Војната и инфлацијата

16.01.2023 01:46
Војната и инфлацијата

Стапката на инфлација нагло порасна во 2022 година, како во развиените економии така и во оние во развој. Структурните трендови упатуваат на заклучок дека тоа нема да биде минлива туку долгорочна појава. Повеќе земји се ангажирани во различни војни – реални и метафорички – кои ќе создадат уште поголеми фискални дефицити и ќе доведат до понатамошна монетизација на долгот и повисоки стапки на инфлација во иднина.

Светот минува низ еден вид геополитичка депресија, проследена со ескалација на ривалствата помеѓу западот и повеќе поврзани (ако не и обединети) ревизионистички сили како што се Кина, Русија, Иран, Северна Кореја и Пакистан. Во светот се шират студени војни и вооружени конфликти. Бруталната руска инвазија на Украина би можела уште да доведе и до воено ангажирање на НАТО сојузот. Израел и САД се наоѓаат на пат кон конфликт со Иран, кој наскоро ќе стане нуклеарна сила. Целиот регион на Блискиот исток е големо буре барут. Исто така, има сè повеќе тензии во односите помеѓу САД и Кина заради прашањето кој ќе стекне примат во Азија и можност Тајван со сила да биде присоединет со Кина.

САД, Европа и НАТО се вооружуваат, како и поголем дел од Блискиот исто и Азија, вклучувајќи ја Јапонија која започна најголема кампања за вооружување по Втората светска војна. Не можат да се избегнат поголеми трошоци за конвенционално и неконвенционално вооружување (нуклеарно, сајбер, биолошко и хемиско оружје), а трошоците мораат да се подмират од државниот буџет.

Многу е скапа и глобалната војна против климатската криза – и за јавниот и за приватниот сектор. Ублажувањето на климатските промени и прилагодувањето на новонастанатата ситуација ќе нè чини повеќе трилиони долари годишно во следните неколку децении. Но тоа не значи дека новите инвестиции ќе го поттикнат растот. Откако војната ќе разори поголем дел од физичкиот капитал на некоја земја, приливот инвестиции донесува економска експанзија, но таа земја сè уште е посиромашна за дел од богатството што го изгубила. Истото важи и за инвестициите насочени кон сузбивање на климатската криза. Поголем дел од денешните залихи на капитал ќе биде заменет, било заради застарување или заради ефектите од настаните кои се последица на климатската криза.

Принудени сме да водиме и скапа војна против следните пандемии. Од повеќе причини – од кои некои имаат врска со климатските промени – жаришта со болести со потенцијал да прераснат во пандемии ќе се појавуваат сè почесто. Дали ќе вложуваме во превентивни мерки или кризите ќе ги решаваме дури кога ќе избијат во случајов нема значење, зашто трошоците во секој случај ќе бидат огромни. На тоа треба да се додаде стареењето на населението и системите за пензиско и здравствено осигурување со тековното финансирање. Се проценува дека овој имплицитен непокриен долг веќе го достигна нивото на експлицитниот јавен долг во повеќето развиени економии.

Исто така, ќе мораме да водиме и војна за санирање на проблематичните последици од „глоботиката“: комбинација на глобализацијата и роботизацијата (вклучувајќи ги вештачката интелигенција и автоматизацијата) која се заканува со затворање голем број работни места. Државите ќе се најдат под притисок да им помогнат на губитниците, или со воведување на универзален приход, големи фискални трансфери или зајакнување на јавните и социјалните служби.

Трошоците ќе бидат мошне високи дури и ако автоматизацијата доведе до забрзан економски раст. На пример, не толку големиот универзален приход од 1 000 долари месечно би однел околу 20 проценти од БДП на САД.

Најпосле, мора да се започне и неодложна војна против растечката имотна и приходна нееднаквост. Во спротивно тешкотиите со кои се соочуваат младите и многу домаќинства од работничката и средната класа ќе продолжат да го поттикнуваат отпорот против либералната демократија и капитализмот на слободниот пазар. Ако сакаат да ја отстранат опасноста популистичките режими да ја преземат власта и да почнат да спроведуваат непромислени и неодржливи економски политики, либералните демократии мораат да потрошат богатство на јакнење на мрежите за социјална заштита – нешто што веќе го прават многу земји.

Водењето на овие пет војни е мошне скапо, а економските и политичките фактори ги ограничуваат шансите трошоците да се финансираат со зголемување на даноците. Уделот на даночните приходи во БДП веќе е мошне висок и во повеќето развиени економии – особено во Европа – а проблемите со наплатата дополнително ги отежнуваат обидите за зголемување на даночните стапки за највисоките приходи и воведување данок на капитал (под услов таквите иницијативи воопшто да поминат покрај лобистите и партиите од десниот центар кои им се противат).

Сите овие војни неизбежно ќе ги зголемат буџетските трошоци и трансферите изразени како удел во БДП, без соодветно зголемување на даночните приходи. Структурните буџетски дефицити ќе продолжат да растат и веројатно ќе доведат до неодржливи нивоа на задолженост, што ќе ги зголеми трошоците на задолжувањето и ќе кулминира со должничка криза, со сите очекувани погубни ефекти за економскиот раст.

За земјите кои се задолжуваат во сопствената валута најоптимално решение е со прифаќање повисока стапка на инфлација да ја намалат реалната вредност на долгорочниот номинален долг со фиксни каматни стапки. Таквиот пристап им одговара на заемопримачите и должниците, а може да се дополни со драконски мерки како што се финансиска репресија, оданочување на капиталот или дури банкрот (за земјите задолжени во странска валута, со поголем дел од долгот во краткорочни кредити или кредити со променлива каматна стапка). Бидејќи инфлациското оданочување е заобиколен начин на оданочување за кој не е потребна согласност од законодавната или извршната власт, таквото решение по линија на помал отпор се наметнува како најоптимално кога дефицитот и долгот ќе станат неодржливи.

Примарно се фокусирав на факторите на страната на побарувачката кои како резултат имаат раст на потрошувачката, дефицит, монетизација на долгот и инфлација. Но постојат и бројни среднорочни негативни шокови на страната на агрегатната понуда кои ги зголемуваат стагфлаторните притисоци и го зголемуваат ризикот од рецесија и каскадна должничка криза. Идејата за големо контролирано забавување е мртва; пред нас е голема стагфлациска должничка криза.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pedro Reyes

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото