Активисти на протест за заштита на улични кучиња

16.01.2023 12:00
Активисти на протест за заштита на улични кучиња

Извор: Дојче Веле

Здруженијата за заштита на животните денеска пред Владата организираа јавен собир за да го изразат своето незадоволство поради последниот настан што се случи во Струга, кога човек со пушка уби десетина кучиња низ градот. Под мотото „Не сте безбедни во својата држава! Ајде да пробаме по наше!“, активисти на десетина здруженија за заштита на животните порачаа дека се свесни за преголемата популација кучиња секаде низ државата, дека прават сè што е во нивна моќ да ги вдомат и да ги тргнат од улиците, но дека битката не можат да ја водат сами.

Носејќи транспаренти „Затвор за убиците“, „Биди човек, не монструм“, „Стоп за слободна продажба на отров“, „И кучињата си одат од државата поради вашата неспособност“, активистите порачаа дека надлежните институции мора да преземат мерки за решавање на овој проблем. Тие порачаа дека нема да прифатат убивањето на бездомните животни да стане новата реалност.

„Одбиваме во 21 век да бидеме сведоци на примитивизам, насилство и на незаконско и ѕверско однесување на поединци кое носи непоправливи штети, а може да загрози и човечки животи. Свесни ли се воопшто надлежните дека некои од куршумите наменети за кучињата можеа да усмртат луѓе?“, реагираа здруженијата.

Листа со барања

Здруженијата до надлежните институции доставија неколку барања - обезбедување 250 бесплатни кастрации/стерилизации секој месец на територија на целата држава, со услов за микрочипирање на милениците; задолжително микрочипирање на секое куче со сопственик – парична казна од 80 евра првиот пат и 180 евра казна, доколку сопственикот повторно не ја почитува наредбата.

Потоа, зголемување на бројот на инспектори во АХВ или формирање посебно тело кое ќе врши строги контроли за неодговорно сопствеништво и за нечипирани миленици; зголемување на казните за неодговорно сопствеништво и нечипирани миленици, забрана и казни за оплодување на домашните миленици.Од здруженијата бараат и ангажирање локални инспектори или формирање на посебно тело - Полиција за животни, кое ќе врши надзор и пријавување на секое легло исфрлено на улица, како и изградба на азил за кучиња во секоја општина, во соработка со локалните здруженија.

Според здруженијата, кучињата по улиците се последица на неодговорното однесување на луѓето. „Анима Мунди“ потсети дека во 10 наврати доставувале предлог измени и дополненија на Закон за заштита и благосостојба на животни, усогласени со најуспешни ЕУ практики, поддржани и од ЕУ парламентарци, кои во континуитет се игнорирани, а истите дефинираат мерки за контрола, сузбивање, надминување на проблемот.

Изминативе три години 3.660 граѓани пријавиле напади од улични кучиња, а од нив 498 се деца. Ова го покажуваа анализите на Министерството за внатрешни работи изготвени на барање на Центарот за управување со кризи. Во 2020 година на територија на целата држава биле пријавени 1.602 напади на граѓани од страна на бездомни кучиња, во 2021 година биле нападнати 1.315 граѓани, а годинава се пријавени вкупно 1.283 напади од кучиња. Бројката на напади најверојатно е многу поголема, имајќи предвид дека голем број граѓани се одлучуваат да не ги пријават ваквите случаи. Често се случува и дел од граѓаните кои биле бркани од кучиња, притоа да паднат и да се повредат.

Законски измени

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека сите барања на „Анима Мунди“ се легитимни и ги поддржува. Тој информираше дека му дал налог на министерот за земјоделство Љупчо Николовски да подготви сосема нов закон за миленици, во кои ќе биде опфатени барањата на организaциите за заштита на животните.

„Ќе се подготви нов закон кој ќе ги опфати сите услови за чување на домашни миленици, почнувајќи од чипирањето. И јас чувам куче и знам како е. Во однос на кучињата скитници, сметам дека е време и градоначалниците да си ја вршат својата работа и да поведат грижа за тоа што им се случува на нивните улици. Не ги биравме градските татковци, постојано да се жалат, туку да работат“, изјави Ковачевски. Тој вчера (21.01) рече дека иако овој проблем не е во надлежност на државата ќе се побара помош од Брисел преку ИПАРД-програмите да биде изграден стационар во кој ќе се згрижуваат кучињата скитници

 Слики: John Burningham - SIMP (1999)

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото