Десетте најдобри филмови за 2022 година, според магазинот Тајм

19.01.2023 13:24
Десетте најдобри филмови за 2022 година, според магазинот Тајм

Деновите на намалена филмска продукција, како резултат на короната, се чини дека се зад нас, а филмовите повторно стануваат раскошни и големи, забележуваат критичарите од оваа медиумска компанија.

“Барем тоа со сигурност можеме да го кажеме за првото место на оваа листа, која ја зазеде, ни помалку ни повеќе, туку Стивен Спилберг и неговиот нов филм „The Fabelmans“.”

Станува збор за многу лична, речиси автобиографска приказна за славењето на филмот, низ очите на едно момче чии родители се разведуваат. Мишел Вилијамс и Пол Дано ги играат Мици и Берт Фабелман, замена за вистинските родители на Спилберг. Нивните изведби се меѓу најдобрите за изминатата година, длабоко трогателни и деликатни.

Веднаш зад Спилберг е уште едно крајно емотивно дело „Aftersun“. Во дебито на шкотската режисерка Шарлот Велс, ја следиме приказната на единаесетгодишната Софи која оди на одмор со нејзиниот татко (извонредниот Пол Мескал). Многу години по тоа патување, кога девојчето ќе порасне, тоа ќе почне да формира покомплексна слика за нејзиниот татко, сосема поинаква од онаа што ја стекнала кога била многу мала.

Очигледно е дека режисерите биле особено инспирирани од реминисценцијата на годините на созревање и растење, бидејќи на третото место се наоѓа слична приказна „Armagedon Time“, на Џејмс Греј. Во филмот, дејството е сместено во 80тите години во Квинс при што едно дете, кое претставува измислена верзија на самиот режисер, почнува да се дружи со мало афроамериканско момче.

На четвртата позиција е биографскиот филм „Елвис“ на Баз Лурман, со тоа што режисерот помалку го интересираше „вистинската“ приказна за кралот на рокенролот, па се спропушти на фантазијата, многу додаде и разубави. Всушност целата приказна е раскажана низ перспективата на менаџерот на Елвис, кој го толкува Том Хенкс.

Петтото место е резервирано за филмот „Happening“, на француската режисерка Одри Диван. Приказната за абортусот во 1960-тите во Франција, кога преземањето на ваков чекор било сеуште нелегално, се базира на мемоарите на нобеловката Ани Ерно.

На шесто место е приказната за културата на исклучување и имагинарната диригентка „Tar“, која ја игра секогаш големата Кејт Бланшет, додека на седмото место е одисејата на едно магаре во филмот „Ео“.

Осмото место е резервирано за италијанската кинематографија и истражувањето на пештерите во филмот „Il Buco“, во режија на Фрамартино.

На деветтото место е „ Inspection“, приказна за геј момче кое кога ќе остане без многу опции и покрив над главата, решава да се пријави во маринци.

И, конечно, на десеттото место е режисерката Лора Поитрас, добитничка на овогодинешниот „Златен лав“ во Венеција, за „ All the Beauty and the Bloodshed “, документарен филм за фотографката Нан Голдин и за корупцијата во фармацевтската индустрија.

 

Извор: Time