Куси-куси раскази, преглед 21-31 јануари (2)

01.02.2011 14:51
Куси-куси раскази, преглед 21-31 јануари (2)

Како што ветивме, денес го објавуваме вториот дел од пристигнатите раскази на конкурсот кои вчера, поради огромниот интерес за учество  (и бројката на пристигнатите дела), редакцијата на Окно не беше во можност да ги објави одеднаш. 

Славица Гаџова

Избор

Треперливи жолти точки толку ситни како нацртани со врв на молив, квадратчето од кое излегува млечно бела светлина е најблиску од сите полноќни ѕвезди на летното небо: крупна црна пеперутка ја избра мојата соба со ширум отворен прозорец. Влезе свечено и елегантно, изведувајќи две-три виртуозни танцови елипси. За момент, танцовата линија доби јасна цел: полноќната балерина влета право во една од чашките на лустерот - најблиската светлина од сите видливи ѕвезди на полноќта. Дури да трепнам, темнокадифените крилја ù се залепија за телото. Темна отсечка, како најобична нечистотија, се исцрта на гравираниот кристал со сјајно топче од сто вати во средината - најблискиот спас од мрачните понори на вселената.
Таванот е премногу висок, светилката премногу силна.

Каталог на производи

На првата страница, топло ќебе со ракави и подарок, светилка за читање. Три во еден breakfast maker, на третата. Откако печењето ќе заврши, лепчето ќе скокне. Свежо и миризливо кафе што ќе ве расони. Топол чај, засладете по желба. Од петтата страница на каталогот кон мене јури автомобил со голема брзина и јас во паника несмасно зграпчувам куп листови, стигнувајќи до празниот лист наменет за забелешки. Со тап молив цртам ѕвезди, мали и големи, далечни и блиски. Сакам да нарачам ѕвезди што мирисаат на расцутена липа, оние што се гледаат од чардакот во јунска квечерина.

Ларва

Малечка ларва од инсект на дебелиот волнен чорап. На слабата неподвижна нога ù го собувам чорапот во кој се стуткало малото месесто суштество, ситно и незабележливо, мимикрично скриено во волната. Едно тело, суво и ковчесто, веќе во распаѓање, во тесната ќелија на старскиот дом, неподвижно тело со помалку крв од магливи соништа во себе, тело кое секој ден се смалува сè повеќе, станувајќи минијатурно и проѕирно. Ларвата расте на телото што се смалува, иста боја како бабината кожа. Во старечките очи не згаснува жарот, само таму тлее копнеж кој се бори и се оттргнува од земјата со која телото сраснува. Додека телото кое станало малечко колку тело на бебе, ползечко тело кое заборавило на чекорот, сонува дека лета, на мекичкото окер суштество му растат крилца. Телото што се зголемува вдишува, телото што се смалува издишува. Бабата ги затвора уморните очи и тогаш стануваат еднакви, се претвораат во пеперутки и одлетуваат во височините.

Марија Лозаноска

***

Не верував во сказни. Ме тераа да размислувам кон подобро.
Еднаш помислив дека ме најде принцот.
Тој гледаше во таа зад мене.
Јас се поместив.
Ми рече: “На сонцето му се гледа ли во лице?”
...да продолжам да не верувам?!

Sladjamk

Кафез

Седеше затворена во кафезот, кој сама си го имаше исплетено, за да се заштити.
Седеше и молчеше со затворени очи, за да ги залаже дека спие. Обично не ја закачаа кога спиеше. Одвреме-навреме ќе ѕирнеше надвор, колку да види што прават, да не ја изненадат.
Еднаш заборави да ја затвори вратата, по ноќната прошетка, и тие влегоа. Многу се измачи да ги излаже дека заспала и дека ништо не слуша. Останаа внатре два дена набљудувајки ја.
“Знаеш колку е тешко цели два дена да се преправаш дека спиеш? Знаеш ли колу е тешко тоа да го правиш со години?“

Песна

Денес повторно бев во црква и запалив свеќи за неа, за нејзините деца и за зет ми. Повторно од Бога барав да ги заштити од болести, несреќи, таги, омрази и да ми ги доведе дома.
Тогаш ја слушнав песнава, за првпат. Повеќе не ми беше грижа што сум на јавно место и што можеби некој ќе види, ги оставив солзите да потечат.
Отсекогаш сум била слаба на некои песни. Таква сум.

Boy with no arms

По права патека, назад

Ако лавиринтите се изградени од луѓето, тогаш имаме кратка меморија. Секоја врата, нè враќа чекор во обратен правец, нашата моќ за одбирање сопствен пат е неминовно мала. Ги заборавам моите претходни чекори, како што немаш можност да се сетиш на моментот кога за последен пат ги затвараш очите. Ако погледнам назад и успеам да се телепортирам во тоа време, ако поставам цвеќе на сите гомна што сум ги направил,ќ е ми опростите? Ги поминав сите ѕидови што ми ги поставивте, поставивте претешки камења за моите плеќи да ги носат, но носев. Но, ако моето срце преполно со рани е, ќе можам да го сменам ли? Ако ги симнам сите симболи кои што означуваат моќ, ќе можам ли да живеам? Јас да, ти не. Таму доле, каде што клетниците ви поставуваат крст, ве распнуваат со последните небесни глетки.

Нели?

Каде е главната улица?

Од рацете почнаа да ми излегуваат глави од млади дечиња, се прашувам дали е тоа само зашто се изгубиле во градот на вените, изгледа автопатот ги однел во погрешна насока, место во стомакот да живеат и да се формираат како личности кои ќе ја исцрпуваат својата енергија преку веќе изградено тело, тие сакаат надвор? Секоја вечер ве бакнувам, што е проблемот? Само што тоа е како да направиш пакт со трагедијата, после првиот пат ме задржавте во вашата мрежа, а требаше јас да бидам господар. Исто лице, повеќе луѓе. Место водење љубов, обезглавување. Пробав со ножот од кујна да се ослободам од нив, но што постигнав? Со тоа што го направив, само половина од моето тело (и дело) и полов орган отидоа во неповрат. Сега сум бескорисен, нели? Па, знам дека сум. Не ми треба твојот поттик за понатаму, за што ќе ми е? Која би сакала да спие и да ги подели убавите моменти со мене сега? Со пола човек?

Сакам да сум краток, ама не знам дали сум јасен

Светот го почна последниот круг наоколу, но овој пат по туѓ редослед. Тоа е сигурно зашто ти кажав "те сакам". Тоа се случи покрај колипката на разурнатите соништа, покрај мојот и твојот сон. Жал ми е. Знам дека тоа што го имаме сега, не ја посети таа колипка, се соочивме со болката дека ние сме само секојдневие, нешто што го правиме зашто мораме, не сме избор. Последниот чекор што ми фали за да го поминам подот од стокатницата и да се најдам во воздух е твоето тело, јас нема да те згазам. Зошто ме попречуваш? Лавиринт со многу излези, но кој од кој пострашен. Тоа ми нудиш, твојата рака беше изгравиран еден знак, одмазда. Супер.

Маја Мојсова

Една (не)класична радио најава

Ако го допрете тјунерот со намера да смените фрекфенција, постои можност во блиска иднина да страдате од нагласено чувство на вина. Луѓе кои мислат дека знаат да пеат, Ве очекуваат да Ви ги претстават преку мене своите нови изданија. Луѓе кои се навистина квалитетни имиња во музиката, против своја волја, но по мој избор и на мое големо задоволство, ќе Ви ги пуштам во продолжение, да Ве малтретираат со своите одлични вокали и мелодии.
И додека го слушавте ова, не ни знаевте дека вонземјани преземаат инвазија, а јас како една од нив, намерно Ви го одземав вниманието, за да не сте директни сведоци како други интелигентни вон-световни форми воспоставуваат контакт со Вас. Заробени сте во Мојот свет...
А СЕГА, “CUT THE CRAP“, СТВАРНО ИМАМ ЕДНА ДОООБРА ТРАКА ЗА ПОЧЕТОК ДА ВИ ПУШТАМ! :)

Овој сон ти ми го прати

На знаев дека заталкав. Само ми се причини дека влегов во нечиј сон. Без да прашам.
Има денови кога сонот ми бил број еден непријател, кога сум била гадно нестрплива да заврши, да го фрлам во несеќавањата (или заборавот беше?).
Овој пат, чудно, не сакав за ништо на светот да избегам од сонот. Зошто?... Знаеш ти. Овој сон ти ми го прати.

Скопје-Охрид

Лос Анџелес, Верона, Берлин, Мадрид, Њујорк, Чикаго, Манчестер. Имам зацртано во својата глава сосема поинаков редослед на овие драматични, футуристички, авантуристички, повеќе од само убави градови. Но нека остане вака... Дали спомнав предизвикувачи на воздишки? И тоа...

***

На памет ја знам секоја карпа, диво цвеќенце, “крпеница“ на патот, ... на релација Скопје-Охрид. :(

Zhaa-G00BAR

Нова младост

Пред да се види со своите мртви другари од Староград, Г. Бездомниковски пробуричка низ контејнерот А. Најде најлонска кеса во која имаше празно шише црвено вино, шамичиња со сперма и пубични влакна, пепел, неколку трошки медени срца и фас или два. Ја стави на носот, вдиша длабоко и воздивна: „Слобода!“

Лидија Каранфиловска-Жикиќ

Старецот

Обожавам кога остареното, збрчкано лице на селанецот (кој случајно поминува на улицата кога јас одам на пазар, заедно со моето младунче кое седи позади мене на велосипедот) е осветлено со искрена насмевка кога ми вели: ”добро утро”...и сите брчки на неговото лице се распоредуваат по некој само за нив разбирлив, мистериозен ред, и за момент само... тој веќе не е стар. За момент краток еден, тој не е старец.

Викторија Ристова

Јас, тишината и осаменоста

Тишината ја краси темнината која бесрамно ја исполнува мојата соба. Заедно со мене таа чека нешто. Ги чека ѕвездите да ја избркаат темнината. Седи до мене на другиот стол, седиме заедно пред прозорецот. Ја бараме месечината. Потребно ни е нејзиното лице, потребна ни е и на двете за да го раздроби мразот насобран на секој ќош од тажната соба. Каде е? Очајни сме, ја бараме, ги бараме и ѕвездите и месечината. Ги нема. Одеднаш небото пушти нешто. Нешто ситно. Нешто бело. Ах, снег. Уште тој фалеше да го истакне сивилото надвор. Тивка ноќ, празни улици, исушени дрвја и студенило кое опустошува. Некое скитничко куче таму некаде во далечината беспомошно лае, но набргу исчезнува. Останувам јас во мојата мрачна соба, но не сум сама. Со мене е и тишината. Гледаме нагоре, замрзнатото стакло и неговите кристали не ни пречат во исчекувањето. Каде се ѕвездите? А месечината? Нечиј тропот ме прекинува. Од очите на тишината се чита доаѓањето на сомнежот. Тропа осаменоста. Добредојде, влези, седни на оној стол. Сега сме комплетни. Сите сме изморени, разочарани и тажни, но се уште чуваме капка надеж. Доволно е. Сега заедно ги чекаме ѕвездите и месечината, јас, тишината и осаменоста.

Александра

Мајка

ќерката: Мамо,дојди да те гушнам!
мајката: Сине, гледаш дека имам работа преку глава, а и брзам!
ќерката: Мамо, имам нешто да ти кажам.
мајката: Леле, каде ми е ташната? Бргу, трк до дневната, на столот е!
ќерката: Ме слушаш ли?!
мајката: Сине, ти кажав пред малку дека немам пари. Сестра ти ми го испразни паричникот. Ајде, одам, се гледаме!
ќерката: Те сакам!
мајката: И јас, и јас! Чао!

В15205

Овој град

Овој град со инфраструктура на планини и котлини во размер 1:10 000 беше премал да ја собере целата моја љубов за тебе.

Сања Алексовска

Писма до Северен Пол

Ристо Малев е поштар. Тој секоја година добива илјадници писма адресирани до Дедо Мраз, Северен Пол.

Мразам да гледам разочарани деца - му рече Ристо на својот претпоставен ставајЌи ги писмата в чанта.
Убаво им се прави, кога веруваат во глупости - му одговори тој.

Кога стигна дома, Ристо ја отвори чантата, извлече едно од писмата и почна да пишува:

„Драга Сања...“

Габриела Стојаноска-Станоеска

Анкета

Новата слика на Балканот? Паа, видете, Балканот не се Белград, Загреб, Скопје, Тирана, Софија... и што ти не знам... туку мали гратчиња, зафрлени села. Жители заборавени од светот и од самите себе... лунѕаат... Ја баталиле и природата што им е единствено достапна за радост... Не умеат да погледнат со други очи. Посебно не сега кога со мижење ја стегаат последната паричка во џебот. Балканот... замислете... тоа се луѓе кои не го виделе ни Скопје, Тирана, Софија... ни бел град, ни црна гора... освен на телевизија, се разбира. На Балканот има струја, веќе цел еден век... но... ете, на Балканот секогаш има едно големо Но.

Трудница

Толку многу посакуваше да роди дете што нејзиниот стомак секојдневно сам од себе се оформуваше во замислениот тркалезен облик. Луѓето со насмевка ја галеа на улица, пријателките ја прашуваа „Има нешто ново?“, а таа знаеше дека таму внатре ѓаволот свил гнездо, зашто Бог сигурно не е.

Marija Es Pavleska

Your Profile picture baby can drive Hugh Hefner crazy

Те молам не оди никаде, Никаде без фотошоп! Посебно немој да излегуваш изненадно од темница... Разликата меѓу лајф и "pictured"е подлабока и од река Шемница.

То Do List

Направи нешто па повтори го уште два пати.Направи уште неколку работи па повтори ги уште неколку пати. Процесот повтори го уште повеќе пати.

Моrning without Coffee is Crime, morning without you is just Fine

Не е мое утрото. Она утро што е опишано во мемоарите што ти ги објави аматерската издавачка куќа едно саботно утро. Не е мое утрото. Утрото кое си го извел на четириесет и осум страници со моето пенкалото и на моите листови на работната маса во мојата соба.
Не е мое утрото. Нема ни капка од мене од моето оваа книга со скапи корици и слики е совршен пример за претворање од нашето во твоето.

Animal Planet huh...NO

Не ми подарувај риби со аквариум нив ги сакам само пржени. Не ми носи куче со панделка си имам дури и премногу пријатели. Не ми давај мачка или мачиња - млекото си го купувам за себе пиејќи си правам мустачиња. Не и за папагал имам непријатели кои зборовите испревртено ми ги повторуваат. Не ми подметнувај од Африка јагуар еден си имам во гаража. Не сакам ни жирафа, коала... Не ме убедувај дека животниве од љубов ми ги даваш! Ме известија дека камион со пратка за во зоолошка ти се расипал на стража.

Без Наслов

Ако пристигнеш подоцна но со искрени очи ке останам долго.Ако пристигнеш прерано со нескриен копнеж ќе останам најдолго.

Маја Бикова

Театар via живот

Ако излеземе од позадината на театарот во кој живееме и ги покажеме нашите недостатоци сакајќи или не, дали ќе ја нарушиме хармонијата на нашето “идеално живеење”? Лажни прегратки, дволични насмевки, студени бакнежи, излитени фрази без чувства. Кои сме ние? Зошто меѓусебно се повредуваме, а таму глумиме совршенство? Каде исчезна хуманоста, добрината, топлата и искрено искажана љубов? Ги нема. Потиснати од новите технологии и новите начини на искажување љубов сè исчезна. Човечиња место искрена насмевка, срце од неколку симболи кое искажува љубов, смајлиња на среќа и заљубеност, виртуелни гушки и бакнежи, флертувања, исто толку кафиња и забави. Таму позади сцената се кријат вистинските наши лица и доколку успееме да излеземе на сцена и притоа таму ја одиграме најдобро нашата улога ќе го дознаеме вистинското значење на она што се нарекува живот.

Нешто заедничко

Собата е празна.
Иако сè си е на место некако е празна, без душа.
Без тебе.
Ја гледам и ја чувствувам празнината, во неа а и во себе.
Студена, без чувства, оставена, сама и празна.
Но, некако се вклопувам во неа, не ја напуштам, имаме многу заедничко.

Совршена слика

Не можам да се препуштам на сонот. Силно се борам против него и не дозволувам да ме совлада. Зошто ако успее, ќе потонам во совршенството, во светот на убавите работи, а тоа не смеам да го дозволам. Сакам да останам будна и да го живеам сонот. Убавите работи да ги направам уште поубави и од несовршеното сама да создадам слика на совршенство, а сонот не ми е потребен за тоа. Кога ќе ја завршам сликата како што замислувам, сама ќе се предадам, тогаш сонот ќе може да ме одведе во неговиот свет каде што заедно ќе може да уживаме во убавината на мојата совршена слика.

Трајче Стојанов

Лушпи

Беше тоа еден прекрасен, сочен, сјајно-бел кромид. Во најубавата возраст. Токму време за вистинско самопознание. Почна да се лупи, лушпа по лушпа, кора по кора. Ги тргаше наслагите од своите претци, од туѓите сеќавања, од нечии други радости, неисполнети надежи и дадени ветувања. Фрлаше од себе аманети, повици, барања, условувања, уцени, наследства...дури и љубови. Секоја лушпа беше откорнување и потрага. Со секое фрлање на лушпите стануваше сè полесен, сè помал, скоро бестелесен...Чувствуваше дека е близу, сосема близу до целосно самопознание, до конечното просветление... до ништото.
Додека полека исчезнуваше, не забележа дека лушпите паѓаат врз неговите деца.

Кус расказописец

Видов конкурс за краток расказ. Решив да испратам нешто. Но,проблемот беше што никогаш во животот не бев напишал ниту еден, единствен кус расказ. Имав по некоја поема, есејче и сл. но не и кус расказ. Решив да се „инспирирам“-ги прочитав расказите на останатите творци пристигнати на конкурсот. И благодарение на „интертекстуалноста“, најдов „инспирација“ во еден туѓ расказ, го парафразирав и се потпишав под него. О, блажена постмодерна! Види чудо, дури добив и награда.

Кога лисјата паѓаат

„Лисјата треперат“ – и велам, обидувајќи се да бидам романтичен пред да Ѝ се вовлечам в кревет – „треперат како мојата душа за тебе“.
А таа се смешкаше, немо зјапаше во ништо и трепкаше со очињата.
„И еве ги, лисјата паѓаат, како и јас без твојата љубов“ – мрморев глупости мачејќи се да ја протнам раката меѓу нејзиниот градник.
„Не, носи ме дома!“ – извика таа одеднаш - „колку е часот?“
„Не знам, но зошто!?“ – се зачудив.
„Кога лисјата паѓаат?, време е да си одам дома!“
Ах, камо да знаев дека кога лисјата паѓаат е лошо време за секс со романтична предигра.

Љубов-на-навика

„Ме сакаш? Кажи ми, те молам дали сè уште ме љубиш?“
„Се разбира!“
„Тогаш зошто шкрташ со забите и го криеш погледот?“
„Онака, без врска, од навика.“
„Тогаш тоа не е љубов, тоа е навика.“
„Мислев на она со шкртањето и погледот, а не...“
„Не ме љубиш!“
Го скрив погледот...од навика.

Дејан Крстески

Tвоите зборови

Ме уби со твоите зборови. Сега повторно не постојам. Ме проголта целиот, заедно со сите мои соништа. Зошто тогаш ја ставеш твојата глава на моето рамо, секогаш кога ти е тешко? Зошто тогаш ми ги кажуваш своите најдлабоки тајни. Зошто тогаш ме тераш заедно да ги гледаме низ прозорецот луѓето како доаѓаат и си заминуваат? Зошто тогаш морам да бидам тажен, кога и ти не сис реќна? Твоите солзи имаат толку немирен вкус за мене.
Ти и јас нема да одиме во рајот. Тоа го знаат сите луѓе од нашата зграда. Ти и јас никогаш не сонуваме за рајот. Тебе ти е убаво да ме сакаш и мразиш наизменично, а јас уживам да ме имаш. Твоите зборови ме убија. Ајде да молчиме засекогаш.
Љубовта не живее во нашиот дом. Тука сме засекогаш само ти и јас, и твоите зборови.

Многу раскази, но малку

Многу раскази, но малку добри. Јас би ги издвоила „Ларва“, „Писма до Северен Пол“ и „Лушпи“.

„Каде е главната улица?“ на

„Каде е главната улица?“ на Boy with no arms е ОК.
„Ларва“ и „Писма...“ - само добра идеја.

Морам да признаам дека нивото

Морам да признаам дека нивото на квалитет и издржаност на „расказите“ и во двата дела е многу ниско. Лично јас имам впечаток дека се работи за малолетни (што не е грев) автори кои не се доволно „изделкани“ во занаетот. Поголемиот дел од т.н. раскази наликува на лирски записи, без конкретна и цврста приказна, што е голема слабост. Се издвојуваат неколку имиња, ама не би нагласил ниедно за да не се вообразат :)

Поздрав до авторите и им посакувам повеќе зрелост во иднина.

Мене, на пример ова ми се

Мене, на пример ова ми се раскази напишани пред година-две, значи воопшто првите што ги имам напишано :)И повеќе, ги сметам како обид, него нешто сериозно или па воопшто зрело.Поновите ми се подолги и не ни можев да ги пратам:)

Boy with no arms

Јас сум сепак љубител на

Јас сум сепак љубител на многу кратките раскази, па од овие би го издвоила „Овој град“.

Овој град, Ларва, Старецот,

Овој град, Ларва, Старецот, Каде е главната улица, Сакам да сум краток...Лушпи, Нешто заедничко...Очекував повеќе...

Би ги извоила:Сакам да сум

Би ги извоила:Сакам да сум краток,Мајка,Овој град!

Расказиве одвај се читаат,

Расказиве одвај се читаат, сите сме катастрофа овојпат, но ајде идната недела подобро. Новите најмлади расказописци нека не се разочаруваат, ќе ги почекаме да ја пораснат оваа фаза. Ги издвојувам само расказите на Marija Es Pavleska како освезување.

mi se dopadna "Majka".

mi se dopadna "Majka". kratok, jasen so dobra poenta.

Маја Мојсова,со првиот

Маја Мојсова,со првиот

Здраво људи! Ај не

Здраво људи! Ај не критизирајте превише! Окнаш је добро рекао! Сега само фалби и помали критики:)

Поздрав

во еден од расказите: Срп

во еден од расказите:
Срп ---младунче
Мк ---младенче

претци - погрешно предци -

претци - погрешно
предци - точно (исклучок од едначење по звучност)

Проверујте си ги текстојте со помош на правописен речник пред да ги објавувате!

Поздрав

Лушпи има генијална идеја!

Лушпи има генијална идеја!

јас лично сум разочарана од

јас лично сум разочарана од расказите, премногу се детски, без никаква поента барем според мене и воопшто не поттикнуваат на размислување што мислам дека е главната идеја на кратките раскази
не сакам да навредам никого немојте погрешно да ме сфатите
ми се издвојува само Boy with no arms
ќе има и следна шанса

Секој славеј не е подготвен

Секој славеј не е подготвен да долета близу твојот прозорец и да ти ги запее своите прекрасни мелодични тонови за да те расположи. Секоја другарка не е подготвена да даде се од себе за да ти помогне кога си тажна.
Понекогаш е толку голема потребата да ја слушнеш волшебната мелодија на славејот. Сакаш таа да навлезе во тебе и да те смири, да ја победи тагата. Исто толку голема е и потребата да ги слушнеш зборовите од својата другарка. Бидејќи само тие во себе ја содржат моќта за да ја поразат тагата.
Тоа се оние моќни зборови кои ги поседува само вистинската другарка.

Расказите на авторот "Animal

Расказите на авторот "Animal Planet" се ептен добри, досетливи и убави за читање.

И единствените во кои гледам смисла за оваа палета на силувани букви досега.

Поздрав Окнаши!

ОкоБоли главаВицФото