Домат

13.01.2023 01:52
Домат

„Невработен, јаде домат“ е стих од песна на Микис Теодоракис за млад човек што страда. Со тоа добро е опишан општествениот статус на доматот: доматот е најлесен зеленчук, зашто може да се јаде без подготвување, дури и без сол, и со леб претставува комплетен оброк, а притоа е евтин, особено во лето. Толку евтин, што за шпанскиот празник Ла томатина тони домати се расфрлаат по улиците на градчето Буњол во близина на Валенсија, за домашните и многубројните гости да се гаѓаат со домати до немајкаде. Кон средината на август, овој празник привлекува сè повеќе Европејци кои сакаат забава, а бидејќи станува збор за релативно безопасно претерување – барем во споредба со уличните трки со бикови – локалните власти се трудат да привлечат што повеќе посетители.

Доматот го гледаме како вистинско средоземно растение, нешто што секојдневно е присутно во сите кујни, нешто блиско и сеприсутно. Но доматот е еден од најдобро адаптираните спомени на европскиот колонијализам, кој во Европа се одомаќинил дури во седумнаесеттиот век, откако Шпанците го донеле од американските колонии некаде кон средината на 16 век. Доматот толку добро се адаптирал во новата средина, што веќе во 19 век бил зеленчук кој се фрла за време на демонстрации. Колонијализмот го однел доматот и во Азија, така што денес е присутен во практично сите кујни во светот. Се одгледува лесно, особено во потопла клима.

Меѓутоа, како се случило доматот толку брзо да стане познат и никогаш да не стане привилегирана и угледна храна на повисоките слоеви – статус кој дури и компирот го имал кратко време во Европа? Во историјата на вкусовите, доматот пополнува мошне важна низа, која има многу малку зеленчуци: се користи свеж, сушен, конзервиран, готвен и печен, им дава вкус на другите елементи на храната, истовремено ја задоволува потребата за кисело и слатко, делува и како зачин и како примарна состојка. Со други зборови, тој е идеална состојка на скромната исхрана и „ниската кујна“ – онаа што нема многу состојки и особено е сиромашна во однос на месото. Со овие својства доматот станал клучен вкус за многу национални кујни, а најголем успех е оној во средоземните култури на исхраната. Во стекнувањето углед на доматот не му помогнало ни тоа што всушност е овошје, а не зеленчук... Не него работеле градинари, така што се појавиле многу различни видови според обликот и боите. Меѓу генетски променетите видови секако најзабавен е четвртестиот домат кој одлично се прилагодува на амбалажата.

Кога станува збор за здравјето, доматот е позициониран подобро од кога било, со своите многубројни лековити и диететски особини. Една од најинтересните урбани легенди се развила за доматот во 20 век, кога желбата за доматот почнала да се толкува како знак на рак што се развива. Причина за оваа сосема неоснована приказна било предавањето на некој француски лекар, кој го споредил доматот со облик на рак: од научна конференција приказната „се симнала“ меѓу обичните луѓе и предизвикала вистинска паника против доматот. Инаку и доматот, како и другите растенија кои ги донеле колонизаторите во Европа од американските колонии, доживеал многу различни именувања, и нови митолошки приказни поврзани со нив. Од ацтечкиот назив настанала основата томат, а зеленчукот добил и описни имиња, како зеленчук од рајот (домат), јаболко на љубовта и слично. Заради црвената боја доматот без тешкотии „се впишал“ во растенијата за плодност. Ваквите верувања се особено распространети во Африка, па сокот од домат станал дури и симбол за крв, и како таков се употребува во ритуалите. Меѓу другото, младенците треба да јадат домат пред првата брачна ноќ за да обезбедат потомство. Во некои области во Грција трудниците не треба да јадат домат на денот на Свети Симон, зашто детето ќе им биде пегаво. Во некои делови од Јужна Америка парче од пара се забодува во доматот за да се „размножи“, а во јужна Италија доматот често се сади веднаш до куќите, како заштита од уроци.

Доматот се чува одлично, за разлика од многу други зеленчуци. Сувиот домат, кој во Италија се употребувал во зима, се користел за потребите на италијанските емигранти во Америка и така таму станал уште поприсутен во кујната отколку во матичната Италија, и тоа во секоја доба од годината. Конзервираниот домат во сите облици е еден од најдостапните облици конзервирана храна. Еден од најпопуларните облици е кечапот, сос кој може да се употреби на илјадници начини.

Но, како и дае, доматот тешко доаѓа како ѕвезда на богатите трпези: еден од ретките облици кои можат да се видат на такво место е сорбе од домат, всушност сладолед кој се служи како летно предјадење. Во огромен број случаи доматот царува на скромните трпези и затоа е невозможно да се наведат сите негови примени, од најскромната пица до домат полнет со месо, сирење, ориз или кускус, во салати, па сè до грчкото слатко од домат, во две варијатни – од зелени и зрели црвени домати. Ако би сакале да избереме јадење кое е наједноставно и истовремено најблиску го симболизира Средоземјето, тоа би можело да биде домат со моцарела, свеж босилек и маслиново масло: тешко може да се замисли подобра комбинација на бои, мириси и вкусови, истовремено достапна за секого.

Неодамна исцелителските особини на доматот беа искористени и во козметиката. Инаку, станува збор за нова област на козметиката, каде во употреба се најразлични антиоксиданси и меѓу нив е доматот, со состојката ликопен, еден од најмоќните. Така доматот денес успешно ги затегнува порите, не само на женските, туку и на машките лица.

Како народен симбол доматот влегол и во популарната култура. Скапани домати (Rotten tomatoes) е списание, денес на интернет, во кое се објавуваат убиствени критики, особено на филмови. Spoof (филмска пародија) Напад на доматите убијци, кој режисерот Џон де Бело со минимални средства го сними во 1978 година, стана вистински култен филм, по кој следуваа неколку продолженија. Во овие филмови се пародира Б продукцијата на научно-фантастични, чилер и трилер филмови. Заплетот почнува со генетска промена на доматот... Најпосле, почнувајќи од првите филмови во боја, кечапот успешно ја заменуваше крвта.

Можеби тајната на поврзаноста на доматот и скромниот живот е токму во тоа што за доматот едноставно нема поевтина замена: сè што би можело да го замени е поскапо од првобитниот производ. Енди Врохол не употреби случајно токму конзерва со доматна супа Кембел како мотив за сликата која е декларација на неговата поетика и поп-артот воопшто: уметност е што било.

Да завршиме со политика: за разлика од левите политички партии од поновата доба, кои се определуваа за рози и каранфили, сончогледи и маргарити, од прехранбените растенија за маслинката, холандската социјалистичка партија се определи за доматот како за свој симбол: идејата не е во употребливоста и популарноста на доматот, туку токму во неговата употреба на демонстрациите. Симболот на протест, кој зад себе ја има историјата на сиромашна исхрана, црвената бојата и сјајот на сонцето, можеби навистина е симбол на иднината на новиот отпор – зашто не може да се замени со ништо, и никој не може да се измами со некоја замена.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Lydia Jacobs

Извор: Leteci Pilav - antropoloski eseji o hrani, Svetlana Slapsak, Biblioteka XX vek, Beograd, 2014

Слични содржини

Книжевност / Култура
Книжевност / Култура
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото