Трамп се враќа на Фејсбук

31.01.2023 05:06
Трамп се враќа на Фејсбук

Задачата да објави дека Фејсбук повторно е отворен за подлите работи на Доналд Трамп му беше доверена на Ник Клег, некогашна надеж на британските либерали, денес во жална улога на глобален лобист на оваа компанија со големи Пи Ар проблеми. Оваа одлука е погрешна, но тешко дека означува крај на демократијата, како што мислат алармистите за кои Фејсбук е олицетворение на фашизмот. Иако последниот потег на најголемата социјална мрежа на светот навистина го потврдува нејзиното неверојатно лицемерие. Изгледа дека не може или не сака да се соочи со својот придонес за разните политички катастрофи.

На Хилари Клинтон никогаш нема да ѝ биде простена изјавата за „купот бедници“ од 2016 година, иако Трамп и неговите кажуваа и правеа навистина бедни нешта. Вистински скандалозна е нејзината пропратна забелешка дека некои Американци се „непоправливи“. Демократијата е заснована на идејата дека никој не е непоправлив, дека никогаш не треба да се откажеме од никого без разлика колку е тешко. Оние кои учествуваа во антидемократските акции мораат да добијат прилика да ги уверат останатите дека се промениле.

Во Америка на повеќекратните престапници трајно им се одзема правото на глас. Недозволиво е засекогаш да се исклучат луѓето од демократскиот процес. Италијанскиот политичар Силвио Берлускони, откако со години се извлекуваше од кривична одговорност, најпосле е осуден на општествено корисна работа. Подоцна успеа да се врати во политиката, дури имаше и мошне бизарно деби на Тик Ток, каде се трудеше да делува младешки за да го поддржат италијанските рагаци иако, заради неколкуте операции за затегнување на лицето личеше на восочна фигура.

Трамп никогаш не одговараше за своите престапи, ниту покажа каење заради својата улога во она што Фејсбук во официјалното соопштение внимателно го нарекува „граѓански немири“ (небаре станува збор за настан за кој се одговорни двете страни). Пуштајќи го да се врати на Фејсбук граѓаните не можат да дознаат што мисли „кралот на социјалните медиуми“ (како што нарече Најџел Фараж), лишувајќи ги од виталните информации, што очигледно е бесмислено тврдење бидејќи Трамп сè уште води најјавен живот во историјата на Америка. Новинарот А. Џ. Либинг одамна забележа дека целосна слобода на информирање им е загарантирана само на сопствениците на медиуми. Денес таа привилегија ја имаат сопствениците на социјалните мрежи.

Ако Фејсбук се повикува на најтесното можно оправдување за забрана на јавниот говор, може да се каже дека Трамп не повикуваше директно на насилство. Но и тоа е дискутабилно. Тој во неодамнешен пост на својата платформа Truth Social прозва две афроамерикански набљудувачки на изборите во Џорџија, Руби Фриман и нејзината ќерка Шеј Мос, на кои веќе им го загорчуваше животот во 2020 година. „Што ќе прави Големата Држава Џорџија со ХАОСОТ кој го направи Руби Фриман?“, праша поранешниот претседател.

Фејсбук воведе нови „мерки за заштита“ од објави кои поттикнуваат омраза и насилство. Но корпорацијата мора да биде свесна за замката која обилно ја користат политичарите од радикалната десница, каде секоја санкција на модераторот се прогласува за потврда дека десницата секогаш е жртва на социјалните мрежи. Ако Трамп опстане на оваа платформа тој победува, а ако повторно го отстранат повторно ќе биде победник.

Исто се однесува и самиот Фејсбук. И покрај сите покајнички приказни за „отворена дебата“ и „благосостојба на заедницата“ неговиот деловен модел се заснова на оптимизација на гневот на корисниците. Гневот подразбира максимално учество и со самото тоа профит. Затоа пропаѓаат сите обиди да се намали токсичноста на испадите на оваа мрежа. Неговиот надзорен одбор, импресивна група поранешни политичари, судии и стручњаци, може да критикува одредени одлуки на Фејсбук, но нема суштинска контрола над политиката на компанијата. Овој одбор веднаш се дистанцираше од враќањето на Трамп нагласувајќи дека не бил вклучен во одлуката за тоа. Исто така побара поголема транспарентност на работата на мрежата. А транспарентноста е токму она што платформите секогаш им го ускратуваат на владите, јавноста и истражувачите.

Во извесна смисла, Фејсбук знае дека деловниот модел му е непоправлив, зашто е создаден да создава скандали. Фактот дека неговата матична компанија сега ја нарекуваме Мета, го оддалечува Фејсбук од обвинувањата за фашизација на јавниот простор и е и склучителен Пи Ар триумф. (Гугл никогаш не нè убеди да го нарекуваме Алфабет иако учествуваше во сеопфатен надзор и ни ги крадеше личните податоци, никогаш не важеше за олицетворение на злото како Фејсбук.)

Разговорот за улогата на социјалните мрежи во поткопувањето на демократијата е преполн со недозволиви генерализации. Секоја револуција на медиумите предизвикувала морална паника - печатарската машина наводно довела до верски војни, радиото го овозможило Хитлер, а телевизијата мекартизмот. Но таквиот технолошки детерминизам е површен: иновациите ја продлабочија и демократијата. Социјалните мрежи и деловниот модел на Фејсбук не се исти. Но одлуката за Трамп сепак покажува дека Фејсбук останува верен сојузник на неолиберализмот.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото