MAGA револуцијата ги јаде своите деца

11.01.2023 01:50
Мага револуцијата ги јаде своите деца

По лошата година за нив, автократите ширум светот мора да се воодушевени: пред втората годишнина од бунтот на Капитол, САД на запрепастената глобална публика ѝ пружија спектакл на демократскa дисфункционалност. Републиканската фракција која како заложник ја држи цела Америка – најекстремната десница во рамки на Републиканската партија која де факто стана десничарска партија – сака да нè убеди дека тоа е демократија: фрустрирачки хаос кој води кон подобар исход на крајот. Според зборовите на неуспешниот кандидат за претседател на Претставничкиот дом, Бајрон Доналдс, процедурите во стилот на Денот на мрмотот претставуваат „делиберативен, отворен процес“ неопходен во „уставна република каква што е Америка“.

Факт е дека републиканците кои ја блокираа кандидатурата на Кевин Мекарти за претседател на парламентот се во право кога тврдат дека дебатата во истата политичка партија е од корист за демократското уредување. Единствено што нивната уметност на политички перформанс всушност се однесува на одбивањето да прифатат пораз – што е срж на трампистичката тактика. Демократијата не изгледа така; така изгледа планот за остварување на владеење на малцинството.

Лесно е да се исмева внатрепартиската демократија. Оскар Вајлд еднаш рече дека проблемот со социјализмот е тоа што ви одзема премногу вечерни излегувања. Она што се нарекува „дискусија“ често значи дека победува оној што ќе се откаже последен – или оној што најмногу ужива во попувањето за политичката филозофија: главно тоа е образованиот белец кој наутро нема да мора да станува заради малите деца. Препирките во партиите ги одбиваат и гласачите. Ако дури и членовите, кои наводно се сложиле околу политичките принципи, имаат забелешки за програмата на партијата, зошто би ја прифатил некој друг?

Па сепак, внатрепартиската демократија е клучна за здравјето на демократијата во целина. Луѓето така се навикнуваат на добронамерно несогласување околу политиките; тоа што се придржуваат до исти принципи не ја укинува можноста за дебата, која во идеален случај овозможува појава на нови аргументи и практики. Линдон Џонсон сметаше дека „желбите на граѓаните не бараат сложена дискусија за фундаменталните прашања; тие сакаат малку медицинска нега, тепих на подот, слика на ѕидот“. Меѓутоа, неговата партија плати висока цена за увидот во тоа колку може да биде спорно што претставува „малку медицинска нега“ за некого. Ниеден принцип автоматски не се применува како политиката; дебатите се неопходни.

И покрај тоа демократијата во рамки на партијата ги навикнува следбениците на идејата дека другата страна можеби би можела да биде во право – став кој е од клучно значење за демократијата: дека другата страна треба да се третира како противник, а не како непријател. Губитниците во конфликтот учат како да заземат став на легитимна опозиција и критичка лојалност: се сложуваат со принципите, но не се сложуваат со политиките или дури со одредени личности; згора на сè, остануваат слободни да го критикуваат раководството. Звучи наивно? Отсуството на критичка лојалност во рамки на партијата отвора пат кон нешто налик на 6 јануари: никој не успеа да го заузда Трамп кога ја трансформираше Републиканската партија според култот на својата личност. Не е случајно тоа што десничарските популистички лидери – како што се Моди, Орбан, Ердоган – управуваат со своите партии на автократски начин.

Но она што го прави радикалната десница (или MAGA, Make America Great Again, изборниот слоган на Трамп) во Вашингтон нема никаква врска со внатрепартиската демократија. Кога ликови како Бајрон Доналдс и Кевин Херн ќе ги добијат своите пет минути слава, јавноста не ги слуша вистинските аргументи. Она што Доналдс го фали како „отворен процес“ се одвива зад затворени врати; покрај тоа, она што е интересно за самодекласираните конзервативци, се инсистира на уцена, со цел радикално да се промени овластувањето на претседателот на парламентот, со занемарување на уставот.

Однесувањето на оваа фракција е исход на стратегијата која Републиканската партија во целина постепено ја усвојува барем од деведесеттите: дури и ако ставовите ви се непопуларни и немате мнозинство вие сè уште сакате да владеете. Оваа стратегија сега единствено ги троши сопствените лидери; револуцијата ги јаде и своите радикални деца и нивните родители, како Мекарти, кој благонаклонето посматраше како децата учеа да дивеат за време на администрацијата на Трамп.

Конкретно, радикалната десница е во потрага по позиција од која ќе го принуди претседателот на парламентот да доминира над претседателот на државата преку уцени и инает. Така Њут Гингрич – изворен пример за ваквите настани – го запре работењето на владата за да го уцени Бил Клинтон; Џон Бонер и Пол Рајан не играа доволно тврдо и заради тоа ја платија цената. Основната претпоставка гласи дека другата страна не е легитимна и дека нејзиното учество во власта е еднакво на предавство. Затоа луѓето како Скот Пери ги претставуваат демократите не само како актери кои грешат, туку како злосторници (наговести дека личат на нацисти) кои сакаат да ја уништат Америка.

Непријатниот спектакл на кој присуствувавме не е дебата која им е „потребна“ на Американците и на која имаат право, ниту показател дека Републиканската партија веќе не е способна да владее, што покажуваат многу сцени од новиот состав на Конгресот. Тоа е доказ дека сè уште не сме исчекориле од изворниот 6 јануари.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Christopher Weyant

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото