Арон Шварц: Борец за слободен и јавен пристап до знаењето

13.01.2023 01:24
Арон Шварц: Борец за слободен и јавен пристап до знаењето

Деновиве борците за слободен и јавен пристап до знаењето ја одбележуваат десетгодишнината од смртта на Арон Шварц, кој се самоуби на 11 јануари 2013 година. Кој беше Арон Шварц и зошто е важен за прашањата на слободата и бесплатниот пристап до информации?

Арон Шварц и неговите колешки и колеги ја направија дигиталната библиотека Open Library со цел да ги направат достапни книгите од јавен интерес, оние кои не потпаѓаат под авторски права или се истечени, или пак оние кои веќе не се во печат.

Денес на openlibrary.org се достапни повеќе од 2,5 милиони книги.

За овој прерано починат интернет активист, овозможувањето пристап до знаењето беше една од клучните цели во животот. Многуте проекти кои ги иницираше и на кои работеше го потврдуваат тоа.

Почетната база за проектот Open Library беше составена од документи од Конгресната библиотека од Вашингтон, која инаку наплатуваше пристап до содржините, што не подлегнува на законите за авторски права и така американската канцеларија за авторски права на ваквите активности гледаше со наклонетост.

Неколку години подоцна, во 2010 година Шварц стана научен соработник на Харвард, со што доби и пристап до ЈСТОР базата, комерцијална дигитална база на научни списанија. Бидејќи се работеше за јавно финансирани трудови од чија продажба профитираше приватна компанија, тој сакаше да ги направи достапни за сите.

Арон Шварц учествуваше и во развојот на РСС протоколот, Markdown и платформата Creative Commons, кои денес имаат централна улога во креирањето и дистрибуцијата на содржини на интернет а беше и коосновач на мрежата Reddit.

Во 2008 година го напиша познатиот Герилски манифест за слободен пристап (Guerilla Open Acess Manifesto) во кој достапноста на знаењето и информациите ги карактеризираше како клучна точка на борбата за интернет слобода:

„Мораме да ги земеме информациите, каде и да се чуваат, да направиме наши копии и да ги споделиме со светот. Мораме да ги земеме нештата кои се надвор од авторските права и да ги додадеме во архивата. Мораме да купиме тајни бази со податоци и да ги поставиме на Веб. Мораме да да преземеме научни списанија и да ги поставиме на мрежите за споделување датотеки. Мораме да се бориме за герилски отворен пристап.“

Во својата борба за транспарентност на информациите против приватизацијата и цензурата, приватните корпорации и поткупливите политичари на власт ги означи како непријатели на слободниот пристап до податоци:

„Информацијата е моќ. Но како и секоја власт, има такви кои сакаат да ја задржат за себе. Целокупното светско научно и културно наследство, објавено во книги и списанија, сè повеќе се дигитализира и заклучува од страна на грст приватни корпорации“, напиша во споменатиот Манифест.

Од 2011 година Арон Шварц беше кривично гонет од страна на САД за неколку повреди на Актот за компјутерски измами и злоупотреби (ЦФАА), откако наводно преземал голем број академски списанија од ЈСТОР базата. Соочен со судење и со можноста за драконска затворска казна од 35 години и голем паричен надоместок во висина од милион долари, Шварц изврши самоубиство, а на крајот случајот беше отфрлен.

Извор: https://www.masina.rs/

ОкоБоли главаВицФото