, во исчекување на одлуката за испорачување во САД заради шпионажа, односно заради објавување документи кои ги разоткриваат мрачните страни на американската политика. Иако можеби тоа го правеше на проблематични начини, мојата новогодишна желба е претседателот Џо Бајден да покаже вистинска храброст и да се откаже од обвинението против Асанж.
Превод: Алек Кузмановски
Мурали: Blublu
Извор: https://www.project-syndicate.org/