1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 10:59
Според европскиот здравствен извештај за 2021 година на Светската здравствена организација (СЗО) во Европа секој човек на возраст од 15 и повеќе години испил, во просек, 9,5 литри чист алкохол, што е еквивалентно на околу 190 литри пиво, 80 литри вино или 24 литри жесток алкохол.
Вкупната потрошувачка на алкохол по глава на жител е намалена за 2,5 литри (21 отсто) помеѓу 2000 и 2019 година во европскиот регион што го покрива СЗО или во огромна географска област од 53 земји, вклучително и Русија и поранешните советски држави како Молдавија.
Но, луѓето продолжуваат да пијат, особено во Западна Европа. Од 10-те земји кои пијат најмногу алкохол во светот (и се прилагодуваат на туристичката потрошувачка), девет се од Европската унија (ЕУ).
Во 2019 година, 8,4 отсто од возрасната популација на ЕУ (15 години или постари) консумирале алкохол секој ден, 28,8 отсто пиеле неделно и 22,8 отсто месечно, додека 26,2 отсто рекле дека никогаш не конзумирале алкохолни пијалоци или не конзумирале во последните 12 месеци.
Помеѓу земјите на ЕУ, постојат големи разлики во проценетата потрошувачка на алкохол, но еден тренд останува распространет: мажите пијат повеќе од жените: 13,0 отсто од мажите наспроти 4,1 отсто од жените пијат алкохол секој ден; 36,4 отсто од мажите наспроти 21,7 отсто од жените пијат секоја недела.
Најголем јаз помеѓу половите за пиењето алкохол има во Португалија (33,4 отсто од мажите пијат дневно наспроти 9,7 отсто од жените) и во Шпанија (20,2 отсто наспроти 6,1 отсто).
И веќе доаѓаме до прашањето што можеби сите си го поставивте: Во која земја во Европа најмногу се пие алкохол? Во 2019 година, првите 10 европски земји со најголема потрошувачка на алкохол по глава на жител биле Чешка (14,3 литри), Латвија (13,2), Молдавија (12,9), Германија (12,8), Литванија (12,8), Ирска (12,7), Шпанија (12,7), Бугарија (12,5), Луксембург (12,4) и Романија (12,3).
Во Топ 10 земји кои консумираат најмалку алкохол во европскиот регион на СЗО се Таџикистан (0,9 литри), Азербејџан (1,0), Турција (1,8), Узбекистан (2,6), Туркменистан (3,1), Израел (4,4), Ерменија (4,7). , Казахстан (5,0), Албанија (6,8) и Северна Македонија (6,4).
Вреди да се напомене дека повеќето земји во оваа листа, освен Северна Македонија, Ерменија и Израел, имаат мнозинско муслиманско население, за кои консумирањето алкохол е забрането.
Спротивно на тоа, во ЕУ, ниту една земја нема годишна потрошувачка по глава на жител од помалку од пет литри чист алкохол. Само пет земји се под годишната потрошувачка по глава на жител од 10 литри: Италија (8,0), Малта ( 8,3 литри), Хрватска (8,7), Шведска (9,0) и Холандија (9,7).
Се пие многу, но колку често?!
Податоците покажуваат дека како што луѓето стареат, се зголемува и нивната дневна доза на пиење алкохол.
Луѓето на возраст меѓу 15 и 24 години се најмалата група во дневните статистики за алкохоличари (само 1 процент). Веројатноста се зголемува со годините, па оние со 75 години или постари имаат поголема веројатност да пијат алкохол секој ден (16 проценти).
Сепак, сениорската група има и најголем удел на луѓе кои воопшто не консумираат алкохол или не го консумирале во изминатите 12 месеци (40,3 проценти).
Во ЕУ, најчесто се пие секој ден во Португалија, една петтина (20,7 отсто) од населението консумира алкохол дневно, а потоа следат Шпанија (13,0 отсто) и Италија (12,1 отсто). Најмал удел на дневни алкохоличари е околу 1 процент во Латвија и Литванија.
Земји на ЕУ со најголем удел од населението што пие алкохол на неделно ниво е Холандија (47,3 отсто), Луксембург (43,1 отсто) и Белгија (40,8 отсто).
Во Хрватска најголем дел од населението (38,3 отсто), изјавиле дека никогаш не консумирале или не консумираат алкохол во последните 12 месеци.
Низ сите европски земји, очигледно има многу повеќе жени отколку мажи кои се држат настрана од алкохол.
Жените се најтрезни во Италија, каде 46,7 отсто велат дека никогаш не конзумирале алкохол или не конзумирале во последните 12 месеци (во споредба со 21,5 отсто од мажите). Во Кипар, таа бројка изнесува 44,2 отсто од жените наспроти 12,8 отсто од мажите, а во Бугарија со 42,0 отсто од жените наспроти 16,2 отсто од мажите.
Обилното пиење на алкохол се дефинира како внесување еквивалент на повеќе од 60 мл. чист етанол или приближно шест стандардни алкохолни пијалоци во една прилика.
Речиси секој петти Европеец (19 проценти) изјавил дека имал епизоди на обилно пиење барем еднаш месечно во 2019 година.
Најголем дел од возрасните кои имале вакви епизоди, со тешки алкохолни пијалоци најмалку еднаш месечно се пронајдено во Данска (38 отсто), Романија (35 отсто), Луксембург (34 отсто), Германија (30 отсто) и Белгија (28 отсто).
Интересно е тоа што некои земји каде што значителен дел од населението пие алкохол секој ден, како што се Шпанија и Италија, се рангирани многу ниско на скалата за обилно пиење, со 6 проценти и 4 проценти, соодветно.
Еуростат вели дека редовното ризично консумирање алкохол во една прилика е несразмерно позастапено кај мажите. Исто така, процентот е поголем кај оние со повисоко средно и високо/универзитетско образование и со највисоки примања.
Бидејќи Обединетото Кралство ја напушти ЕУ во 2020 година, па оваа држава повеќе не е вклучена во податоците на Евростат.
Сепак, Британците имаат репутација дека се тешки алкохоличари. Па, како се споредуваат нивните навики за пиење со ЕУ?
Според „Drinkaware“, независна добротворна организација која прави годишни извештаи за консумирање алкохол во Обединетото Кралство, 57 отсто од британските мажи и 47 отсто од жените, консумирале алкохол најмалку еднаш неделно во 2020 година.
Четиринаесет отсто изјавиле дека никогаш не пиеле (наспроти 26,2 отсто во ЕУ).
Според СЗО, не постои безбедно ниво на пиење, а единствениот начин да се избегнат штетните последици од пиењето алкохол е да не се пие воопшто.
СЗО проценува дека алкохолот предизвикува речиси 1 милион смртни случаи годишно, во европскиот регион на СЗО, и 3 милиони смртни случаи ширум светот.
Извор: Бриф