Национална класификација на занимања

13.01.2023 13:12
Национална класификација на занимања

Вечерва, после еден темелен муабет со Милка Анчевска и Марина Колоска, по којзнае кој пат си поплакавме дека статусот во оваа држава ни е комплетно нерешен и дека сме до толку утепани што дури ни занимањата ни ги нема во регистарот на занимања, односно професии.

И така јас го отворив документот наречен „Национална класификација на занимања“. Просто сакав да се пронајдам негде и да имам чувство на припадност во земјава во која живеам и плаќам данок.

На сајтот на статистика, овој документ е опишан вака:

„Националната класификација на занимањата претставува национален стандард и инструмент кој се употребува при прибирање, евидентирање, обработување, анализирање и публикување на податоци важни за следење на промените кои настануваат на пазарот на трудот во Република Македонија.“ Или народски кажано, од оваа „библија“ се вадат сите шифри на актуелните професии во државава.

Еве што најдов таму:
Вадач на дробови на заклан добиток
Вадач на дробови на заклана живина
Вадач на утроба на заклан добиток
Опслужувач во голф
Возачи на трамвај, шинобус и тролејбус
Навлажнувач на дрво
Сушач на дрва
Дерач на кожа
Одгледувачи на кучиња и мачки кои пак се сместени во дел „Сточари и млекопроизводители“. Изгледа млеко од мачиња и кучиња е некој хит.

Има тука и понекоја професија што воопшто не е ни легална ама си добила шифра.

Во занимања за лични услуги кои не се класифицирани на друго место спаѓаат хостеси, танцувачки партнери и проститутки.

Најлегитимни професии се и астролози, претскажувачи на среќа и иднина, гатачи со опис за нивните работни места: „составување на индивидуални хороскопи на лица според датумот на раѓање или поблизок период и предвидување на идни настани и состојби во нивниот живот, одредување на поволен период за одделни човечки активности како што се унапредување, венчавки, патување и други церемонии, проучување на положбата на ѕвездите и други феномени врз животот на одредени лица и ситуации, толкување на карактеристиките на дланките на клиентите, случајно извлечени карти за играње, талог од кафе, форми и облици на коски од мртви животни, претскажување на идни настани врз база на нивно толкување, давање совети на лицата да бидат претпазливи со цел да ги избегнат лошите влијанија, опоменување и советување за можниот тек на настаните, вршење на сродни задачи, надзор на други соработници.“

Па има и:
Исцелувачи, лекување со растенија
Исцелувачи, лекување без лекови
Исцелувачи со молитва

Крематориум во државава нема ама си има: ракувач со крематориум.

Милион занимања на брод ко божем светска островска велесила сме.

Едно занимање на сите три ни привлече внимание. Од денес сме китоловки. Ќе нѐ најдете под шифра 6223.03.

Додека го ловиме Моби Дик, ќе се молиме некој да го отвори регистаров и да поработи малку и да направи ред.

А додека не ми се внесе занимањето во тоа списоче, јас останувам китоловка.


Слики: Shyama Golden

ОкоБоли главаВицФото