Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура

23.01.2023 13:25
Со промоција на книгата „Субјект(ивна) политика“ од Артан Садику завршува седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура

Контрапункт во рамки на својата едиција за критичка теорија, политичка филозофија и современа култура „Пунктум“, која произлезе од платформата за критичка култура КРИК, ја објавува својата прва книга од македонски автор.

На 24 јануари (вторник), 2023 г. со почеток во 19 часот во Национална галерија „Чифте амам“ ќе се одржи промоцијата на книгата на Артан Садику, провокативно насловена „Субјект(ивна) политика“.

Промоцијата ќе биде во формат на дијалог помеѓу Артан Садику и Славчо Димитров кој е водечкиот теоретичар во сферата на критичката теорија, родовите и квир наративите. Артан Садику е еден од најмаркатните, исклучителните промислувачи на општеството, граѓанинот, новите форми на отпор и поинаквите, отстапувачки и неретко радикални форми на заедницата. Тој и како мислител и како човек се движи по често опасните рабни предели на политичкото, копнеејќи по општество кое нема да биде кастрирано од своите утопии. За Садику теориското никогаш не е само сув академски и епистемолошки меур туку е апликативна арматура врз која неизоставно мора да се изгради животот.

Во својата книга „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“, Артан Садику преку премислување на основните политички парадигми на денешницата се соочува со предизвикот да се изнајдат одговори на епистемиолошките и онтолошките прашања кои се поврзани со процесот на субјективизацијата, со актот на препознавање на вистинскиот настан, со предизвикот на субјективно отклонување од системското наложување, преку воспоставувањето на ново поле на политиката. Садику ги развива своите размисли за политиката во линија на теориите на дискурзивната анализа кои се воспостваени од страна на голем број современи филозофи како Фуко, Бадју, Ларуел, Колозова, Алтисер, Лакло, Муф, Делез, Гатари, Терборн, Жижек, Лакан, но и поодамнешни автори како Маркс, Русо, Фројд и други. Сето тоа без конкретно присвојување на само една одредена теорија туку преку вмрежување на аналитичките методи и пристапи.

Книгата претставува широко поле на итердисиплинарна и комплексна анализа кој спојува неколку полиња како социологијата, филозофијата и антроплогијата преку кои на одреден проблем му се пристапува во целата негова комплексност.

Теоретскиот предизвик на „Субјект(ивна) политика – кон ново поле на политичкото“ од Садику се состои во обидот да се даде придонес преку постоечките теоретски размислувања во истражувањето дали денеска е можно политичко субјективизирање на граѓаните кое би овозможило воспоставување на ново поле на политиката и културните динамики во општеството. Практиките претставуваат главен предизвик за анализирање на оваа можност преку испитување на воспоставените политички концепти и преку анализирање на потенцијалноста за таква субјективизација на исклучените граѓани и на маргинализираните (социјални, сексуални и други) заедници.

***


Биографии:
Артан Садику е истражувач, теоретичар и активист кој има докторат по филозофија. Негови примарни научни интереси се теориите на субјектот, феминизмот, радикалните пракси во политиката и уметноста. Работел во Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје каде ја водел Школата за критика и политика и е основач на Левичарското Движење Солидарност и Културниот Клуб Синдиката. Студирал и истражувал во универзитетите во Минхен, Балтимор, Осло и Амстердам. Тој беше еден од клучните актери во протестните движења АМАН!, #протестирам и Академскиот Пленум а во моментот е дел од организациониот борд на КРИК фестивалот за критика култура. Редовен соработник е на регионални и меѓународни списанија како Le Monde Diplomatique, Journal Identities и Bilten. Неговите последни текстови се однесуваат на просторот за уметноста во општеството и естетската форма на работниците.

Славчо Димитров има дипломирано на катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет на УКИМ, Скопје. Магистрира, првин, на Родови студии и филозофија на Институтот Евро-Балкан, а потоа на катедрата за Мултидисциплинарни родови студии на Универзитет на Кембриџ. Моментално ја работи својата докторска теза на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград. Работел како асистент на последипломските родови и културни студии на Универзитетот Евро-Балкан, и на додипломски и последипломски студии на Факултетот за медиуми и комуникации – СИНГИДУНУМ, Белград. Во последните неколку години има координирано голем број на академски проекти и летни школи, како и проекти во областа на човековите права на маргинализираните заедници, со посебен фокус на квир активизмот. Основач е на интернационалната Летна школа за сексуалности, култури и политики. Исто така е еден од основачите на Центарот за истражувања на идентитети, култури и политики, ИПАК. Центар во Белград. Во Коалицијата работи од почетоците на нејзиното основање, како член, како координатор и како директор. Неговиот активистички интерес се однесува на политиките на настраноста (квир политики), сексуалното и родовото граѓанство и еднаквост, правата на маргинализираните заедници и нивното испресекување со прашањата со социјална правда.

---
Од организацијата изразуваат особена благодарност до нивните поддржувачи и партнери, КОМА студио за графички дизајн и Национална галерија на Република Северна Македонија, за просторот во кој ќе се одвива прмоцијата.

Издавањето на книгата е поддржано од Министерство за култура.

Седмото издание на КРИК – фестивал за критичка култура започна во јуни, 2022 година и се одвиваше во неколку сесии на тема „Во постојан отпор“. Програмски уредници се Искра Гешоска и Артан Садику. Учесници на седмото издание на фестивалот беа: Нејтан Браун, Синтија Мичел (Канада), Билал Јилмаз (Турција), Лидија Хаѕиоану (Грција), во соработка со Тииит! Инк, Шејла Камериќ (Босна и Херцеговина), Петар Милат (Хрватска), Станимир Панајотов, Ангел Симитчев, Мартин Луканов, Иван Шентов (Бугарија), Феликс Фалцук, Јохана Хершел (Германија), Сезгин Бојник (Косово/Финска), Бен Вотсон (Велика Британија), Милица Пекиќ (Србија), Славчо Димитров, Никола Маџиров, Ивана Хаџиевска, Владимир Јанковски, Елизабета Шелева, Ивана Драгшиќ, Тамара Ристовска и други (С.Македонија).

Постојани стратешки партнери на Контрапункт и на КРИК се: МаМа (https://www.mi2.hr/en/) од Загреб

Партнери за 2022 на фестивалот се Киоск од Белград, Центар Мултимедиа од Приштина, ДокуФест од Призрен, Културтрегер од Загреб, Тииит! Инк, од Скопје, Маска, од Љубљана и kuda.org (https://kuda.org/) од Нови Сад..

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура
Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Фотографија / Култура
Активизам / Култура

ОкоБоли главаВицФото