Владеат со Британија, а ги предводи Риши Сунак: Кои се зенијалците?

18.01.2023 03:22
Владеат со Британија, а ги предводи Риши Сунак: Кои се зенијалците?

Веќе е познато дека Сунак со 42 години е најмладиот британски премиер во повеќе од 200 години, но е само една година помлад од Дејвид Камерон и Тони Блер кога дојдоа на власт.

Но Сунак и неговата младешка екипа во Даунинг Стрит се припадници на една генерација што ги обликува и одлуките кои ги донесуваат додека се на власт, велат коментаторите и оние кои соработуваат со луѓето блиски до британскиот премиер.

Роден во мај 1980 година, Сунак е дел од микрогенерацијата позната како зенијалци. Се работи за генерација родена во доцните седумдесетти и раните осумдесетти, помеѓу генерацијата икс и миленијалците.

Зенијалците пораснаа во аналогниот свет на видеорекордерите и касетите, за разлика од своите дигитални миленијалски колеги, но главно работеа во ерата на паметните телефони и брзиот интернет.

Кариерата ја започнаа пред големата финансиска криза од 2008 година, а многумина го обезбедија станбеното прашање пред падот на пазарот со недвижности. Но тие, како и миленијалците, поминаа низ финансискиот крах и економската криза, политичките превирања во 2010-тите и кризата наречена пандемија со коронавирусот.

Неверојатно, Сунак на Даунинг Стрит се опкружи со луѓе од својата генерација.

Минатиот месец за политички секретар го именуваше школскиот пријател Џејмс Форсајт, новинар на Спектатор, зајакнувајќи ги редовите на зенијалците на Даунинг Стрит. Оливер Дауден, близок пријател на Сунак и службеник во кабинетот, и секретар во кабинетот на Сајмон Кејс, највисок државник во британската влада, родени се во 1978 година. Се верува дека и главната приватна секретарка на премиерот, Елизабет Перелман, е дел од истата микрогенерација.

Меѓу луѓето на Сунак на Даунинг Стрит постарите службеници се реткост.

„Тоа е вистински удар на зенијалците“, рече поранешен вработен близок до тимот на Сунак, наведувајќи ги како примери и именувањето на Еленор Шокрос, која ја води единицата за политика на премиерот, како и клучните советници Бил Морган и Ник Парк.

За разлика од своите претходници од генерацијата Икс, зенијалците сè уште беа деца кога Маргарет Тачер беше на врвот од славата. Конзервативната премиерка замина од функцијата кога зенијалците стигнаа во политички формативните средни до доцните тинејџерски години и раните дваесетти, иако нејзиното наследство сè уште беше присутно.

Тие се групација „недоволно цинична за да биде вистински гранџ, но ни приближно толку весела како миленијалците, зашто беа под постојан надзор на родителите и освојуваа трофеи само заради учеството“, објаснува американската новинарка Сара Станкорб.

Дигитална поделба

Постои уште една клучна особина која Станкорб ја согледала кај својата генерација. „Зенијалците го разбираат периодот 'пред' дигиталните времиња, но исто така се способни да усвојуваат нови знаења. На некој начин се дигитални првороденчиња, но не се родени во дигиталната доба како помладите миленијалци или генерацијата Зед“, порачува.

Зборувајќи во подкастот на Политико, Вестминстер Инсајдер 2021, Сунак потврди дека може да се присети на ерата на микстејповите и откри дека жена му веројатно сè уште ја има компилацијата на ЦД која ја направил за неа во младоста. Исто така се присети на времето во кое дисковите всушност беа дискети. Сето тоа се клучни карактеристики на зенијалците.

Оние што добро го познаваат Сунак велат дека постојат јасни знаци за ваквиот начин на размислување во начинот на кој тој и неговите колеги ја водат британската влада.

Претходно цитираниот поранешен вработен тврдеше дека Сунак е „технолошки најмногу освестен премиер што Британија некогаш го имала“ и дека „тоа ќе го вгради во креирањето на политиките ако има време, на начин на кој другите премиери никогаш не го правеа“.

Лобистот кој работел со Сунак забележа дека било тешко да се предвиди како ќе се постави премиерот во врска со некои од проблемите зашто „во голема мера се води од податоците“.

Но друг поранешен советник се плаши дека сфаќањето на Сунак на дигиталниот и аналогниот свет можеби нема да биде во негова корист и може да доведе до основни грешки во тонот и расудувањето.

„Зенијалците не разбираат зошто луѓето постојано кликаат бесцелно и сето свое време го поминуваат на социјалните мрежи, но знаат дека иднината е во тоа“, рече поранешниот советник.

„Затоа ги имате сите оние јадни владини видеа, иако никој нема да ги следи сметките на премиерот и нема да биде информиран на тој начин. Затоа ги имате министерските профили на ТикТок и подемот на поранешниот министер за здравство Мет Ханкок (познат по користењето социјални мрежи, роден 1978 година)“, додава советникот.

Избор на политики

Со оглед на неговата релативна младост, Сунак веќе се соочи со прашањата дали неговата политичка агенда им нуди нешто на миленијалците кои сè уште се борат за обезбедување сопствен простор за домување.

Прашан во интервју за Би Би Си, Сунак инсистираше на ветувањата кои ги даде во својот новогодишен говор, меѓу кои се решавањето на проблемот со инфлацијата, повторно придвижување на економскиот раст и намалување на долгот на јавниот сектор.

„Најдоброто нешто што можеме да го направиме за да ѝ помогнеме на таа генерација е да ги намалиме каматните стапки, а тоа значи да се намали инфлацијата, заради што првиот приоритет што го поставив годинава беше таа да се преполови, а вториот раст на економијата“, рече.

Но многу конзервативни стратези стравуваат дека Сунак и неговата партија сè уште прават премалку за да ги привлечат миленијалците како гласачи, наведувајќи податоци кои сугерираат дека ториевците ја губат поддршката кај оваа групација.

Рајан Шортхаус, основач на тинк тенкот Брајт Блу, рече дека за падот на бројот млади луѓе кои гласаат за ториевците може да се обвини хроничниот недостаток на простор за домување во Британија, како и падот на стапката на наталитет меѓу генерациите кои немаат обезбедено економска стабилност за засновање семејство.

„Мислам дека тоа би требало да ги 'наежи' конзервативците. Едноставно, сè уште не видов доволно поддршка кај Риши за неговата генерација“, додава.

Маиците со качулка се за излежување

Со доаѓањето на Даунинг Стрит, Сунак исто така избегнуваше некои работни навики кои ги дефинираа миленијалците, вклучувајќи го неформалното облекување на работа и склоноста кон работа од дома предизвикана од пандемијата.

Иако често се фотографира во маица со качулка, Сунак, според еден сегашен службеник, се држел до диктатот од времето на Лиз Трас дека персоналот треба да биде облечен елегантно.

„Тој е релативно традиционален во својот менаџерски стил, што веројатно зборува за тоа дека е на работ на двете генерации“, рече претходно цитираниот поранешен советник.

„Мошне е пристоен и претпоставувам дека сака луѓето да се прописно облечени во поголемиот дел од времето. Дефинитивно сака луѓето да работат во канцеларија, блиску до него“, додаде советникот.

Секако, Сунак не е баш првиот светски челник зенијалец и ако му треба совет од глобален сојузник на слична возраст, секогаш може да ја крене слушалката и да го повика францускиот претседател Емануел Макрон, роден во декември 1977 година.

Ако не му успее тоа, тука секогаш е севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-Ун, исто така зенијалец.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.tportal.hr/

ОкоБоли главаВицФото