1027 hPa
70 %
7 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 08:59
Наместо да има подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, со текот на времето бележиме поопасен воздух што го дишеме. Главниот град во текот на минатиот месец дишеше поопасен воздух во споредба со декември 2021 година, со поголем број на денови кога се надминати дозволените среднодневни концентрации на ПМ-10 и ПМ-2.5 честички во воздухот, покажуваат резултатите од мерењата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Аерозагадувањето во декември, како и досега, било традиционално најзагрижувачко на мерната станица во Лисиче. Податоците од мерењата на концентрациите на ПМ-10 честички дале загрижувачки резултат за дури 25 дена во текот на декември 2022 година, кога била надмината дозволената среднодневна концентрација на ПМ-10 честички од 50 микрограми на метар кубен. Колку за споредба, во декември 2021 имало 17 дена, односно 8 дена помалку во месецот, кога имало надминување на дозволената 24-часовна вредност на ПМ-10 честички во воздухот.
Притоа, резултатите од мерењата за присуство на ПМ-10 честичките во Лисиче за декември 2022 година покажуваат дека дури девет дена од месецот имало екстремно загаден воздух, кога среднодневните концентрации на овие загадувачки честички биле над 150 микрограми на метар кубен – загрижувачка граница поради која властите го вклучуваат прагот на алармирање.
Заедно со ПМ-10 честички, воздухот во Лисиче изминатиов месец бил “богат” и со ПМ-2.5 честички. Да напоменеме дека максимално дозволената среднодневна концентрација на ПМ-2.5 честички во воздухот е 25 микрограми на метар кубен. На 23 декември, во Лисиче бил измерен 24-часовен просек на присуство на ПМ-2.5 честички од 259 микрограми на метар кубен, што е за фантастични 10 пати повеќе од максимално дозволената граница.
Воедно, дури 30 од вкупно 31 ден во месецот на мерната станица во Лисиче е измерено надминување на дозволената среднодневна концентрација на ПМ-2.5 честички во воздухот, покажуваат резултатите од месечните извештаи објавени на веб-страницата на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитетот на амбиенталниот воздух на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Дека во декември 2022 година се дишел поопасен воздух од истиот месец од претходната година, докажуваат и официјалните резултати кои се добиени и од другите мерни станици во Скопје.
Па така, мерната станица „Ректорат“ спроти трговскиот центар „Мавровка“ покажува полоши резултати во декември 2022 година. Кога станува збор за присуството на ПМ-10 честички во воздухот, измерено е дека во 16 денови од овој месец била надмината максимално дозволената гранична вредност за 24 часа од 50 микрограми на метар кубен. Притоа, во текот на три дена од минатиот месец воздухот бил екстремно загаден, при што концентрациите на ПМ-10 честички биле над 150 микрограми на метар кубен.
Измерените вредности на ПМ-2.5 честичките во воздухот кај Ректоратот на УКИМ покажуваат дека 26 дена од декември 2022 година била надмината максимално дозволената среднодневна концентрација на овие загадувачки супстанци. Своевиден рекорд е регистриран на 24 декември, кога дневниот просек на ПМ-2.5 честички во воздухот бил 191 микрограми на метар кубен, односно за речиси осум пати била надмината дозволената среднодневна концентрација.
Без исклучок, и другите мерни места во Скопје извадиле полоши резултати за квалитетот на воздухот во декември 2022 година, споредено со една година претходно.
Во делот на присуството на ПМ-2.5 честички, за забележување е дека во месечните извештаи за декември 2022 година нема резултати за мерните станици Центар и Карпош. Во Гази Баба, во декември 2022 се регистрирани 26 дена кога имало присуство на ПМ-2.5 честички над дозволената граница, додека една година претходно, ваквото надминување било регистрирано во текот на 24 дена од месецот.
Во однос на ПМ-10 честичките, од табелите објавени во месечните извештаи на Министерството за животна средина и просторно планирање може да се констатира дека на мерната станица во Центар имало надминување на дозволените концентрации во 21 ден од декември 2022 година. Воедно, во Карпош загаден воздух со ПМ-10 честички се дишел во текот на 16 дена од месецот, додека во Гази Баба загадување над дозволените граници било регистрирано во текот на 15 дена од декември.
Треба да се потенцира дека во Карпош за два дена, како и во Центар за четири дена од декември, во моментите кога имаше енормно аерозагадување, не се објавени среднодневни вредности од присуството на ПМ-10 честички во воздухот во месечните извештаи.
Но, и покрај тоа, споредбата со декември 2021 година, покажува една година претходно во Центар имало 15 дена со надминување на дозволените среднодневни концентрации на ПМ-10, додека во Карпош вакво загадување било измерено во текот на 12 дена, исто колку и на мерната станица во Гази Баба.
За одбележување е дека изминативе денови во Скопје, градските советници не можат да се согласат околу одржување на вонредна седница на Советот на град Скопје, на која би се дебатирало и би се донеле одлуки во однос на влошените резултати во однос на аерозагадувањето во главниот град. СДСМ побара од претседателот на градскиот совет Трајко Славески да свика итна седница за преземање на мерки против загадувањето на воздухот, но засега ваквото барање е одбиено. Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ, која го има мнозинството во Советот на град Скопје, го вперуваат прстот кон владата, барајќи од централната власт да преземе мерки за да се подобри квалитетот на воздухот.
Како и за многу други важни прашања во земјава, изминативе денови водечките политички партии си ја префрлаат одговорноста меѓу себе за преземањето мерки со кои ќе се ублажи загадувањето на воздухот во Скопје.
Извор: Мета