Прашалник за Исток Улчар

25.01.2023 13:13
Прашалник за Исток Улчар

 

Со Исток Улчар почнуваме нов циклус на Прашалникот, овојпат посветен на книгите и читањето. Овде можете да ги видите одговорите од стариот Прашалник на Окно, започнат во 2011.

 

-Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?

Татко ми пред спиење редовно ми ги читаше детските енциклопедии за животните и за Вселената.
Првата омилена книга ми е „Сказна за детето Вилен“ од Глигор Поповски, која дури и сега би ја вброил меѓу најдрагите книги.

 

-Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?

Можеби „Галебот Џонантан Ливингстон“ од Ричард Бах - единствената книга на која сум се навратил самоиницијативно, не само зашто отпосле ми била лектира (која никогаш не ја сработивме). Долго време ми беше и омилена книга, пред да прочитам некои посериозни наслови (повторно, како задолжителна литература во образовниот процес).

 

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?

Ми е страв од минливоста на времето, па никогаш не се навраќам на веќе апсолвирани уметнички парчиња, дури ни на музички албуми. Единствените книги што сум ги прочитал двапати (без гореспоменатата поранешна омилена новела) се „Малиот Принц“, „Пат околу светот за 80 дена“, „Страдањата на младиот Вертер“ и „Демијан“. Не се сеќавам дали вториот прочит на „Малиот Принц“ бил зашто ми побарале од школо, но за другиве три сум сигурен дека тоа беше случајот.

 

-Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?

Има неколку книги кои не сум ги прочитал во целост: „Белиот Бим, Црното Уво“ од Гаврил Троепољски, антологијата на светскиот расказ во уредништво на Катица Ќулавкова „Свет во мало“, „Стакленото ѕвоно“ од Силвија Плат, „20.000 милји под море“ од Жил Верн и „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс. Рускиов роман и „Оливер Твист“ ми беа ужасно незабавни, исто како и расказот „Совршенството на љубовта“ сместен некаде пред крајот на антологијата. „Стакленото ѕвоно“ ја читав со долги паузи (што ми е стандардна пракса) и на крај ја оставив зашто не следев добро што е сегашност, што е навраќање итн. „20 000 милји под море“ не се сеќавам зошто ја баталив, можеби дека сфатив оти читам скратено лектирно издание (таква верзија и на „Клетници“ ми е прочитана, но до крај, сепак). Нејзе и на оваа од Плат е поверојатно да им се навратам, отколку на другиве две. Исто така, сите фантастични трилогии што сум ги почнал („Господарот на прстените“ од Џ. Р. Р. Толкин, детската сагичка за Нина-девојчето од шестата месечина и „Наследство“ од Кристофер Паолини) никогаш не ги завршив: од Толкиновата ми преостанува уште „Враќањето на кралот“, исто и од Вичеровата поминати ми се првите два од четири романа, а со третава сум останат само на првиот роман, „Ерагон“.

 

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?

„Хајди“ од Јохана Шпири, „Ефи Брист“ од Теодор Фонтане... Генерално, повеќето книги со лично име во насловот ми се катастрофални (со исклучок на „Мистер Гвин“ од Алесандро Барико и на „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, први што ми текнуваат сега).

 

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?

Сигурно би се сетил на понормални одговори на ова прашање, ама првиот инстинкт ми беше „Стилски вежби“ од Ремон Кено, бидејќи ме интересира како јазичните експерименти би се отсликале во материјалниот свет.

 

- Во кои ситуации зажалувате што немате книга при рака?

Во миговите кога во некоја конкретна книга сакам да проверам/потврдам нешто.

 

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?

„Панорама на македонската поезија“, по мој чисто субјективен избор: од Кирил Пејчиновиќ до Софија Тодороска. Крајната граница би се менувала со секој нов поет кој ќе објави книга. Мислам дека една објавена книга би ми бил единствениот критериум при изборот. При изборот на песните: да не се во второ лице, ич не го поднесувам тоа во поезија.

 

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?

Мојата сега омилена книга и темата на дипломскиот труд е „Смртта на Вергилиј“ од Херман Брох. Требало да се стави мораториум на објавување уметничка книжевност по тоа дело. Можеби и затоа сè послабо пишувам откога ја прочитав.

 

- Општо прифатено ремек-дело кое не Ви се допаднало? И зошто?

Прво напишав „Злостор и казна“, ама „Буденброкови“ на Томас Ман е далеку полошо од ова на Достоевски. Две третини од книгата се двата пропаднати брака на едната сестра, а со најбеспомошниот лик (помладиот брат) дури ни авторот не сочувствува. Да не бил напишан на толку висок германски стил, романот ќе бил совршено четиво за на плажа: семејна драма која никој не би ја имал предвид за Нобелова награда.

 

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?

Можеби „Марина“ од Карлос Руиз Зафон ја прочитав предоцна, иако не верувам во задоцнето откривање. Ако во нешто (не) сум уживал подоцна, ќе (немало да) сум уживал во истото и порано.

 

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали Ви се современици, кои би се нашле на масата?

Бертолт Брехт, Џек Лондон, Ален Гинзберг, Михаил Шолохов и Кочо Рацин - така ќе се случи социјалистичка утопија.

 

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?

Подвлекував со молив еден краток период. Сега, во принцип, читам pdf-ови, па во нив не бележам никако. Може да го пресликам извадокот, па да му го пратам некому или да си го ставам на блогот за цитати (wisdomof.tumblr.com).

 

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?

Каде и да сум, мора да бидат многу долги, за да ми траат. Еве, на пример, за пуст остров ја земам „Виножитото на гравитацијата“ од Томас Пинчон, а в затвор - целата „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст. Или обратно, зависи колку долго останам на островот и колку долго нема да ме заколат в затвор.

 

- Што читате деновиве?

Ги влечам „Бескрајна шега“ од Дејвид Фостер Валас и „Врева: човечка историја на звукот и на слушањето“ од Дејвид Хeнди, од кои вторава ми е почната уште пред пандемијата, така што можете да си замислите колку, всушност, долги ми се паузите при читање.

***

Исток Ј. Улчар (11.9.96., Скопје-Фиром) е автор на поетските збирки: „Сенки низ циркускиот шатор“ (2014), „Интензивен курс по агонија“ (2016), „Стихотворбите на Хрвоје“ (2018), „Порој од пепел“ (2020) и „Молох 2“ (2021). Неговата поезија е објавена во повеќе избори со дела од млади македонски (и обласни) автор(к)и, како „Антологија на младата македонска авангардна поезија“, „Лирски додекамерон“, „Рукописи 36“, „Гласови од новиот век“ итн. Учествувал на повеќе книжевни читања, вклучувајќи ги „Ноќ без интерпункција“ при СВП во Струга-Македонија, „Поети за промена“ во Струмица-Македонија, слем-читањето „Вечер на отворени микрофони“ во Београд-Србија итн. Неговите песни се преведени/препеани на: словенечки, српски и други балкански јазици.

Исток Улчар има свој блог каде што исто така тече Прашалникот „4 наслова препорачува...

Фото: Агавни Нинова

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото