Како напредуваа правата на ЛГБТК заедницата во 2022?

24.01.2023 10:16
Како напредуваа правата на ЛГБТК заедницата во 2022?

Доколку се водиме според напредокот кој се случи во 2022 година, имаме причина да бидеме оптимисти за глобалната насока на патување кога станува збор за истополовите врски, велат ЛГБТК активистите.

Во втората половина од годината, имаше наплив на движења за декриминализирање на истополовата интимност во Сингапур, Сент Китс и Невис, Барбадос и Антигва и Барбуда. Ова беа некои од последните земји со историја на закони од колонијалната ера кои сè уште забрануваат таква активност. „Се чувствува доаѓањето на некаква пресвртна точка“, вели Нила Гошал, виш директор за право, политика и истражување во невладината организација за глобално застапување Outright International. Ваквиот развој на настаните „ни овозможува да кажеме дека навистина постои глобално прифатена норма дека истополовата интимност не треба да се криминализира“.

Рамноправноста во бракот исто така помина долг пат, со земјите од Куба до Словенија кои ја усвоија со закон минатата година. 33 влади ги легализираа истополовите брачни заедници, што е тројно повеќе во споредба со една деценија порано, според податоците од групата за застапување ILGA World.

Грција е една од неколкуте земји што во 2022 година воведе забрана за таканаречена конверзивна терапија за малолетници; Франција, Израел и Нов Зеланд, исто така во 2022 година, презедоа чекори да се направи нелегална практиката чија што цел е промена на сексуалната ориентација или родовиот идентитет на една личност. Во Бразил, ЛГБТК активистите се надеваат дека реизборот на Луис Инасио Лула да Силва може да надомести дел од штетата направена од страна на неговиот претходник Жаир Болсонаро, додека американскиот Конгрес брзаше да го донесе Законот за почитување на бракот и да го заштити законското признавање на меѓурасните и истополови бракови.

Чекор напред

Се намалува бројот на држави кои ги забрануваат истополовите врски

(сино) Постојат закони кои ги криминализираат истополовите врски


Извор: Human Rights Watch

Но, несогласувањата се зголемуваат кога станува збор за конкретни прашања како правата на трансродовите луѓе. Заклучно со септември, американските пратеници предложија повеќе од 300 нацрт-закони, класифицирани како анти-ЛГБТК од страна на Кампањата за човекови права; повеќе од 40% од нив беа насочени кон транс-заедницата, рече групата која ги застапува. Обединетото Кралство, исто така, забележа пад на рејтингот на ILGA-Europe Rainbow Index, повеќе од било која друга земја оваа година, делумно поради одлуката на Владата да ја забрани терапијата за конверзија за сите, вклучувајќи ги и транс-луѓето. Владата оттогаш ја промени својата одлука, во обид да ги придобие активистите, откако во Шкотска стави вето на законот што ќе им олесни на луѓето легално да го променат својот пол.

“Конзервативните влади, особено оние во Европа, во последниве години ги „воружаа“ транс-прашањата за да го зајакнат својот политички капитал”, изјави Јулија Ерт, извршен директор на ILGA World.

„Атмосферата, особено во Обединетото Кралство, но и во Шпанија, беше прилично непријателска кон транс-луѓето“, рече таа. Иако Шпанија кон крајот на годината усвои нацрт-закон што ја прави едно од ретките места во светот каде што секој над 16 години има можност лесно да го смени родот во личната карта, дебатата направи разгорување на тензиите во редовите на нејзината левичарска влада, што во земјата коинцидираше со скокот на бројот на злосторства од омраза.

Во меѓувреме, некои влади активно се обидуваа да ги отфрлат правата на ЛГБТК заедницата, како што беше одлуката на Индонезија да го забрани сексот надвор од бракот, ефикасно криминализирајќи го за истополовите парови, вклучувајќи го и притисокот во Русија и Гана за сузбивање на таканаречената ЛГБТК „пропаганда“. ”
Демонстрантите протестираат против потенцијалните амандмани на шпанскиот „Транс-закон“ во Мадрид, Шпанија, на 10 декември 2022 година.

Но, севкупниот напредок во однос на правата на ЛГБТК оди напред, велат Ехрт и Гошал, кои се полни со кадеж за тоа што може да донесе новата година. „На крајот, мислам дека нишалото се ниша во вистинската насока“, изјави Гошал.
Индија.

Највисокиот суд во Индија е подготвен оваа година да го разгледа прашањето за правно признавање на истополовите бракови. Некои парови тропнаа на вратата на Врховниот суд со аргумент дека брачната еднаквост е логичен следен чекор за правата на ЛГБТК, откако консензуалниот геј секс беше декриминализиран во земјата во 2018 година.
Ваквиот потег може да им даде право на 1,4 милијарди луѓе во Индија да склучуваат истополови бракови.

„Потенцијалното влијание на таквата одлука ќе биде значајно“, изјави Канав Нарајан Сахгал, менаџер за комуникации во Нјаја, Центар за правна политика Види. “Законот за истополови бракови, исто така, ќе отвори дискусија и за останатите поврзани аспекти како што се семејното насилство, посвојувањето, старателството над децата и наследството за ЛГБТК заедницата”, рече Сахгал.
Активисти за родови права и поддржувачи на ЛГБТК заедницата на парадата на гордоста во Делхи во Њу Делхи, Индија, на 8 јануари.

Но, патот што претстои не е лесен. Владејачката хинду-националистичка партија на Нарендра Моди - Бхаратија Џаната (БЈП) - неодамна се спротивстави на истополовите бракови пред државниот суд. Говорејќи пред парламентот во декември, пратеникот на БЈП, Сушил Моди, ја повика Владата да се спротивстави на истополовите бракови пред Врховниот суд, велејќи дека тоа е спротивно на традиционалниот етос на земјата.

„Ако судот одлучи дека за таквите работи е најдобро да се остави на парламентот да одлучи, тогаш се плашам дека истополовите бракови нема да бидат признати во Индија се додека БЈП има мнозинство“, вели Сагал, кој исто така е активист за правата на ЛГБТК. Осум анкети на државно ниво најверојатно ќе се одржат во текот на оваа година и ќе го покажат пулсот на нацијата пред изборите за следен премиер во 2024 година.

Во меѓувреме, Високиот суд во Мадрас, во јужната држава Тамил Наду, презеде значителни чекори во правењето закони и политики кои ја вклучуваат ЛГБТК заедницата. Низа прогресивни одлуки во врска со правата на сексуалните малцинства се донесени од страна на државата, по наредба донесена од страна на Високиот суд. Тие вклучуваат казнување на полициското малтретирање на членови на заедницата и прогласување на таканаречената терапија за конверзија за професионално недолично однесување на медицинските работници.

“Во 2023 година, Тамил Наду се очекува да ја објави својата нацрт-политика за ЛГБТК заедницата, со што ќе стане првата индиска држава која го сторила тоа”. - Шрути Махаџан.
Огромно знаме со виножито за време на Парадата на гордоста на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро на 27 ноември.

Бразил

По четири години, од она што тие го сметаат за целосен застој во нивната битка за еднакви права, ЛГБТК заедницата во Бразил во моментов се залага за обемна законодавна агенда, која ги вклучува и истополовите бракови.

Лево-ориентираниот Лула беше инаугуриран за претседател на 1ви јануари и групите веќе побараа од него да усвои повеќе од осум поврзани нацрт-закони и неколку други предлози, како што е создавање функција на прв национален секретар за јавна политика, фокусиран на правата на ЛГБТК.

„Сакаме подобро образование, да бидеме претставени во извршната власт, бараме подобрувања во здравствениот систем, јавната безбедност, културата, сето тоа“, изјави Тони Реис, директор и претседател на Националната ЛГБТИ+ алијанса. Неговото е едно од повеќе од 100 здруженија кои потпишаа писмо упатено до Лула.
Парада на гордоста на плажата Копакабана во Рио де Жанеиро, Бразил, на 27 ноември.

Најмногу од сè, заедницата со страст се залага правата заштитени од највисокиот суд на земјата да бидат ставени во закон. На пример, Врховниот суд на Бразил дозволи истополови бракови пред повеќе од 10 години, но тоа треба да го потврди Конгресот. Тие, исто така, се надеваат дека ќе се донесат нацрт-закони со кои ќе им се овозможи на трансродовите лица да ја сменат својата официјална лична карта за да одговара на нивниот пол, без да покажат доказ за операција за промена на полот.

Секоја од овие задачи може да биде тешка. Мнозинството законодавци избрани минатиот октомври го поддржаа Болсонаро, познат по агендата која се фокусира на конзервативните семејни вредности. Сепак, Конгресот сега ќе има шест претставници на ЛГБТК заедницата, вклучувајќи и двајца трансродови пратеници, што е рекорд досега во Бразил.

„Болсонаро не беше во можност да сруши сè, не беше доволно силен, но го имавме и Врховниот суд кој ги бранеше нашите права“, рече Реис. „Сега е наше време да ги убедиме либералите од десното крило, евангелистите... Ќе мораме да ги заслужиме нивните гласови“ - Марија Елоиза Капуро.

Словенија

Кога Уставниот суд на Словенија во јули неочекувано одлучи дека истополовите парови имаат право да се венчаат, Центрих Албрехт и неговиот сегашен сопруг станаа еден од првите такви парови во земјата што се венчаа.
Тоа беше победа за 36-годишниот специјалист за маркетинг, кој беше сведок на двата порази кои ги претрпе неговата заедница на референдумот за легализирање на истополовите бракови. Планираната забава на која тој и неговиот партнер требаше да го прослават нивниот граѓански сојуз се претвори во вистинска свадба. „Тоа беше многу посебен ден за нас и нашите семејства“, изјави тој.
Ловро Центрих Албрехт, лево, е еден од првите луѓе во Словенија кои направија истополова брачна церемонија.

Првата источноевропска земја која ги легализираше истополовите бракови и им дозволи на истополовите парови да посвојуваат деца, Словенија, е спротивност на поконзервативните земји од регионот, чии политичари сè уште ја прифаќаат анти-ЛГБТК реториката. ЕУ презеде и правни мерки во 2021 година против Унгарија и Полска за кршење на правата на заедницата.
Љубљанската парада на гордоста во Словенија, во 2017 година.

Според Лана Гобец, шеф на ЛГБТК активистичката организација Легебитра, бројот на истополови бракови ќе се зголеми во текот на 2023 година. Гобек знае за неколку геј парови кои веќе аплицирале за посвојување, но не прецизира кога би можело да се случи првото посвојување од истополови родители поради долгата процедура.
Додека Центрих Албрехт ја гледа промената во Словенија како важен чекор кон поголемо прифаќање, тој ја согледува и потребата од поголем притисок за правата на трансродовите лица. Цитирајќи ја овогодинешната одлука за абортус на Врховниот суд на САД, тој исто така се грижи дека напредокот би можел и да назадува.

„Борбата мора да продолжи“, изјавува тој. „Проширувањето на човековите права никогаш никого не повредило. Ако ништо друго, целото општество има корист“. - Јан Братаниќ.

Грција

Со општите избори закажани најрано за април, ЛГБТК заедницата во земјата има еден клучен приоритет за следната влада: брачна еднаквост.

Грција донесе закон за признавање на истополовите граѓански партнерства во 2015 година и родовиот идентитет во 2017 година, но истополовите бракови не забележаа сличен напредок. Секој можен потег за легализирање на бракот меѓу две лица од ист пол ќе повлече и промени во семејното право, така што државата би ги признала и двајцата членови на парот како родители и старатели на децата, а не само биолошкиот родител.

“Истополовите заедници не обезбедија исти права како што тоа би имале еднаквите бракови”, изјави Јанис Папаџанопулос, активист за права и издавач на списанието Антивирус, единствената ЛГБТ публикација во Грција. Законодавците кои гласаат за еднакви бракови на ЛГБТКИ+ заедниците во Грција „би биле директно признавање на нашите семејства, нашите основни човекови права и нашето постоење“, вели тој.

Малкумина очекуваа таков напредок да дојде од Кирјакос Мицотакис, актуелниот премиер и лидер на централнодесничарската партија Нова демократија. Иако тој официјално не ги објави плановите за легализирање на истополовите бракови, се очекува ова прашање да го реши во текот на неговиот следен мандат доколку победи на националното гласање.

Во 2021 година, тој назначи комитет за изготвување на национална стратегија за подобрување на правата на ЛГБТК. Таа стратегија, која трае до 2025 година, признава дека правата за ЛГБТК задницата „нема да бидат целосни без да се реши прашањето за брачната еднаквост, кое, доколку се воспостави, ќе реши многу други прашања поврзани со семејното право во Грција“.

Главната опозициска партија Сириза, на поранешниот премиер Алексис Ципрас, исто така ги поддржува истополовите бракови и во јули поднесе предлог кој предлага сродни мерки како што е легализација на асистираната репродукција за сите парови.

Мицотакис воведе голем број реформи од 2021 година, како што е укинувањето на забраната за донирање крв од хомосексуалци, во 2022 година укинување на забраната на таканаречените операции за нормализирање на полот кај децата и во септември одобрување на официјална употреба на профилактички лекови, попознати како PrEP, пред изложеност на ХИВ, со што фокусот се става на превенција од ХИВ инфекција, а не само на лекување на вирусот.
Грција, по усвојувањето на стратегијата, забележа еден од најголемите скокови во рангирањето на ILGA за правата на ЛГБТК меѓу европските земји.

Воведувањето на PrEP „е чекор во вистинската насока за намалување на ХИВ инфекцијата во ЛГБТК заедницата“, рече Јоргос Пападопетракис, потпретседател на Позитивен глас, здружение на ХИВ-позитивни луѓе во Грција. „Сега, само чекаме да видиме како ќе се спроведе одлуката - како ќе премине во акција“, рече тој. - Пол Тугвел.

Соединетите Американски Држави

Во САД, од една страна, историскиот Конгрес на Законот за почитување на бракот, усвоен во декември, ги заштитува правата на истополовите и меѓурасните бракови да не бидат вратени назад, на ист начин како случајот за абортусот оваа година. Но, еден од првите отворено геј црнци - членови на Конгресот, Мондер Џонс, изјави дека законот не оди доволно далеку и не обезбедува брачна еднаквост во секоја држава. (Џонс ја изгуби својата кандидатура за реизбор во ноември, иако во Конгресот за време на овој циклус беа избрани повеќе ЛГБТК политичари од кога било досега.)
Луѓето присуствуваат на церемонијата на потпишување на Законот за почитување на бракот, во Белата куќа во Вашингтон, на 13 декември.

Со стотици закони против ЛГБТК, воведени на државно ниво во 2022 година, активистите се особено загрижени за правата на младите и трансродовите луѓе. Тој тренд вклучува ограничување на учеството на трансродовите лица во спортовите кои го потврдуваат нивниот родов идентитет, како и таканаречениот закон на Флорида „Не вели геј“ кој забранува дискусија за сексуалната ориентација и родов идентитет од градинка до трето одделение.

Зголемен е и притисокот за забрана на книги со ЛГБТК карактери и теми во училиштата и народните библиотеки.
Законодавците во најмалку седум држави предложија нацрт-закони за борба насочени кон луѓето дефинирани како „машки или женски имитатори“. Застапниците на ЛГБТК велат дека се загрижени дека таквиот јазик може да се користи за таргетирање на трансродовите луѓе. Другите предложени нацрт-закони се насочени кон здравствената заштита што го потврдува родот, особено за децата. Сара Варбелоу, правен директор на Кампањата за човекови права ова го опиша како „многу намерен напад врз ЛГБТК младите од страна на конзервативните законодавни тела низ целата земја“.

На крајот на 2022 година забележан е пораст на непријателството кон заедницата, вклучувајќи го и масовното пукање во ЛГБТК клуб во Колорадо, каде што беа убиени пет лица. Осомничениот сега се соочува со повеќе од 300 обвиненија, вклучително и злосторства од омраза.
“Пријавените инциденти против ЛГБТК, како што се демонстрациите и насилството, се зголемија за дванаесет пати, на речиси 200 од 2020 година, според извештајот на Проектот за податоци за локација и вооружени конфликти во ноември”. - Келси Батлер, Ела Серон и Оливија Конотеј-Ахулу.

Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: Bloomberg

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Книжевност
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија
Активизам / Свет
Активизам / Свет / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото