Во санаториумот на будимпештанскиот Фрицл

11.01.2023 13:00
Во санаториумот на будимпештанскиот Фрицл


Три дијазепами не ми беа доволни да се смирам кога случајно на јутјуб-каналот налетав на едно видео направено од нашите „браќа“ Бугари, насловено „компилација македонизам“. Видеото е наменски создадено за да нè исмеат, да нè претстават како карикатури што се граничат со деловната и психомоторната способност. По тоа што го видов и повеќе сме од тоа. Имено, во комплотот од јавни настапи, говори и изјави на наши повеќе или помалку познати и (само)прогласени историчари, македонистки, некој третокласен небитен политичар, смешни аналитичари, но најтрагично од сè и претседателот на Македонската академија за науките и уметностите, има што да видиш и да чуеш.

Убеденост и тврдења дека македонскиот јазик влече корени од пред 100.000 години, дека сите светски јазици (почнувајќи од англискиот) имале македонски корени и тоа било лесно и научно докажано, до тоа дека Скитите 70.000 години пред Кристофер Коломбо ја откриле Америка и на остров крај Њујорк оставиле трага и запис на древномакедонски јазик. А да, да не заборавам – во видеото беа пуштени славните говори на Македонската радио-телевизија во која нараторот на Македонците им се обраќа со зборовите дека се потомци на белата раса од богот Македон и дека се чеда на библиската земја. Помните, нели? И на крајот го имаше велелепното и спектакуларно пречекување на нашите крал и кралица од далечен Пакистан со зурли, тапани и со добредојде на скопскиот аеродром кога ги пречека цела владина свита од највисокото државно раководство. Се почувствував поразен кога го гледав тоа видео и ме изеде сопствениот национален срам, за кој немам одговор.

Бегалката од Будимпешта е за на психијатрија!

Не знам дали онаа несреќа што избега видвиделија од македонската правда и се установи на бреговите на реката Дунав беше под влијание на психомоторно и деловно осакатениот, психички и морално деградираниот, опсесивно-компулсивно и манијакално опседнатиот со античка Македонија, карикатуралниот кловн Хорхе Паљурски, та под негово влијание ни го направи сето тоа што ни го направи и од една пристојна држава со мирољубива историја, која била секогаш на позитивната страна, нè фрли на буништето на антикоманијата и антикограндиозноста, не знам, но знам дека таа опсесија доведе до инвазија на вакви целосно психијатриски случаи да гостуваат по македонските телевизии, да искажуваат налудничави тези и небулози за да го пропагандираат простиот и историски неграмотен народ што им верува како на некои авторитети.

Цели четири години во моите јавни настапи, интервјуа, колумни и тези, нескромно, како можеби еден од најдобрите познавачи на историско заплетканите македонско-бугарски односи на наша почва, се обидував на секој можен начин, аргументирав, елаборирав, давав научни тези и хипотези, давав примери со кои сакав и ја разобличував налудничавата политика на официјална Софија и колку е таа неевропска, антицивилизациска, та дури и нацифашистичка за модерниот 21 век, и мислев дека единствен „сериозен“ противник на оваа моја вистинска и сериозна битка е долната, расклатена вилица на господинот Ристота, еминентниот амбасадор од кариера, кој фрла пропаганден отров за некакво разнебитување на македонизмот и ви ги пере со вениш мозоците (за син му да биде советник на Груевски за 200.000 евра), а вие да му верувате и да немате ќор динар за мелено месо да си купите, но не, ова видео ме врати во стварноста на бестијалната психопатологија, која ние ја живеевме цела една деценија, не толку одамна во времето на владеењето на наследникот на Александар Трети Македонски. Морници ме лазат при самата помисла дека реакционерно ќе се вратиме во историската темнина и, заглавувајќи се таму, повторно ќе си ја упропастиме шансата за подобра иднина, овој пат неповратно!

За сè во историјата доцниме!

Всушност, ние го живеевме задоцнетиот реакционерен национализам што по распадот на СФР Југославија го одживеаја и нашите некогашни „браќа“ од заедничката државата, Србите и Хрватите, но Хрватска од 1 јануари оваа година стана членка и на евро и на шенген зоната, со што целосно го заокружи своето вистинско евроинтегрирање. Тие под водство на првиот нивни претседател во независна Хрватска Фрањо Туѓман ги одживеаја сништата за голема Хрватска, за чиста нација, која својата историска легитимација ја бара илјадници години наназад во историјата. Тоа беше во деведесеттите, за денес да се таму каде што се.

Ние, како и во сè друго, обратно: во деведесеттите, под водство на можеби единствениот државник во овие триесет години, првиот претседател Киро Глигоров, со танталови маки ги правевме првите пионерски чекори за да се етаблираме на меѓународната сцена и да бидеме признати како одделен меѓународно-правен субјект, за дваесет години подоцна да го живееме националното и колективно чувство на нација со гранде историја, кое ни ги упропасти изгледните шанси за европски напредок и за упристојување на нашата држава и општество, такво какво што направија Хрватите. И затоа денес доцниме зад нив цели триесет години.

Само, не сум сигурен дека просечниот Македонец го изживеа тоа како некои детски сипаници и нема да се врати на старото и да ужива во другата димензија, надвор од здравиот ум и разум во кој живееше една деценија. Напротив, релевантните анкети ни укажуваат и покажуваат дека тоа му фали и дека го бара истиот кафез во кој се чувствуваше слободен и величествен! Тоа е нашиот најголем пораз, што од националните грешки не учиме и не извлекуваме поуки. Напротив, ги преповторуваме како фарса низ историјата и се чудиме зошто редиме историски порази.

Што да ви кажам повеќе, освен среќна Нова година?! Среќата сами си ја правиме и ја предизвикуваме, а со ова поведение и памет, уште долги години ќе ја немаме.

Памет в глава за другпат!

Слики: Свирачиња
Извор за текстот: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото