Моралните вредности на глобалниот капитализам

16.01.2023 14:30
Моралните вредности на глобалниот капитализам

 

Ако човек сака нешто да научи за животот на птиците, тоа најдобро може да го направи доколку го набљудува нивното гнездо, каде што тие полагаат јајца и ги одгледуваат своите млади. Или, накусо, за природата на појавите во светот најдобро се учи од нивната рана доба, од нивниот настанок и први денови. Така и за природата на капитализмот и глобализацијата најдобро можеме да судиме доколку овие појави ги набљудуваме од нивните први денови, пред точно 530 години.

Дента, на 12 октомври 1492 година, кога Колумбо ги наводени своите коњички чизми со високи натколенски сари, згазнувајќи на песочната плажа од карипскиот остров што подоцна ќе биде наречен Сан Салвадор, симболички почна модерниот капитализам и глобализацијата. Вистинскиот почеток на најголемото капиталистичко претприемачко остварување во историјата на светот – а тоа е освојувањето, геноцидот на домородното население, поробувањето и колонизацијата на Америките, Австралија, Африка и југоисточна Азија – може да се помести два месеци подоцна, кога Колумбо се истоварил на Хиспаниола, каде што ја основал првата функционална населба, односно првата експлоататорска експозитура на глобализацискиот ран капитализам.

Веќе до 1503 Хиспаниола била покриена со рудници на злато во кои работеле поробените домородни племиња Таино, и тоа во толку смртоносни услови и дивјачки третман на првите шпански капиталисти, што поради масовното умирање на домородците од робовската работа и терор, истата година морало да се организира дотур на робови од Африка, за кои се сметало дека ќе бидат поиздржливи. Системот на робовска работа во рудниците бил таков што ги убивал сите домородци што ќе влезеле на работа во рудниците. Така популацијата на народот Таино од првобитните помеѓу половина милион и 8 милиони (според научните проценки) за неколку децении од впловувањето на Колумбовата глобализациска експедиција останале само дваесетина илјади, што значи дека во овој вистински геноцид биле истребени помеѓу 95 и 99 отсто од населението. Се разбира, за хуманиот или за моралниот аспект на првиот капиталистички глобализациски претприемачки проект на Кристифор Колумбо, во тоа време – а и многу подоцна – многу не се расправало.



Дека главната причина за овој геноцид, кој во времето што надоаѓало се проширил низ двата американски континента, не била (само) имунолошката неотпорност на домородците на заразните болести донесени од Стариот свет, најдобро сведочат записите на еден фратар на францисканскиот ред, Торибио де Мотолиниа. Тој ја опишал масовната гибел на домородните робови во рудниците во кои „кога ќе им снемаше храна, умираа, било во рудниците (…) било бегајќи дома, каде што умираа набрзо по враќањето. Телата на Индијанците и на робовите што загинале во рудниците смрдеа толку што предизвикуваа епидемии (…). Барем на два-три километри околу тие рудници и по најголемиот дел од патиштата што водеа до нив, речиси не беше можно да се пројде без да се гази по лешеви и коски, а јатата птици и врани што доаѓаа да се гостат со труповите беа толку бројни што го замрачуваа сонцето“.

За моралниот аспект на глобализацијата, како и за нежната врска помеѓу интересот на капиталот и на државата, односно помеѓу претприемништвото и глобалните империи во коишто либералниот капитализам цутел, уште повеќе може да се научи од примерот на Опиумските војни во 19 век. За да се сфати преттекстот и значењето на Опиумските војни мора да се земе предвид фактот дека во поголемиот дел од двата изминати милениуми кинескиот удел во светскиот бруто-производ бил околу 25 отсто и дека интересот за кинеските производи постоел континуирано од доба на Римското Царство. Кога отпочнала глобализацијата (овозможена пред сè со развојот на бродарството) интересот за кинеските стоки на европските глобални империи се зголемил експоненцијално. Европските трговци во големи количини ги купувале во Кина сите ексклузивни кинески производи – свилата, порцеланот, зачините и, по седумнаесеттиот век – чајот. Бидејќи во Кина не постоела побарувачка за стоки од Западот, трговците од Европа го создале огромниот трговски дефицит, кој станал голем економски и финансиски проблем на нивните империјални држави.



Бидејќи очајнички барале начин со некоја стока да ги заменат безбројните сребрени полуги што се одлевале во Кина како платежно средство за кинеските скапоцени стоки, а таква легална стока практично не постоела, европските глобализациски претприемачи се свртеле кон илегалната трговија со опиум, за кој во сите времиња и секаде постоела побарувачка. Поради смртоносните и девастирачки последици од уживањето на опиумот, кинеските цареви ги беа забраниле и производството на афион и трговијата со него, а на крај и користењето, односно уживањето во опиумскиот чад. Меѓутоа, побарувачката на забранетиот опиум била голема, па источноиндиската компанија, една од првите и најголемите мултинационални корпорации и глобализациски пионери, со помош на британската кралска повелба и со сопствената платеничка војска го презела монополот над масовното одгледување афион на индискиот потконтинент и неговото криумчарење во Кина. Со криминалните пари од криумчарењето на опиумот британската империја го елиминирала трговскиот дефицит со Кина, зашто со кинеските пари собрани од опиумските зависници го финансирала откупот на кинеската свила, порцелан и чај. Источноиндиската компанија така станала најголемиот светски производител и дилер на дрога, а парите од дрогата биле клучни за економијата на најголемата глобална империја на тоа време, Британското царство.



Првата опиумска војна почнала во 1839 година, кога Кина со закон го забранила користењето на опиумот на своја територија и вовела одлучни мерки за прохибиција на пушењето опиум и за уништувањето на криминалните мрежи за неговото криумчарење во земјата. За возврат, и во интерес на одржување на нелегалното криумчарење на опиумот во Кина, британската држава веднаш ја испратила својата военопоморска армада со која ги бомбардирала кинеските приморски градови. Конечно, супериорните британски бојни бродови ја поразиле кинеската флота и по три години војување ја натерале Кина на капитулација и потпишување на срамниот мировен договор од Нанкинг во 1842 година, со кој Кина била обврзана на увоз на неограничени количини британски опиум, а згора го изгубила и Хонг Конг, кој станал британска колонија.

И втората Опиумска војна е срамен доказ за неморалната суштина на капиталистичката глобализација, зашто таа 1856 година избила повторно поради кинеското непомирување со опиумскиот терор што британската империја насилно го вбризгувала во Кина, предизвикувајќи масовна зависност, апатија и смрт. А, за повод е избрано кинеското запленување на пиратски криумчарски брод што пловел под британско знаме, што предизвикува нагон за повраќање и денес кога ги пишувам овие редови.



Елем, војната траела до 1860 година, кога на Британците за воената победа за остварување на нечесната алчност по опиумскиот профит им помогнале и Франција, Руското царство и Соединетите Американски Држави. Кинескиот бруто-производ уште за време на војните и на опиумската катастрофа опаднал за 50 отсто, па целиот следен „Век на понижувањето“ – како што денес се означува тој период во Кина – и сè до 1979 година, кинескиот удел во светскиот бруто-производ тлеел на едвај 2 отсто.

Иако без милионите лешеви што се распаѓаат непогребани и враните што го црнеат небото над нив и иако без толку очигледно неморалните воено-глобализациски мотиви како што беа оние зад колонизацијата на континентите и зад опиумските војни што однесоа многу повеќе од стотина милиони жртви, сепак и денешната војна помеѓу САД и Русија што се води во Украина, како и напнатостите во јужниот Пацифик помеѓу САД и Кина, се империјалистички по својата суштина, па според тоа и со истите глобализациски „морални вредности“ како и претходните. Наративот дека денес е во прашање борбата помеѓу демократијата и авторитаризмот или тоталитаризмот или, уште полошо – дека станува збор за борба помеѓу доброто и злото, е само уште една одвратна капиталистичка пропагандна лага, од истиот маштаб како што беше и онаа од минатите векови за носењето на цивилизацијата во дивјачките Америки или во колониите во Африка и во Азија. Станува збор само за геополитичко ресетирање на глобализациската игра помеѓу Империјата хегемон и незадоволните претенденти, во која на страната на Доброто се само нејзините жртви.



Слики: Saul Steinberg (насловници за New Yorker)

Извор за текстот: Слободен печат

 

Слични содржини

Став / Теорија / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото