Светулки играат мижитатара на гробишта

18.01.2023 15:23
Светулки играат мижитатара на гробишта

Од збирката „Начкртано во темнината“ (2017) - седум песни од поетот кој неодамна почина.


Историја


Нашите животни приказни се страшни и смешни,
како маски што се носат за Ноќта на вештерките
кога децата шетаат од врата до врата
држејќи ги помалите за рака,
во некое одамна запустено маало,

каде луѓето споделуваат вечера
во лута тишина или гласна караница,
кога следи чукање на врата
меко тропкање на срамежливо момче
облечено во костум сошиен од мајка му.

Што е ова што си го наврел, момче?
Кај си ја нашол маскава?
Ова сите нѐ изнасмеа
а ти стоиш зјапнато во нас,
како да знаеш дека сите ние сме историја.

 

Бескрај


Бескрајот зева и продолжува да зева.
Да не му се спие?
Да не му фали Питагора?
Или едрата на трите брода на Колумбо?
Дали звукот на морето го потсетува на себеси?
Дали некогаш седнал на чаша вино и бистрење филозофија?
Дали ѕирка во огледала ноќум?
Дали има куфер полн сувенири скриен за недајбоже?
Дали сака да лежи во мрежа и ветерот да му шепоти нежности на уво?
Дали влегува во празни цркви и пали една свеќа пред олтарот?
Дали нѐ гледа како пар светулки што играат мижитатара на гробишта?
Дали нѐ смета погодни за јадење?

 

Начкртано во темнината


Извик на улица.
Некој се збуцал со својот демон.
Потоа, мирот се враќа.
Ветерот шумоли низ лисјата.
На птиците во гнездата им е мило
што некој ги заспива со нишкање.
Ноќта заладува.
Шурки крв во одводите
чекаат изгрејсонце.

 


Знаци на времиња


За ум полн со немир
трепетниот крајпатен плевел е Касандра,
исто како и глетката
на затворената народна библиотека,
полици со книги зад прозорците
неотворени со години,
болникав стар пес на скалите,
и човек клапнат до него,
устата немо му мрда
како на глумец кој го заборавил текстот
на крајот од некоја трагична фарса.

 

Неканет гостин


Мрачна мисла на сончев ден
трома мома во неволја
сечиј рандеву на слепо
со поглед како да има скришна
фиока со ножеви во кујната на лудак
чавка ми врти во лет околу главата
пријател на самоубијците
леконог гробар на нашите надежи
дежурна сестра во пеколот
што се ведне над колевка.

 


Вчудоневиден


Сум проколнал некого или нешто
што саноќ се мешколам и вртам –
или така барем ми рекоа, иако не помнам
кој би можело да е тоа, па зјапав
во светот надвор вчудоневиден.
Мразот убаво легнал врз грмушките
божем светкава лента врз елка,
кога една лимузина долга како погребална кола
ми се дотркала во видот како запира на секое
поштенско сандаче небаре бара нечие име,
па откако не го наоѓа брзо заминува,
гумите ѝ чкрипат како да квичи прасе
кренато во воздух од касапот.

 

Гледање нешта


Тука дојдов во младоста,
ветерна играчка на конец.
Видов улица во пеколот и улица во рајот.
Видов соба со светилка толку болежлива
што можеше да се потпира на бастун.
Видов како еден старец во кројачки дуќан
клекнува пред невеста со шпенадли во устата.
Го видов претседателот како се колне пред Библија додека околу него паѓаше снег.
Видов вљубен пар како се бакнува во празна црква
и гол човек како истрчува од зграда со липот и со пиштол в рака.
Видов деца што носат маски за Ноќта на вештерките
и скокаат од еден на друг покрив во залезот.
Видов една жена-бездомник што го колне Бога
и слепец со гитара што пееше:
„О Боже, сети се на мене,
скрши ги овие пранги и ослободи го моето тело“.


Слики: Juan Martínez Bengoechea

Превод: Зоран Анчевски

Извор: „Начкртано во темнината“ (Scribbled in the Dark, 2017); од книгата „ЧАРЛС СИМИЌ“, Струшки вечери на поезијата, 2017.

ОкоБоли главаВицФото