Отконвенционализирање на конвенциите (за „Мачорот во чизми: последната желба“)

09.01.2023 13:48
Отконвенционализирање на конвенциите (за „Мачорот во чизми: последната желба“)

Кога сите тропи од бајките и сказните се толку познати, а се ставени во таков контекст и се така поврзани што сè е ново. – Волшебна ѕвезда што ја исполнува секоја желба и по која трагаат протагонистите. Сместена во мрачна шума која крие многу предизвици и во која ретко кој се осмелува да влезе. Како да се стигне до таму е обележано на мапа која е тешко да се украде зашто е чувана од страшно суштество. – Кога вакви конвенции видени и употребени стотици пати успеваат да се отконвенционализираат, штом се сместени во нова приказна, деконструирани, подложени на пародија, на поинаква смисла, на други толкувања, на одложени значења. Тогаш станува збор за анимираниот филм „Мачорот во чизми: последната желба“ (2022).

Кога приказната за самоспознавање и трансформација е брза, динамична, а самоспознавањето, сепак, е постепено, уверливо, резултат на интеракцијата на сите елементи и ликови. Кога упатувањата на други приказни се такви што ако тие ни се познати може да го забележиме одлично обмислениот начин на оддавање почит кон тие приказни преку нивно спомнување и менување (зашто, и пародијата е оддавање почит на претходниците), а ако не ни се познати, приказната може совршено јасно да функционира и без нив. На пример, овде доаѓа до израз Златокосата и трите мечки, кои се меѓу главните ликови, и чие “just right” („сосема во ред“), што во оригиналната сказна се однесува на столчето, на креветот или на супата, а во овој цртан фигуративно се однесува и на животот, е лајтмотивот на приказната. Но има и алузии на „Алиса во земјата на чудата“ преку колачето и напивката што ја прават поголема или помала, на „Пепелашка“, на „Мери Попинс“, меѓу многу други алузии. Во препознатлива, а изменета форма се појавува и штурчето од Пинокио, кое во оригиналната приказна игра изразито морализаторска улога, а овде е свесно за тоа, со што станува многу посимпатично и поживописно.

Кога нема вишок сцена, а нема ни нешто што недостига. Кога мапата која води до ѕвездата се менува во зависност од тоа кој ја чита – зашто мапата го изразува внатрешниот, умствен, свет на ликот кој ја користи. Кога алегоријата на стравот од смртта не изгледа едноставно како алегорија, туку добива реалистични димензии. Кога добрината може да има преобразувачка моќ, а не само да биде жртва. Кога сите идеи се искажуваат низ приказната, па така пораките не се експлицитно формулирани. Тогаш станува збор за „Мачорот во чизми: последната желба“.

И сè ова, како за анимиран филм, може да се прочита некогаш и како наивно, но истовремено е полисемично и цврсто се врзува со можни асоцијации од сечиј живот – детски или возрасен. Кога некои желби може да се исполнат со сопствените залагање, а не со интервенција на ѕвездата. Како се намалува стравот од смртта, кога има луѓе кои ги сакаме и ситуации кон кои самите придонесуваме. Како повеќе немаш потреба од други желби, кога оние кои ги сакаш ти подаруваат од своето време. Сите овие значења доаѓаат со одлично дозирано одложување, по многубројни навидум надворешни, но во суштина внатрешни авантури, на крајот од приказната „Мачорот во чизми: последната желба“. Зашто само јасно искажаните приказни можат да разбудат повеќе значења.