1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 08:59
ПРВА ПОУКА НА ГАВРАНОТ
Господ проба Гавранот на говор да го учи.
„Љубов“, рече Господ. „Речи, љубов“.
Гавранот зина и бела ајкула в морето се плувна,
Се стркала прудолу, својата длабочина ја откри.
„Не, не“, рече Господ, „Речи, љубов. Пробај. ЉУБОВ“.
Гавранот зина и сина мува, це-це, комарец
Збрмчеа и устрем фатија
Кон нивните разнородни цели од месо.
„Последен обид“, рече Господ. „Ајде, ЉУБОВ“.
Гавранот се напна, зина и блувна,
Необична глава на човек без тело
Над земја збувна со ококорени очи,
Со лут мрмор –
А Гавранот, пред Господ да го запре, уште еднаш блувна.
И женска вулва падна на вратот од мажот и се стегна.
Господ тргна со мака да ги двои, да колне и плаче –
А Гавранот одлета со чувство на вина.
1967 г.
РАСПИТ ПРЕД ВРАТАТА НА УТРОБАТА
Кој ги има овие мали глужливи нозе? Смртта.
Кој го има ова румено намовнато лице? Смртта.
Кој ги има овие одвај чујни дробови? Смртта.
Кој го има ова грубо палто од мускули? Смртта.
Кој ги има овие грозни црева? Смртта.
Кој го има овој нејасен мозок? Смртта.
И оваа валкана крв? Смртта.
Овие одвај способни очи? Смртта.
Овој зол мал јазик? Смртта.
Оваа повремена будност? Смртта.
Подарени, украдени или задржани до судење идно?
Задржани.
Кој ја има сета дождлива, каменеста земја? Смртта.
Кој го има сиот семир? Смртта.
Кој е од надежта посилен? Смртта.
Кој е од волјата посилен? Смртта.
Од љубовта посилен? Смртта.
Од животот посилен? Смртта.
Но кој е посилен од смртта?
Јас, очигледно.
Гаврану, мини.
1967 г.
ГАВРАНОТ ЈА СЛУША СУДБИНАТА ШТО НА ВРАТА ЧУКА
Гавранот погледна во светот, како планина збран.
Во небото погледна што се множеше
Бесконечно.
Погледна пред своите нозе во малиот поток
Што жубореше ко помошен мотор
Приклучен на машина незапирлива.
Помисли на сиот тој состав
На секое негово делче, на поправки разни –
Беспомошност сети.
Си клукна тревки и се загледа во нив,
Па камче во потокот почна да мерка.
Најде крт умрен и го растргна бавно,
Во залаците зјапна, беспомошност сети.
Одеше и одеше,
Ги пушти проѕирните ѕвездени сфери
На уво да му шепотат, но ништо не му беше јасно.
А сепак, пророштвото во него, небаре гримаса,
Беше вакво: Мерка од сè ќе земам и сето ќе го имам
Во него ќе бидам
Ко што сум во својот кикот
И нема во него да зјапам низ ѕидиштата
На студениот карантин од оково мое
Од погребана ќелија на црнило крваво –
Ова пророштво во него беше, ко челична пружина
Што бавно животворните жилки му ги кине.
1967 г.
ГАВРАНУС ТИРОНСАУРУС
Создавањето на светот пискот крена –
Беше тоа погребна поворка
Од тажачка и плач
Гавранот слушна и почна со страв наоколу да се врти.
Ластовичјо телце крај него стрелна
Со инсекти
Полно
И со гневот нивен, за сè што тоа проголтало.
И виде тело на мачка што се грчи
Да затвори
Грчмак сака
Од смртните маки што идат, чемер врз чемер.
Кучето збувнало ко ќесе за чај
Од сета смрт што ја проголтало, дрчно за коски и месо.
Да ги свари не можеше остатоците што пиштат.
Виежот безобличен од гласови му беше каша.
И човекот дури кланица беше
Подвижна
На невини нешта –
Мозокот клада од нивните крикови.
Си помисли Гавранот „Леле
Зар и јас морам
Со јадење да запрам
И светлина да станам?“
Но окото црвче му виде, Главата на штрек се крена и клукна.
Па наслушна
И слушам
Плач
Црвче црвче Клук клук
Плач
Плач
Плач па чекор па клук
Затоа окото
тркалезно му е
увото
глуво.
1967 г.
ПАДОТ НА ГАВРАНОТ
Кога гавранот беше бел му попречи што и сонцето е бело.
Му пречеше што блескаше до слепило.
Па реши да го нападне и да го смачка.
Ја прибра сета своја сила во целосен сјај
Го наостри и го накостреши сиот свој гнев.
Па се устреми со клунот кон срцето на сонцето.
Се засмеа и сиот од кикот се стресе.
И јурна во напад.
Од неговиот јуришен крик дрвјата остареа,
Сенките се спружија.
Но сонцето посилно болсна –
Блесна, а Гавранот се врати опрлен и црн.
Зина со клунот и само саѓе од него плувна.
„Онаму горе“, пропелтечи одвај,
„Кај што белото е црно, а црното бело, победив јас“.
1967 г.
Фотографии: Laura Makabresku
Превод: Зоран Анчевски