Што донесе 2022 за младите во Македонија?

18.01.2023 00:24
Што донесе 2022 за младите во Македонија?

Младите во Северна Македонија и во текот на 2022 година се соочија со низа проблеми кои директно се одразуваат на нивниот живот. Тие во вокабуларот на политичарите се врвен приоритет, но во пракса властите не прават доволно за нивната иднина. Во продолжение преглед на тоа што ја одбележа 2022 година во однос на младите, според Порталб.мк.

Висока стапка на невработеност, родова нееднаквост

Како последица на високото ниво на корупција, непотизмот, нееднаквоста и немањето на перспектива, стапката на невработеност кај младите во РСМ и оваа година остана висока. Како резултат на тоа, младите продолжија масовно да мигрираат во западните земји за еден подобар живот.

Според извештајот на Државниот завод за статистика (ДЗС), во првиот квартал на 2022 година, стапката на невработеност кај младите на возраст од 15 до 24 години била 34,8 отсто, во вториот квартал 30,8 отсто, додека пак во третиот 32,6 отсто, односно за 3,8 отсто пониска од таа во истиот период претходната 2021 година.


Генерално, во 2021 година стапката на невработеност изнесувала 36,4 отсто, додека пак во 2020 година 35,7 отсто.

Во Северна Македонија има вкупно 209.192 млади луѓе на возраст од 15-24 години, од кои 60.172 се работоспособни. Вработени се 40.584, а невработени се 19.587.

* Од вкупниот број на вработени, 27.064 се мажи, а 13.521 се жени.
* Од вкупниот број на невработени, 10.968 се мажи, додека 8.619 се жени.

Во Последниот Извештај на Европската Унија за 2022 година за напредокот на Северна Македонија во нејзиниот евроинтеграциски пат, посебен акцент е ставен на невработеноста кај младите, при што се вели дека таа останува висока, односно 30,9 отсто, и дека во оваа насока треба да се работи уште многу.

Младите продолжуваат да си заминуваат

На почеток на годината, француската новинска агенција Франс-прес објави извештај во кој пишуваше дека младите од земјава масовно си заминуваат во странство за подобар живот. Во текстот се истакнува дека населението е една демографска темпирана бомба, поттикната од стареењето на населението, падот на наталитетот и масовната миграција.

Нема официјални податоци околу тоа колку млади луѓе ја напуштиле државата. Според една студија на Економската организација за развој и соработка, младите си заминуваат од земјата поради неусогласеноста на побарувачката на пазарот и немањето перспектива за иднината.

Ова ја потврдува и aнализата на Јут Алијанс во која учествувале над 440 млади луѓе од целата држава. Четири од десет испитаници изјавиле дека земјата ќе ја напуштат поради високиот степен на корупција.

Проблемот со заминувањето на младите е посебно истакнат во Полошкиот регион, за кој се одржа и една јавна дебата со претставници на невладините организации и на институциите.

За да се спречи заминувањето на младите од Северна Македонија во април, државните власти во земјава најавија дека ќе ги интензивираат проектите за самовработување, како и тие за отворање на нови фирми од страна на младите.

Оваа година, преку оперативниот план беа предвидени 14.685 нови вработувања, при што, како што беше кажано, приоритет ќе имаат младите лица. Но, реалноста е дека младите продолжуваат да си заминуваат.


Младите не се приоритет на државните институции

На 10-годишнината на Порталб.мк, на панел дискусијата „Визијата за Северна Македонија“, младите ги истакнаа проблемите што ги засегаат нив и точките каде што надлежните итно треба да постапат. Тие изразија незадоволство поради нивната положба во општеството, а во следната деценија сакаат да ја видат Северна Македонија како една земја каде што се живее подобро и каде основните животни проблеми повеќе не се предмет на дискусија. Тие рекоа дека доколку во следната деценија во земјава не се работи и не се инвестира, младите уште повеќе ќе си заминат на запад.

Според истражувањето „Социо-политичкото учество на младите во Северна Македонија: 2021” на Вестмистерската Фондацијата за демократија само 13 отсто од младите во нашата земја сметаат дека властите целосно или во голема мера се грижат за нив или за нивните проблеми. Околу 15 отсто од младите сметаат дека можат целосно или во голема мера да влијаат на она што го прави владата. Загрижувачки е фактот што 82 отсто од младите сметаат дека на Северна Македонија и треба строг и силен лидер, и како модели на политичари им се авторитарните лидери на Балканот и светот.

Младите беа едни од главните приоритети на сите кандидати за градоначалници на Полошкиот регион на последните избори во 2021 година, но според истражувањето објавено од Порталб.мк, челниците на општините по нивното доаѓање на власт сосем ги заборавија младите. Ниту една општина во овој регион не ги исполнила во целост обврските кои произлегуваат од Законот за млади.

Колку се заинтересирани општините за младите покажуваат и податоците на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) за спроведување на Законот за младинско учество. Само 12 отсто од општините во Северна Македонија имаат формирано локални младински совети, иако според законот сите општини беа обврзани да го сторат тоа до јануари минатата година.

Во меѓувреме, од октомври започнаа активностите за изготвување на Националната стратегија за младите за периодот од 2023-2027 година под капата на Агенцијата за млади и спорт. Со оваа Стратегија се планира да се воведат основните принципи и области преку кои се планира остварувањето на правата, потребите и интересите на младите до 2027 година. Во моментов составена е првата нацрт-верзија на стратегијата и наскоро се очекува да се стави на јавна расправа, а потоа да се продолжи со другите процедури. Заинтересираните лица сè уште имаат можност да се вклучат во овој процес со свои конкретни предлози.

На крај на месец април, Организацијата за домување и станари (ОДС) во соработка со Цивика Мобилитас ја изработи и промовираше студијата „Младите и домувањето”, во која се наведува дека бездомништвото во нашата земја се последица на високата преваленца и различните форми на дискриминација со кои се соочуваат одредени групи на луѓе, вклучително и младите луѓе. Според истражувањето, на младите бездомници во РСМ им недостасуваат специјализирани услуги за нивно едуцирање и интеграција во општеството, на пазарот на труд и помош при решавањето на станбеното прашање.

Исто така, младите се соочуваат и со проблеми со менталното здравје, како последица на пандемијата со ковид-19, но властите им помогнале на студентите. Претседателката на Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Ева Цветковска, при презентацијата на документот за јавните политики „Ментално здравје – сега е време“ од тимот на „Младите можат“ посочи дека се обратиле до Министерството за образование и наука со предлог да се отворат постојани канцеларии на психолози во УКИМ кои ќе бидат бесплатни, но дека наидоа на проблеми со Министерството за финансии и УКИМ и оваа реална потреба сè уште не е реализирана.

И додека институциите во земјата не се грижат за младите, Европската Унија 2022 година ја прогласи за Година на младите. Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заедно со „Јуроп Хаус“ го одбележа Денот на Европа 2022 преку низа активности за младите и под слоганот #ThinkForward.

И кога сме кај Европската Унија, годинава беа избрани и десет млади европски амбасадори од земјава. Платформата на млади европски амбасадори (YEA) е креативна мрежа составена од млади активисти од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија).

Талентираните млади луѓе кои се истакнаа оваа година

Меѓу истакнатите имиња и успешни приказни на младите оваа година, најголемо внимание имаа математичките генијалци, 13-годишниот Или Морина од Скопје и 7-годишниот Maкедон Димитровски, а надлежните власти им ветија поддршка.

Потоа следуваше 14-годишниот Aди Исмаили од Гостивар кој ја освои титулата европски првак во модерен балет.

14-годишниот активист за пристапност Jaне Велковски, на кој му е дијагностицирана спинална мускулна атрофија (СМА), за „ТЕД“ зборуваше за независноста и слободата што му ја овозможува инвалидската количка.

Учениците од „Зеф Луш Марку“, „Раде Јовчевски Корчагин“ и СОУ „Орце Николов“ се победници на државниот натпревар NASA Space Apps Challenge.

Скопјанката Софија Велковска го освои сребрениот медал на втората Европска олимпијада по информатика за девојчиња (ЕОИД 2022).

Соња, Теа и Гала од општинското основно училиште „Братство“ – Карпош се една од петте екипи кои во 2022 година ја претставуваа државата на меѓународниот натпревар по знаење и критичко размислување „Светски куп на научници-ученици“, по што обезбедија пласман на „Турнирот на идни шампиони“.

2023 година

Сите горенаведени прашања претставуваат предизвици за кои решенија ќе се бараат и во следната година. Во Извештајот на ЕК за 2022 година е истакнато дека поради делумната имплементација на минатогодишните препораки, во наредната година земјава треба силно да продолжи со спроведување на мерките за активирање на пазарот на трудот за младите, вклучително и жените, инвалидите и Ромите. Исто така, треба да се подобрат консултациите со младите при креирањето на политиките.

 Извор и слики: Порталб.мк

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото