Бомби, пари и женски права

16.01.2023 11:25
Бомби, пари и женски права

Не ми е непознат феноменот во кој некој се обидува да го експлоатира мојот труд во име на феминизмот, па дури и во име на уметноста или во име на промоцијата на мојата мала земја. Ќе наведам неколку примери пред да се осврнам на скандалозната англиска антологија на српски и црногорски авторки Balkan Bombshells во издание на англиската издавачка куќа Istros Books.

Пред година дена добив покана од една голема светска организација за женски права на нивна oнлајн конференција на слободна тема книжевност и жени, и тоа повеќе да служам како некој вовед (читај, културен забавувач). Прифатив зашто видов дека ќе зборува и Елиф Шафак. Не спомнаа хонорар, но си реков дека може ќе се јават по конференцијата. А и ако нема, си реков, Елиф Шафак прифатила – зошто да не прифатам и јас? Па така прифатив, иако тоа не ми беше во ред. Се разбира не се јавија за хонорар. Но по некое време се јавија да ме бараат да зборувам на следната конференција. Собрав храброст и им пишав мејл во кој ги прашав колку е хонорарот.

Знаев што ќе се случи зашто секогаш истото се случува. Експлоататорот на трудот обвинува дека ти мислиш само на пари, дека не веруваш во идеализам, во женски права, во уметност, дека ти си безобразна, ти бараш премногу и како не ти е срам што се осмелуваш да поставиш такво прашање, па никој не бара пари освен ти. И во случајот со оваа женска организација добив сличен одговор (не вака директен), но не попуштив и им напишав дека е крајно нефеминистички да експлоатираат женски труд и дека како и тие, и јас морам да заработувам за да живеам. За чудо, ми се извинија.

Но, извинувањето е реткост. Еднаш еден познат продуцент сакаше мојата женска иницијатива на раскажување приказни ПичПрич да ја претвори во ТВ токшоу. Кога го прашав за каков хонорар зборуваме, директно ми префрли дека мислам само на пари. Веројатно се изненади што му поставив такво прашање, зашто шовинистички претпоставуваше дека како жена само ќе сакам да сум на телевизија за да бидам позната, нашминкана и нафризирана. Другпат пак, една маркетинг агенцијата на саемот на книга во Скопје ме побара за лице на ТВ реклама. Кога ги прашав што добивам за возврат, ми рекоа „шминка и фризура“, а кога им реков дека е дрско и неприфатливо што ми нудат бесплатно да рекламирам продукт од кој некој заработува, ми рекоа дека тоа треба да го направам „поради љубовта кон пишаниот збор“.

Капитализирање на грбот на маргинализирани групи, а во конкретниов случај, на борбата за женски права, секогаш постоело, но ми се чини дека во последно време е посебно истакнато. Лично ми требаше време да почнам да проценувам кои иницијативи се неискрени. А лесно е: неискрени се тие што се плаќаат себе, а не го плаќаат создавачот на содржината, или, да го префрлам ова во книжевни рамки, неискрена е издавачката куќа што ќе ги плати уредниците, преведувачите, дизајнерите и печатницата, а нема да ги плати авторките. Само пред две недели одбив да учествувам во српска антологија на регионална женска книжевност од истите причини. Штом одбив, добив очекувана реакција: емоционална манипулација бидејќи тие, замислете, веќе ја испечатиле антологијата со мојот текст без моја согласност. Во ниеден момент не ми се извинија за тоа, туку ме искараа дека не сум им одговорила на време на мејл (од кога ми побараа согласност за објавување на текстот, без хонорар секако, до печатењето на антологијата поминаа 13 дена) и дека сум им се обратила со „огорчен тон“.

Затоа и најавата за објавувањето на антологијата Balkan Bombshells посебно ме погоди. Како што претпоставив, авторките не се платени и понудени им се многу лоши услови за авторските права. Насловот е скандалозен: bombshell на англиски означува и секс бомба, или згодна женска, па затоа и насловната е уште пошокантна: стилизирана сексуализирана бомба со женски облини. Со тоа творештвото на авторките е сведено на стереотипното претставување на Балканот – војна и насилство – и стереотипното претставување на жената низ призмата на нејзината сексуалност. Англичаните чудесно успеаја да спојат две навреди во една, при што не само што не се извинија откако беа изложени на масовнa критикa, туку ни постираа дефиниција за иронија на Твитер, уште повеќе навредувајќи ја нашата интелигенција со нивната колонијална надменост. Демек, се шегувале – на сметка на нашите трауми.

Го пишувам ова и реагирав јавно за антологијата зашто некои од нас тајно страдаат од комплекс на инфериорност кон западот и кон машкиот род. Некои од нас сметаат дека ова им е единствена шанса за успех и така се потценуваат себеси и својот труд. Знам како е од лично искуство. Не вреди, а уште помалку вреди кога некој за тоа бесрамно те експлоатира, инсинуирајќи дека треба да си благодарна што те забележале. Мило ми е дека на оваа тема се отвори дебата, зашто сметам дека како и во сите други сфери, прв чекор кон прогрес е создавање свест преку разговор, а за тоа сме секако зрели, и сѐ повеќе спремни едноставно да речеме „не“ без да се чувствуваме виновни.

Извор за текстот: Време (12.01.2023, Белград)

ОкоБоли главаВицФото