Нови проблеми за задолжените земји

23.01.2023 01:26
Нови проблеми за задолжените земји

Ова е лоша година за светот во развој. Сè повеќе земји се на раб на должничка криза. Некои веќе мораа да ја запрат отплатата на долговите (Либан, Шри Ланка, Русија, Суринам и Замбија), а сè побројни се оние на кои ќе им биде потребна помош да избегнат економски колапс и понатамошно осиромашување на населението.

Вообичаените решенија за должничката криза подразбираат комплицирани преговори за пакети помош помеѓу задолжените земји, меѓународните финансиски институции и странските кредитори. Сопствениците на домашни државни акции, синдикатите и останатите заинтересирани страни исто така учествуваат во преговорите, зашто имаат сопствени интереси што мораат да ги штитат. Постигнувањето договор помеѓу сите вклучени страни е долг и тежок процес во кој домашните и глобалните актери рутински настојуваат исходот да им го прилагодат на своите желби и што поголем дел од товарот на загубите да префрлат на останатите учесници. За тоа време економската ситуација во задолжената земја се влошува дополнително.

Подемот на неколку земји во развој кои во меѓувреме станаа важни билатерални кредитори дополнително го комплицира овој веќе мошне сложен процес. Кина, Индија и земјите од Блискиот исток, како и некои други земји, досега не учествуваа во подготовката на вообичаените аранжмани за решавање на должничките кризи. Освен што ја отежнува координацијата, новата хетерогеност на страната на заемодавачите може да иницира мошне деструктивни процеси како последица на самоисполнувачките прогнози и очекувања, на пример нагло менување на насоката на движење на капиталот или криза на банкарските системи.

За договорот за решавање на должничката криза да се направи привлечен за сите заинтересирани страни, потребен е аранжман кој отвора простор за раст. Шансите за остварување добивка ги мотивираат учесниците да седнат на преговарачка маса, со надеж дека ќе имаат корист од усогласениот пакет.

Решенијата кои промовираат развој подразбираат договор на трите заинтересирани страни. Владите на задолжените земји можат да инвестираат во секторите со најдобри шанси за раст и да ги елиминираат непродуктивните и неефикасни трошоци единствено ако им се одобрат дополнителни средства. Меѓународните финансиски институции можат да обезбедат дополнителни средства единствено ако постоечките кредитори се согласат да го намалат долгот (и обврските за отплата). Постоечките кредитори ќе се согласат на намалување на долгот единствено ако меѓународните финансиски институции се во позиција ефикасно да ги применат условувањата кои гарантираат дека задолжените земји доследно ќе ги спроведуваат потребните развојни политики. Пред очекуваниот нов бран преговори помеѓу должниците и кредиторите, некои елементи од овие аранжмани мораат да се ажурираат и да ѝ се прилагодат на новата глобална реалност.

Едно од клучните прашања се однесува на самата природа на можноста за остварување раст. Неодамнешните настани, како што се деглобализацијата, примената на мерките за спречување на климатските промени и пропаста на моделот за развој ориентиран на извоз, секако го ограничуваат развојниот потенцијал на земјите со низок приход. Тоа значи дека новите аранжмани за намалување на товарот на долгот не смеат да ја преувеличуваат улогата на идниот раст и губењето можности за раст мора донесат поголеми олеснувања за земјите должници. Во секој случај, во отсуство на нови инвестиции со кои патот кон развојот се прилагодува на новата реалност, идниот раст би бил уште помал.

Ако новите можности за раст бидат поддржани со нови инвестиции и ако тие се покажат како профитабилни, тоа ќе ја намали потребата за понатамошно редуцирање на долгот, зашто барем делумно ќе ги неутрализира ефекетите од губењето на растот заради намалување на обемот на трговијата. Таквите можности и потреби за финансирање се најочигледни и најважни во областите на зелената транзиција. Климатските промени најтешко го погодуваат развојот во земјите со низок приход, делумно заради нивната географска позиција, а делумно заради поголемата изложеност и помалите шанси на населението да ги контролира климатските ризици. Целта на зелениот раст е имплементација на јавни политики со кои ќе се неутрализираат овие негативни сили. Но тој треба и да отвори некои нови можности.

Инвестициите во прилагодувањето на климатските промени вклучуваат проекти кои треба да пружат одбрана од растечките нивоа на морињата, намалување на салинитетот на храната, да ја зајакнат патната инфраструктура и да ги заштитат водните ресурси. Бидејќи во иднина се очекуваат поголеми флуктуации на цените на храната, прилагодувањето мора да вклучува и прехранбена сигурност. Од друга страна, ублажувањето на кризата е насочено кон производство на чиста соларна енергија и енергија од ветерот со користење технологии во кои мора да се инвестира однапред.

Сето тоа бара промена на пристапот на меѓународните финансиски институции. Нивното работење мора да им се прилагоди на новите развојни предизвици. Овие институции треба да усвојат нова развојна агенда и да го пренасочат фокусот со нагласување на макроекономските цели на општествено прифатливи политики со кои се поддржува императивот на зелениот развој. Бидејќи за постигнување резултати за таков развој е потребно многу време, условувањето од страна на овие институции мора да се применува постепено, во фази.

Исто така, меѓународните финансиски институции мораат да имаат поважна улога во финансирањето, директно и со создавање услови за ангажирање приватен капитал. Овие институции треба да обезбедат нови извори за финансирање во раните фази на помошта повеќе отколку што тоа беше случај порано, додека задолжените земји не го повратат кредитниот рејтинг и не го обноват пристапот до пазарите благодарение на транзицијата кон нов развој. Инвестициските потреби на зелената транзиција се многу поголеми од потребите на реформите спроведени во осумдесеттите години на 20 век, кога ресурсите едноставно беа пренасочени од јавниот во приватниот сектор за да се концентрираат на помала група јавни трошоци.

Имајќи ги предвид солидните шанси за развој, можна е појава на негативна корелација помеѓу износот на заемите на меѓународните финансиски институции и износот на намалувањето на долгот. Амбициозната програма за кредитирање на финансирањето амбициозна програма за реформи треба да ги зголеми стапките на раст и на тој начин да ја намали потребата за понатамошно намалување на долгот.

Најпосле, овие институции мораат да се прилагодат на промените во профилот на кредиторот. Распределбата на товарот е сè посложена, како заради зголемувањето на уделот на приватниот пазарен долг така и заради подемот на новите земји кредитори (особено Кина, Индија, Русија и уште неколку земји). Ако од новите кредитори очекуваме значајно да ги намалат барањата, тие ќе очекуваат да им се овозможи поголемо влијание во формирањето на начелата за реструктурирање на долгот. На пократок рок овие начела мора флексибилно да се применуваат за да се обезбеди напредок. На подолг рок, потребни се промени во составот на управните одбори на меѓународните финансиски институции во согласност со новата реалност.

Економскиот раст е важен елемент на секој успешен договор за управување со долговите. Но дури и под најповолни околности, растот во земјите во развој ќе биде побавен и главно насочен кон домашните пазари, заради што ни е потребно намалување на долговите во поголеми износи и поставување на развојот на поголем временски хоризонт. Треба да разбереме дека новите можности за инвестирање бараат дополнителни вложувања и нови облици на условување. Средствата за тоа во најголем дел и однапред мораат да ги обезбедат меѓународните финансиски институции, барем додека земјите во развој не го повратат кредибилитетот на новите патеки на растот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paco Pomet

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото