Европската индустрија ја загрозуваат две големи закани

01.02.2023 03:17
Деиндустријализација на Европа?

 

Европската индустрија ја загрозуваат две големи закани: високите цени на енергенсите и Законот за сузбивање на инфлацијата на американскиот претседател Бајден, кој во основа е понуда и поттик за европските зелени индустрии да се преселат во САД. Дали некогашните индустриски зони во Европа ќе се претворат во музеи на рѓосани машини? Дали Германија ќе ја искуси траумата низ која поминуваше Велика Британија по затворањето на фабриките, кога висококвалификуваните работници во производството мораа да прифаќаат лошо платени работни места за кои не се бара високи квалификации и висока продуктивност?

Тоа е закана која им одѕзвонува на европските центри на моќта. Германскиот канцелар Олаф Шолц веднаш предложи формирање ЕУ фонд за пружање државна помош за компаниите кои би можеле да се најдат во искушение да ја прифатат американската понуда и да се преселат. Сепак, имајќи предвид колку Европа е бавна во повлекувањето потези, особено кога ќе се отвори темата за заедничко задолжување заради финансирање што било, прашањето е дали европските субвенции ќе бидат навремена и доволна противмерка.

Германската автомобилска индустрија е добар пример. Враќањето на инфлацијата ја погодува автомобилската индустрија од две страни: освен што ги одвраќа новите купувачи, растот на цените на горивата истовремено ги зголемува трошоците за производство. Со оглед на тоа дека голем дел од германската индустрија директно зависи од производството на автомобили, некои коментатори веќе предупредуваат дека ваквиот тренд води кон деиндустријализација на земјата. Нивните стравови се оправдани, но анализата на која се потпираат ја превидува суштината на проблемот.

Со забрзано преминување на производство на електрични автомобили, со зголемување на уделот на користена енергија од обновливи извори, германските производители веќе демонстрираа способност да одговорат на предизвиците на зелената транзиција и растечките цени на фосилните горива. Со соодветна државна помош, од германски или европски фондови, веројатно би биле во состојба производството во Германија да го одржат на исто ниво во догледна иднина.

Можно е стравовите од деиндустријализација да се преувеличени, но загриженоста на Германија - и, по екстензија, на цела Европа - дека континентот го губи натпреварот со САД и Кина има основа. Преминот на електрични возила кој сега е забрзан со инфлацијата на цените не енергенсите ги ограничува моќта и капацитетите на европскиот капитал. Во однос на капиталистите во Америка и Кина, капиталистите во Европа заостануваат во акумулацијата на она што го нарекувам капитал во информациски облак.

Да погледнеме на што се темели моќта на германскиот капитал: тоа се прецизната механика и електрониката. Германските произведувачи на автомобили се збогатија произведувајќи висококвалитетни мотори со внатрешно согорување и пропратна опрема (кутии за менувачи, осовини, диференцијали итн.) потребна силата на моторот да се пренесе до тркалата. Во однос на механиката електричните автомобили немаат толкави барања. Во случајот на електричните автомобили поголем дел од додадената вредност е обезбеден со вештачка интелигенција и паметен софтвер со кои автомобилот се поврзува со информациски облак - облак во кој германските капиталисти очигледно не вложувале доволно последниве неколку децении.

Дури и ако со одобрување на помош Европската унија успее да ги придобие Волксваген, Мерцедес-Бенз и БМВ да се откажат од преселба во САД, каде можат да сметаат на бенефициите од Законот за сузбивање на инфлацијата, и продолжат да произведуваат електрични модели во Европа, автомобилската индустрија во Германија и Европа веќе нема да биде профитабилна како некогаш. Сè поголем дел од добивката остварена од производството на електрични автомобили не доаѓа од продажбата на самиот хардвер туку од апликациите кои дополнително им се продаваат на сопствениците (сегашни или идни) - исто како што Епл собира третина од приходите од сите креатори на апликации за уредите на Епл кои ги купуваат корисниците користејќи ја Епл Стор. Кога на тоа ќе се додаде вредноста на податоците генерирани со движењето на автомобилите, складирани во база на информациски облак, не е тешко да се согледа зошто капиталот во облак во голем дел го засенува аналогниот капитал на земјата на кој се темели богатството на Европа.

Нешто слично се случува и во енергетскиот сектор. Забавувањето на пандемијата и наглиот скок на цената на енергијата им донесоа богатство на компаниите кои тргуваат со нафта и гас. Така ѝ беше продолжен животот на индустријата со фосилни горива, исто како што растот на цената на пченката во Велика Британија заради нарушувањето на снабдувањето за време на војните на Наполеон им вдахна нов живот на британските феудалци. Но таквите продолжетоци не траат долго. Уште во дваесеттите години на 19 век капиталистичкиот профит ги надмина приходите произлезени од краткотрајното закрепнување на феудалната земјишна рента; постпандемската инфлација денес му ја отвора вратата на енергетскиот сектор за влегување на капиталот од информацискиот облак.

Индустријата за фосилни горива е домен со кој царува погрешна алијанса на договорно право од феудалната доба и капиталот на земјата: тоа е индустрија која се потпира на лиценци за дупчење одредени делови од копното или морското дно, за што владите и приваните земјопоседници наплатуваат старинска земјишна рента. Оваа индустрија ги користи капиталните добра од стариот ков, како што се нафтените платформи, танкерите, цевководите, плутачките погони за преработка, на кои фосилните горива се уфрлаат во огромен, високо концентриран и вертикално интегриран систем на електрани чија економија и естетика потсетуваат на фабриките од 19 век - „темните сатанистички воденици“ од песната на Вилијам Блејк.

Од друга страна, обновливите извори на енергија најефикасно се експлоатираат на децентрализиран начин, со користење соларни панели, ветротурбини, топлотни пумпи, геотермални единици, постројки на енергија од брановите итн., уреди кои се хоризонтално интегрирани во еден вид неврална мрежа која го вклучува и капиталот во информациски облак. Без високо поставени барања во поглед на лиценцирањето и проблемите со земјишната рента, нивната продуктивност првенствено зависи од паметните мрежи, софистицираниот софтвер и вештачката интелигенција.

Накратко, ангажирањето на капиталот во облак го прави развојот на зелената енергија капитално интензивен, што е случај и со индустријата за електрични автомобили. Оттука, дури и ако ѝ појде од рака со одобрување субвенции да го задржи масовното индустриско производство на соларни панели, ветротурбини и останата зелена опрема на својата територија, Европа нема да може да извлече корист од најпрофитабилниот дел од ланецот на вредноста: а во случајов тоа е капиталот во облак кој ја овозможува работата на мрежите на зелена енергија.

Независно од тоа дали растот на инфлацијата ќе доведе до деиндустријализација, европската производствена индустрија секако ќе мора да усвојува производствени методи кои повеќе се потпираат на капиталот во облак, кој Европа го нема доволно. Во праксата тоа значи дека неуспехот во реализацијата на приносите од капиталот во облак ќе доведе до опаѓање на вишоците на германската индустрија - и последично до пад на европската економија која зависи од нив.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Paco Putker

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото