Климатските промени и зелените технологии на платната на големите сликари

09.01.2023 02:03
Климатските промени и зелените технологии на платната на големите сликари

Ако постои машина за патување низ времето која би можела да нè однесе во добата на Винсент Ван Гог и Клод Моне, веројатно би ни било многу тешко да им ги објасниме случувањата од 21 век: затоплување на планетата, сè пострашни последици од климатската криза, процес на фаќање јаглерод во индустриските постројки, обновливи извори на енергија и тенденција кон јаглеродна неутралност.

Меѓутоа, без оглед што големите светски сликари не се тука да посведочат на глобалното затоплување и технолошката револуција во производството на струја, благодарение на вештачката интелигенција можеме да добиеме потенцијална визија како нивните палети би ги доловиле климатските промени и енергетската транзиција.

Леонардо да Винчи

 

Леонардо да Винчи, Суша во Европа

Високи температури, големи пожари, недостаток на врнежи... Минатото лето глобалното затоплување ги десеткуваше приносите на ратарите на нашиот континент, 60 проценти од територијата на Европската унија се соочуваат со сушни услови. Ја прашавме вештачката интелигенција – како оваа потресна ситуација, која се заканува да го загрози производството на храна, би изгледала на платното на италијанскиот ренесансен сликар, Леонардо да Винчи.

Дон Кихот против ветроелектраните во очите на Пабло Пикасо

 

Пабло Пикасо, Дон Кихот во борбата со модерните ветерници

Шпанецот Пабло Пикасо ги нацрта бестрашниот Дон Кихот и неговиот пријател Санчо Панса во 1955 година – и тоа со црна боја на бела позадина, сосема атипично за него. Децении подоцна нацртаниот литерарен јунак можеби ќе трчаше во ветропарковите чии капацитети во борбата против климатските промени се зголемуваат ширум светот, затоа со помош на вештачката интелигенција го илустриравме Дон Кихот со модерните ветерници.

Третина од огромната површина на Пакистан е под вода, поглед на Едвард Мунк

 

Едвард Мунк, Поплави во Пакистан

Познатата слика на Едвард Мунк, „Крик“, сигурно добро ги доловува моменталните чувства на безнадежност и повиците за помош кои доаѓаат од устите на жителите на Пакистан додека гледаат како поплавите им ги носат домовите и блиските по силните монсунски дождови. Оваа земја ослободува само 1 процент од емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, а на своите плеќи носи огромен товар од глобалното затоплување. Еве како Едвард Мунк би ја насликал климатската катастрофа која однесе повеќе од 1 200 животи и нанесе штета од неколку милијарди евра.

Моќта на соларните панели, Винсент ван Гог

 

Винсент ван Гог, Поле со соларни панели

Сончогледите беа еден од мошне застапените мотиви на сликите на Винсент Ван Гог, а исто така во неговите дела често се провлекуваа сини нијанси. Соларните панели донекаде ги исполнуваат двете фасцинации на генијалниот сликар. Како би изгледала „Ѕвездената ноќ“ од 1889 ако станува збор за „Сончево утро“ од 2021 година?

Еве како Клод Моне би го гледал животот на планетата која се загрева

 

Клод Моне, Врел летен ден

Во најтоплиот јапонски град Кумајаги децата добиваат жолти чадори за да се заштитат од сонцето. Слични носат и жените од сликата на Клод Моне која ја создаде вештачката интелигенција кога покрај името на уметникот го внесовме поимот врел летен ден.

Сликите на Салвадор Дали често ја бришат границата помеѓу јавето и сонот, денес и утре

 

Салвадор Дали, Фаќање јаглерод

Салвадор Дали беше шпански сликар, се истакна како еден од најзначајните надреалисти од минатиот век. Пред крајот на неговиот живот на маргините на јавните дискусии почна да се појавува темата за климатските промени. На неговите платна забележливи се футуристички моменти и фаќање јаглерод како претстава за иднината. Но, всушност тоа не е нешто што го создал тој туку компјутерскиот софтвер огледувајќи се на него.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/