30 години по излегувањето на „Елфаско“

01.02.2023 12:33
30 години по излегувањето на „Елфаско“

 

Хари Локвенец, Небојша Гелевски и Горан Гулабовски (Хари, Бане, Гулаб), се иницијалното студентско трио кое ќе ја отпочне оваа журналистичка сторија , која денес, може да се вброи во оние суштествени пресвртници и трајни вредности во нашето општество.

 

На почетокот текстовите за весникот се предавале на дискета и се носеле на дијзанирање во дизајн студиото „Кома“. Некаде во 1995-96, првпат им бил испратен еден текст по мејл, но поради проблеми со DialUp конекцијата не успеале да го „симнат “, па текстот стигнал со „автобус“.

 

Забавите кои ЕТФ ги организирал во тогашната дискотека во ГТЦ „Мусандра“ по секое излегување на весникот, биле со нетрпение очекувани од студентите од сите факултети. Преку студенстки напис издејствуле и студентите да ги оценуваат професорите, па една асистентка „паузирала“ еден семестар на нивно барање.

 

Објавиле интервју и со тогашниот премиер Бранко Црвенковски, и со архепископот господин господин Михаил а неретко објавувале и теми кои дотогаш не биле комуницирани со јавноста.

Ова се само дел од сеќавањата и анегдотите на кои се потсетија Хари, Бане и Гулаб во разговорот посветен на 30-годишнината на „Елфаско“.

На 13 јануари во 1993 година, е излезен првиот број на „Елфаско“, првото независно студентско гласило. Овој датум воедно го означува и почетокот на независните весници во Македонија. Приказната почнува на Електро техничкиот факултет во Скопје од ентузијазмот и во синергија на неколку студенти, кои понесени од желбата за промовирање на слободна и прогресивна мисла, влетале во новинарска авантура. Во зародишот на македонскиот плурализам, овој студентски гласник кој во првиот број излегува на 12 страници црно бел печат, веќе од вториот број расте, се до 48 страници со сеопфатни теми и квалитет со што ќе се наметне пред читателската публика и надвор од студетските ходници на ЕТФ.

Тројцата елфасковци Хари, Бане, Гулаб, се согласни дека, акумулираната младешка енергија и желбата да најдат изразно средство како канал за нивната кретивност во синтеза со прагматичноста и прецизноста која ја поседуваат инжинерите се артикулирала ова списание. Три децении подоцна иако сите тројца имаат успешни кариери, „Елфаско“ го сметаат за својот најголем и најискрен успех.

 Почетоци…

„Првиот број на „Елфаско“ е излезен за празникот Василица во 1993 година. Харе, Бане и Гулаб се собраа на факултет во неврзан разговор падна идејата за весникот. Но тоа не беше, непромислено и афективно, туку имаше генеза на приказната од нашите претходни разговори. Бане и Гулаб се малку постари од мене, една или две години пред мене на факултет. Тие двајцата од Скопје, само јас од внатрешноста, што подрзбираше и хендикеп но и предност. Предност затоа што живееш со цимери во стан, самостојно, без дирекна контрола од родителите, и тоа се можности кои беа добро искористени од нашите колеги од Скопје, на кои им требаше малку повеќе простор за себеизразување во различни сфери. Бане беше апсолутен шампион во десктоп паблишинг, дизајн, заедно со брат му Коља, и во графичката подготовка на сите изданија Бане уште во тоа време беше виртуоз, на тој тип на компјутери. Првите броеви ги подготвувавме на компјутери Атари, весниците беа работени деноноќно, За среќа јас имав автомобил, „Пегла“ што ја добив за матура, која ни беше одлична логистика за сите работи што требаше да ги завршиме со весникот. И почна приказната. Почнавме на 12 страници, вториот број беше со малку боја, а од третиот број натаму почнавме да излегуваме во колор. Иако бевме млади, не влетавме во Елфаско „боси во трње“, имавме план што и како правиме. Ние бевме млади и ни требаше канал, медиум за изразување, за да покажеме дека како личности не сме ние само оние егзактни инженери, кои размислуваат програмирано, туку дека има креативност во нас. “, раскажува Хари.

За сите нас „Елфаско“ е „голема работа“ ама без наводници

Дел од студентите што го подготвувале „Елфаско“

Секоја „голема работа“ претставува комбинација од потребни услови, амбиент и збир на многу други мали работи кои што најчесто се акумулираат една врз друга. Понесени од желбата да направиме нешто ново, имавме среќа да се собереме како група која успеа да ги здружи замислите околу тоа како би требало да изгледа еден студентски гласник створен од нула, без претходно да имаме било какво искуство во журнализмот, а синергијата меѓу нас растеше од број во број. Од денешен аспект, можам да кажамм дека сме успеале да обединиме три В карактеристики во тоа време, а тоа се Визија, Визуелизација и Виралност, токмум по тој редослед. За мене лично, Елфаско е веројатно најзначајниот остварен проект, и претставува темел на мојот понатамошен персонален и професионален развој“ вели Гулаб.

Студентите-новинари на „Елфаско“

„Училница 212 беше местото каде се собиравме на ЕТФ да дискутиравме за студентските права, проблемите со кои се судиравме и ги разгледувавме можните решенија. Во една дискусија дојде и идејата да направиме списание на студентите на ЕТФ, па така прашањата кои не’ засегаа можеме да ги споделуваме меѓу нас студентите. На ЕТФ имаше луѓе кои пишуваа добро, не само за студентските теми, туку и за теми кои беа од поширок интерес, наука, култура, забава… Во истиот период почнувавме да работиме и графички дизајн, па некако целата сложувалка се склопи и почнавме да го издаваме Елфаско.“, се сеќава Бане.

Од прецизни математичари до новинари кои ќе покренат лавина студентски гласила 

Редакцијата на „Елфаско“

„Независно од моето новинарско потекло, воопшто не го искористив тоа, не се чувствував како новинар, дури и позицијата уредник, ја доживував од менаџерски аспект. Мојот мотив беше како да се изменаџираат идеите на исклучително многу талентираните колеги на факлтетот. Тие идеи требаше да ги засегнат сите, од испитите, до начинот на оценување и други студентски прашања, и да се задоволат сите вкусови, без да инсистирам дека сме секогаш во право. Излегувавме со наши ставови и мислења, далеку од политиката дефинитивно, но со еден голем младешки ентузијазам.

Реакција во форма на влијание, немаше никогаш. Ние иако не се мешавме во политиката, во тоа време имавме интервју со архепископот господин господин Михаил, Кирил Гогов, и во 1993 година, добивме одговори за некои теми, што можеби не беа табу, но малку беа комуницирани со јавноста. Имавме интервју и со тогашниот премиер Бранко Црвенковски, не како политичар, туку како успешен студент од нашиот факултет. Интересно е дека, по излегувањето на „Елфаско“ предизвикавме лавина на вакви студентски гласила што се појавија на другите факултети, какмо „Приматко“ на природно математичкиот факултет, следен „Да Винчи“ на машинскиот факултет. Тука морам да го акцентирам финансисрањето на весникот, тогаш кога беше нмајпотребно добивме поддршка од Фондацијата Отворено општество СОРОС. Од друга страна тие беа задоволни од производот што го пласиравме, не само пред студенстската туку пред севкупната јавност.“, раскажува Хари.

Бура од идеи или бреинсторминг

„Веројатно стереотипот за луѓето што се ориентирани кон математичко-техничките науки е дека во главите имаат само формули и дефиниции, но од искуство можам да кажам дека кај повеќето има неверојатна разноликост на други таленти и интереси и „Елфаско“ успешно ги канализираше некои од нив, отварајќи можност на студентите да го споделат она што го знаат и надвор од студиите. На почетокот единствена дефинирана функција во работата на весникот беше работата на Бане како графички дизајнер. На почетокот уредништвото па и сѐ останато се правеше на принципот на бура на идеи, зборот бреинсторминг не го знаевме тогаш. Подоцна покрај пишувањето статии, полека се дефинираа и улогите кои што се потребни за функционирање на едно гласило, као што се уредник, технички уредник, маркетинг итн. и некако природно секој си презеде некоја од улогите. Во поглед уредувачката сигурен сум дека без Хари, „Елфаско“ немаше да заживее така како што заживеа.“, вели Гулаб.

 Карикатурата како бренд на броевите на „Елфаско“

Карикатура во „Елфаско“ на Владимир Мартиновски-Гог

„Кога ќе се спомнат илустрациите и карикатурите во Елфаско, секако дека Владимир Мартиновски – Гог е тој кој што се двои. Успешната соработка меѓу Бане и Гог има огромно влијание на уникатниот и атрактивен изглед на Елфаско. Понекогаш имаше реакции на критики, ама можам да кажам дека биле минорни и не е вредно да се спомнуваат.“, вели Гулаб.

„Ентузијазмот е заразен, а „Елфаско“ се покажа како магнет за креативни луѓе. Владимир Мартиновски – Гог е креативецот кој црташе карикатури и стрипови, учествуваше во дизајнот на насловните страници, внесувајќи вистинско уметничко освежување во „Елфаско“. Имаме анегдота поврзана со една насловна што ја направи Гог. „Елфаско“ беше нацртано во стилот на Coca-Cola. Одлична изведба на плакат која беше поздравена од студентите, но и забележана од Скопска пивара, која прати предупредувачко писмо до редакцијата на Елфаско дека варијации на брендот Coca Cola не смеат да се прават… а реално ’и направивме реклама на Coca-Cola., се сеќава Бане.

Плакат на „Елфаско“ за кој имало реакции од Скопска пивара

Непроспиена ноќ пред излегување на нов број и забави во „Мусандра“

Гулаб вели,”веројатно повеќето од анегдотите се поврзани со непреспиените ноќи пред предавање на новиот број во печатница кога од замор и неспиење се зборува во полу-халуцинирача состојба. На ова се надоврзува и Бане кој вели, традиција било после секоја непроспиена ноќ пред печат, да се оди на чорба во ресторанот „Победа“.

„Со секое излегување на весникот, ние правевме забави, и тие беа најдобрите студентски забави тогаш. Ги правевме во „Мусандра“ во Градскиот трговски центар. Студентите од сите факултети со нетрпение чекаа и прашуваа кога ќе биде забавата на „Елфаско“. И да бидеме начисто, ние електроинжинерите не бевме за фрлање, па забавите ги посетуваа фармацевтки“, на шега раскажува Хари.

Од студентите секогаш можат да се родат нови и убави нешта

„Сум имал и менаџерски и општествен и политички ангажман, каков што имам во моментов, сепак за врв и најуспешен личен проект, сеуште го сметам „Елфаско“. Ова е лично и емотивно а убеден сум и дека и моите драги другари, коосновачите го мислат истото. Претпоставувам дека ентузијазмот спласнал дека духот на идејата мора да се потхранува. Ние го оставивме сакајќи да видиме како нашето чедо може само да продолжи. Инжињерската матрица е нешто исклучително и тука е мојата надеж дека, ќе излезе студентскиот дух со нешто ново. Студентите мора да си најдат борба за простор, борба за мислење, борба за влијание.“, вели Хари.

Хари Локвенец, Небојша Гелевски и Горан Гулабовски на одбележувањето на 30-годишнината од „Елфаско“

„Се надевам дека ќе се најде начин „Елфаско“ повторно да заживее, затоа што и после толку време имам впечаток дека духот на „Елфаско“ е меѓу нас. Дополнителните ангажмани надвор од студирањето секако дека се оптоварување за било кој студент. Би успеале ако го пренесеме тој дух на денешниве студенти, да станат свесни дека успехот не се валоризира само со оценките на испитите, туку има нешто и во реализација на проекти надвор студиите за што „you can’t beat the feeling““, порачува Гулаб.

„Денеска лесно и без големи трошоци може да се направи веб портал. Elfasko.mk постои благодарение на спонзорството од компанијата Соурсико – поранешни Елфасковци. Се надевам студентите ќе ја рестартираат веб страницата и ќе создаваат содржини блиски до нивните интереси и инспирирани од новиот контекст во коj живееме. Теми за пишување има безброј! “, вели Бане.

„Eлфаско“ остана единствен студентски магазин. Згасна „Студентски збор“ , згаснаа и останатите студентски весници од другите факултети кои несебично ги поддржувавме кога постоеја. Другото е историја а најважното е што „Елфаско“ стана традиција преку која се негува пишаниот збор, слободното размислување, нови идеи и погледи изнесени преку специфични инжинерски стил и резон. Низ него во изминатиов период поминаа околу стотина тогашни студенти, а сега успешни инжинери, претприемачи, професори, директори, министри, напиша еден од уредниците на весникот Тони Манџуковски-Манџук, за монографијата по повод 50 години од ЕТФ.

Извор: online Nova TV

Слични содржини

Општество / Книжевност / Култура
Општество / Култура / Настан / Око
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото