1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Не можеме да се откажеме од Уставот, истакна деновиве шведскиот министер за надворешни работи Тобиас Билстрем, коментирајќи ги притисоците и барањата што ги испорачува Турција за да го одобри членството на Шведска во НАТО. Оваа изјава доаѓа сепак по неколкумесечни настојувања, исполнети со извесна доза на снихосдливост, со цел да се придобие турскиот претседател Ердоган да отстапи од политиката на притисок со вето.
Таквиот пристап на шефот на шведската дипломатија наиде на сериозни и остри критики, дека ги загрозува темелите на шведската конституционална демократија и пред сè на загарантираната слобода на изразување, така што најпосле го принуди и шведскиот премиер да изјави дека „Ердоган бара нешто што не можеме да му дадеме“.
Користењето притисоци, уцени и правото на вето во меѓународните односи, како ефикасно средство на блокада против зачленувањето на одделни земји во меѓународни сојузи и организации, не е ништо ново. Искуствата на Македонија на тој план се поразителни. Но, она што сега ѝ се случува на Шведска внесува нови и мошне интересни перспективи во однос на оваа проблематика.
Колку и да се насочени шведските државни интереси кон брзо зачленување во НАТО, во услови на безбедносните закани што произлегуваат од руската војна во Украина, некои „црвени линии“ во преговорите сепак тешко можат да се заобиколат.
Без оглед што Шведска и Финска ветија дека ќе се заложат за експресна постапка за донесување нови законски решенија во однос на борбата против поддржување и финансирање на тероризмот, турскиот претседател Ердоган ја зголеми бројката на 130 „терористи“ што Анкара ги бара да бидат екстрадирани од Шведска и Финска, а по што нивните молби за членство во НАТО би можеле да биде ратифицирани во турскиот парламент.
Но, да се оди на поклонување и извинување, секојпат кога Ердоган ќе биде навреден со нешто, за многумина во Скандинавија е едноставно неприфатливо. Барањето на Турција за екстрадиција на курдски „терористи“ е во директна спротивност со шведското законодавство, бидејќи за такви предмети не одлучува Владата, туку тие поминуваат низ утврдување на фактите во независните правосудни инстанции. Крајната одлука се утврдува во Врховниот суд, каде што Владата во Стокхолм не може да се јавува и да врши политички притисоци во интерес на какви било барања од други земји.
Во такви услови и една обична протестна акција на курдски здруженија, кои пред Градскиот совет во Стокхолм деновиве обесија кукла со која беше претставен турскиот претседател, а со алузија на италијанскиот диктатор Мусолини, убиен во 1945 година и потоа обесен за нозете крај бензинска пумпа, веднаш стана вест од глобално значење. Но, реакциите во медиумите, кои беа и очекувани, беа на линија дека слободата на изразување, што се манифестира во најразлични форми, вклучувајќи и една ваква протестна акција, во Шведска е целосно загарантирана, всушност, би можело да се рече и дека е – апсолутна. Слободата на говор, на здружување, и другите уставни категории, врз кои се темели демократското устројство на државата не можат да се ставаат на маса за политички преговори.
Без оглед што шведскиот премиер Кристерсон реагираше со оценка дека настанот пред Градскиот совет во Стокхолм претставува „саботажа“ против молбата на Шведска за членство во НАТО, уследија и реакции на поинаква линија. Лидерот на партијата Шведски демократи, без чија поддршка во Парламентот, Владата не би можела да функционира со мнозинство, рече дека парламентарните избори во Турција немаат такви стандарди, какви што се постигнуваат во западните земји, и го нарече Ердоган „исламистички диктатор“.
Во некои коментари во медиумите турскиот претседател беше окарактеризиран како „деспот“. Веднаш потоа се огласи и Анкара, разгневена и поради чинот на палењето на Куранот во близина на турската амбасада во шведскиот главен град, од страна на екстремен десничар и антиисламски провокатор, и ги откажа најавените посети на спикерот на шведскиот Парламент и на министерот за одбрана. Во секој случај, шефот на шведската дипломатија, поттикнат од таквото заострување на состојбите, се обиде најпрвин да укаже дека нема сомневање во тоа дека слободата на изразувањето е неприкосновена, но и дека секој што ја користи таа придобивка треба едновремено да дозволи и да биде критикуван поради своите постапки, иако најпосле констатираше дека владата сепак не може да се откаже од Уставот, „како што тој изгледа во Шведска“.
Станува ли збор за говор на омраза во јавноста, што Владата треба да го осудува? Во еден сличен контекст во Данска, кога во 2005 година беа објавени прочуените карикатури на пророкот Мухамед, слободното изразување на мислењата и говорот не беше доведено под знак прашање. Пораката на Владата во Копенхаген беше едноставна. Не е работа на министрите да избираат и да поучуваат што луѓето ќе пишуваат или цртаат.
За многумина во Шведска, како што констатира влијателниот весник „Дагенс нихетер“, станува збор „само за тоа да се покаже дека еден турски деспот не може да ја ограничува нашата уставно загарантирана слобода на изразување“, така што дури ни членството во НАТО не би можело да мотивира „такво понижување“. Оттаму и силните реакции во медиумите и јавноста, и барањата шведската влада да ја смени стратегијата и да престане да се извинува и да покажува понижувачки тенденции на виткање рбет пред притисоците од Анкара. Бидејќи, сè додека Шведска дозволува да биде третирана како играчка – како корисна играчка, ако така би можело да се рече – нема никаква причина за Турците брзо да ја завршат играта. Напротив, можат и да ја компликуваат и да ја одолговлекуваат.
Невнимателноста во извлекување паралели често може да доведе до поедноставени и погрешни заклучоци. Но, прашањето кое е веќе одамна созреано и бара сериозен одговор е кој се грижи за македонскиот Устав и како македонското државно устројство се брани и заштитува од оние од кои тоа најмногу се очекува? Притисоците и уцените за внесување промени во македонскиот Устав и ограничувањето на говорот на омраза, според апетитите на други држави, постојано се ставаат високо на агендата на македонските владини политики, со цел да се забрза барањето решенија за блокираните преговори во меѓудржавните односи.
Моментно играта ја диктира Бугарија. Засега останува нејасно, или можеби недоволно јасно, колку Македонија ќе продолжи да дозволува да биде третирана како играчка.
Слики: Roland Topor
Извор за текстот: Слободен печат