Сите за МКЦ: граѓаните се собраа во знак на одбрана на култната културна институција

23.01.2023 00:25
Сите за МКЦ: граѓаните се собраа во знак на одбрана на култната културна институција

Во неделата, пред Младинскиот културен центар се одржа настанот „Музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“. На овој настан граѓаните го изразија своето незадоволство поради тоа што оваа култна институција повторно е на мета на партиски игри.

Имено, од МКЦ соопштија дека доскорешниот в.д. директор, Ванчо Богоев, кој во МКЦ работи 36 години, од кои една година на функцијата в.д. директор, не подлегнал на притисоците од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување.

„Во попладневните часови вчера, постоечкиот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев кој 36 години е дел од институцијата и кој со својот едвај целогодишен мандат продолжи во насока на растење и одржување на програмата на МКЦ, беше сменет од својата позиција поради неподлегнување на екстремните притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување за Арбен Шаќири.

Бидејќи, сега веќе екс директорот на МКЦ не ја потпиша таа одлука, од утре МКЦ има нов в.д. директор, Никола Алексов, дипломиран детектив, кој е примен пред два дена преку Агенција за привремени вработувања во МКЦ без никакво искуство и позадина во културна институција“, истакнаа од Програмскиот колегиум на МКЦ.

Настанот „Музички собир во одбрана на МКЦ: Сите за МКЦ“, започна во 12 часот, а организаторите „Гола планина колектив“, истакнаа: Ова е собир за сите ентузијасти и љубители на независната култура, заедно да го изјавиме нашето незадоволство.

Пред МКЦ се потпишуваше и петиција преку која се бара зголемување на буџетот на институција, кој минатата година изнесуваше 2 милиони денари, од државните ресурси за култура. Дополнително, преку петицијата се бара да се стави „МКЦ надвор од политичките игри“.

Организаторите планираат петицијата да ја испратат до Град Скопје и Министерството за култура, но, како што велат, засега примарно им е да соберат што повеќе потписи.





Слики: frontline.mk

ОкоБоли главаВицФото