До кога ќе наседнуваме на евтините бугарски сценарија?

24.01.2023 11:34
До кога ќе наседнуваме на евтините бугарски сценарија?

Само што се спомена отворање на дебатата за уставни измени, некој успеја да претепа македонски државјанин што се декларира како Бугарин и да го направи целиот процес беспредметен во моментов.

По повеќе неуспешни провокации, од отворањето на клубовите со неприфатливи имиња, гостувањата и навредите на Ангел Џамбаски и неприфатливите изјави од бугарските преставници во историската комисија, на Софија конечно ѝ дадовме „ас во ракавот“, со кој уште непочнати, може да ги блокира повторно нашите преговори во ЕУ: Палење на клубот „Ванчо Михајлов“, три напади на клубот во Охрид, од кои еден со огнено оружје и претепување сега на Христијан Пендиков, а никој за сето ова не одговарал до моментов, па дури и се слават и се бранат таквите насилства како да е Македонија Див Запад.

Колку и да се бараат изговори од наша страна (дека бил дилер, должел 500 евра…), претепувањето не е нешто што може да се брани веќе во цивилизирана држава и за ова што се случи сторителите мора да одговараат. Она што е посебна тема за анализа е фактот дека социјалните мрежи кај нас се полни со лелекања од понижените и навредените од страна на Бугарија, иако ние претепавме Бугарин (?), а не тие наш.

Што треба да се случи по овој настан, па конечно ние во Македонија да не се гледаме себеси на губитничката и понижената страна на границата и да престанеме сами да си ја опструираме иднината во Европската унија? Може ли да тепаш и пак да бидеш жртва, очекувајќи дека некој во Европа ќе има разбирање за ваквиот однос, затоа што некои луѓе имаат неприфатливи ставови во однос на битните прашања за нас? До кога ќе наседнуваме на евтините сценарија на бугарската политика, што се исти и не се сменија веќе шест децении, па со вакви насилства да им даваме сила во Софија да бараат нови отстапки од нас во Брисел?На три места скршена вилица, скршени ребра и потрес на мозок – не е нешто за што не се одговара ни во Тунгузија, а тие што ја бранат оваа „кауза“ не ѝ прават добро на Македонија. Не е нормално, исто така, да се жалиш постојано дека си понижуван и онеправдуван, а самиот да си ја понижуваш, навредуваш и со тоа да си ја ставаш во подредена позиција сопствената држава. Тоа се случува кај нас со упорното припишување антимакедонска позиција на министерот за надворешни работи Бујар Османи, со тезите за „бугарско-бујарско“ сценарио и со плукањето по сите потези на актуелната влада во однос на ова прашање, преставувајќи ја целата политика во моментов како предавство, понижување, капитулација и лигавење.

Јавниот крик да продолжи вербалната војна со Бугарија исто така силно одекнува на социјалните мрежи, иако е јасно дека ќе биде на наша штета и во интерес на тоа што го посакува Софија во моментов. Практично, отпорот кон францускиот предлог се враќа на голема врата на политичката сцена, бидејќи некому тоа очигледно му одговара во моментов, кога на јавноста во Македонија се уште не и е јасно дали добива или губи со него на патот кон ЕУ. Најпоразително е сепак сознанието дека поради јавната хистерија и водењето од емоции, а не разум, Македонија е ставена во позиција да може да изгуби сѐ што доби со меѓународните напори да се реши спорот. И, да потклекне пред провокациите од Бугарија, држава во која со месеци не можат да изберат влада, која стана синоним за корупција и има претседател што „плива“ спротивно на целата Европска унија во спорот со Русија. Таквата ослабната и понижена Бугарија доби аргументи да го активира својот национализам на најјако, закажувајќи вонредна расправа во парламентот, повикувајќи го на консултации својот амбасадор, барајќи да се укине законот за здруженија кај нас и праќајќи службен авион за да спасува македонски државјанин, за кој не е ни јасно дали е воопшто со бугарско потекло или добил желба да се почувствува така од егзистенцијални причини.Ако сите навредени и понижени во Македонија од вакви провокации и однесувања почнат физички да се пресметуваат и остануваат неказнети, нужно се поставува прашањето – што е следното? Колку и да изгледаат нереално бугарските пораки дека, ако институциите (па и партиите) не го запрат ова улично барање на правдата, можно е да има и убиени Бугари, состојбата на Пендиков оди во прилог на таквите стравувања. И притоа реално е да се очекува дека на следните избори кај нас оваа тема може да стане клучна, со неа да се покриваат другите непријатни промашувања на политиката и на тој засилен антибугарски национализам да се прави инстант рејтинг во државата.

Тие, пак, што се повикуваат на зборовите „ви рековме“ кога се усвојуваше францускиот предлог за преговорите и за односите со Бугарија – не ја открија Америка. На сите ни е јасно дека Бугарија нема да престане со провокациите, но ние треба да се надминеме себеси и да најдеме за нив системски решенија, како на пример тоа со здруженијата на Бугарите и најавата дека сите бугарски политичари што нѐ навредуваат и понижуваат, нема да можат повторно да доаѓаат во Македонија. Место да се опседнуваме со фашизоидните ликови како Ангел Џамбаски, напротив, треба да ги искористиме нивните провокации за да ја јакнеме нашата позиција во ЕУ. Зашто, провокациите од Бугарија ќе се засилуваат сѐ повеќе, а нам ни е важно што ќе мислат за тоа во Брисел, во Берлин, во Париз и во Вашингтон. И колку и да звучи парадоксално, колку повеќе нѐ провоцираат и навредуваат од Софија, толку подобро ќе биде за нас, ако не наседнуваме како сега или активно не им помагаме, поради разно-разни фрустрации или скриени политички интереси.Извор: Независен.мк
Слики: Paul Morsad

ОкоБоли главаВицФото