Книжевен прашалник за Николина Андова Шопова

02.02.2023 09:22
Книжевен прашалник за Николина Андова Шопова

Фото: Игор Тодоровски

- Вашето најрано сеќавање за книгата и за читањето?
Двете колекции „Сказни од целиот свет“ и „Сказни од југословенските народи“.

- Која книга би ја нарекле книга на вашето растење?
„Игра во ‘ржта“ од Џ.Д. Селинџер.

- На кој/а писател/ка (или книга) редовно се навраќате?
На Ален Боске.

- Книга која никако не сте успеале да ја прочитате до крај?
Има многу. Порано дочитував сè што ќе започнам, сега одам до крај само ако книгата е вредна за тоа.

- Која книга би сакале никогаш да не сте ја прочитале?
Нема таква. И кога сум се мачела со читањето сум учела како не треба.

- Во светот на кое книжевно дело би сакале да живеете?
Во фикциите на Борхес.

- Во кои ситуации жалите што немате книга при рака?
Помина тоа време („како не си земав некоја книга…“), сега секогаш ми се при рака електронските книги на мобилниот.

- Да имате своја издавачка куќа, која книга или кој/а писател/ка прво би ја објавиле?
Собрани дела на Влада Урошевиќ.

- Која книга би сакале вие да сте ја напишале?
„Свињизми“ – Мари Даријесек.

- Општо прифатено ремек-дело кое не ви се допаднало? И зошто?
Не можам да се сетам на таква книга. На некои од книгите кои важат за општо-прифатени ремек дела им приоѓав со сомнеж и предрасуди, но на крајот сепак согледував дека има добра причина зошто тие се „канонизирани“, колку и да ми биле далечни по сензибилитет. Вистина е и дека дел од т.н. ремек дела за жал не сум стигнала да ги прочитам, така што не ја исклучувам можноста во иднина да наидам на некое што ќе ме разочара.

- За која книга (автор/ка) мислите дека сте ги откриле предоцна?
Џ.М. Куци.

- Да можете да приготвите вечера за пет писател(к)и, сеедно од каде се и дали ви се современици, кои би се нашле на масата?
Елфриде Јелинек, Џон Фаулс, Мери Шели, Јуриј Мамлеев, Владимир Набоков (први што ми паднаа на памет, утре можеби би викнала други).

- Како обележувате интересни делови во книга: белешки на маргините, „уши“, подвлекување со маркери, или...?
Никако, не обележувам.

- Која книга би ја однеле на пуст остров, а која на отслужување доживотна затворска казна?
За трајна изолација исклучиво поезија - на пустиот остров – поезијата на Ален Боске, за доживотен затвор – Јехуда Амихај.

- Што читате сега?
„Неугодноста на квечерината“ – Марике Лукас Рејенфелд. Препорачувам.

***

Николина Андова Шопова (1978) дипломира на Катедрата за македонска и јужнословенска книжевност на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Нејзината прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ во издание на издавачката куќа Темплум ја доби наградата „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска книга што ја доделуваат фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ и УНЕСКО. Во 2014 година ја издава втората поетска збирка „Поврзи ги точките“, повторно во издание на Темплум. Нејзини песни се преведени на повеќе светски јазици и е застапена во повеќе антологии на македонската поезија. Во 2018 година го издава романот „Некој бил тука“ за кој ја добива наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унaпредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, а четири години подоцна го објавува романот „Естом“. Пишува и раскази, а авторка е и на книгите за деца „Волшебната комета“ и „Кртот Ѕвездан“.

Слични содржини

Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност / Живот
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност
Прашалник за ... / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото