Како класиката повторно стана „кул”

02.02.2023 12:56
Како класиката повторно стана “куп”

Радикален нов бран уметници го заплискува елитниот свет на класичната музика, со помош на серии од типот на Squid Game и актуелниот “Dark Academia” стил, меѓу другото актуелизиран преку хитот на Netflix, Wednesday - пишува за BBC Culture, нивната авторка Дејзи Вудворд која истражува како „класиката станала кул“.

Имено, кога би ги прашале луѓето каква музика слушаат младите, повеќето од нив веројатно никогаш не би помислиле на оркестарска или класична музика. Сепак, истражувањето спроведеное од Кралскиот филхармонски оркестар (РПО), објавено во декември 2022 година, покажа дека 74 отсто од жителите на Обединетото Кралство, на возраст под 25 години, го слушаат токму тоа за Божиќ. За споредба, само 46 отсто од луѓето постари од 55 години слушаат оркестарска музика.

Бројките укажуваат не само дека младите под 35 години почесто слушаат оркестарска музика од нивните родители, туку и забележан е и голем пораст на популарноста на класичната музика воопшто, особено кај помладите генерации.

Причини за ова има многу, - плејлистите на платформите за стриминг кои на слушателите им го олеснуваат откривањето нови изведувачи и музика според нивното расположение, утехата што ни ја даваше музиката за време на пандемијата, како и класичните композиции во поп културата, како на пр. во серијата Squid Game.

На листата причини доминира глобалниот бран на генерацијата Z и младите милениумци - класични уметници, кои наоѓаат нови начини да бидат видени и слушнати и нови средства за модернизирање на жанрот кој долго време се сметаше за најелитен и воздржан. Социјалните мрежи одиграа огромна улога во ова, за што сведочат пребарувањата за популарниот TikTok хаштаг „classictok“ со моментално 53,8 милиони посети. Таму, како и на Инстаграм, младите класични уметници го користат демократскиот потенцијал на дигиталното царство за да ги подигнат завесите од нивните уметнички форми, презентирајќи ја класичната музика и нејзината историја, на достапен, незастрашувачки и што е најважно, забавен начин.

За француската виолинистка Естер Абрами – која има повеќе од 250.000 следбеници на Инстаграм и повеќе од 380.000 на TikTok и која беше првата класична музичарка номинирана во категоријата Суперѕвезда на социјалните медиуми на Global Awards, патот до славата на социјалните мрежи произлезе од нејзината желба да ја шири својата страст.

„Студирав на врвна институција и најголем дел од времето го поминував вежбајќи за испити, па ми беше одземена целата радост на „споделување“ на мојата работа. На малкуте концерти кои сум ги отсвирела, имаше многу специфична публика која не беше многу разновидна“, изјави Абрами за BBC Culture.

Сепак, таа забележала дека има неколку класични музичари на Инстаграм кои го прошириле својот опсег преку социјалните мрежи, па се одлучила и таа да го направи истото.

„Почнав да објавувам работи и бев изненаденa од реакцијата што ја добив. Одеднаш ве слушаат луѓе од целиот свет и ви велат дека им се разубавува денот кога ве гледаат како свирите на виолина”, воодушевено вели музичарката. „Ја отворив вратата кон сосема нов свет“, додава таа.

Нигериско-американскиот баритон и доживотен обожавател на хип-хоп, Бабатунде Акинбобој, доживеа сличен, брз и изненадувачки пораст на славата на социјалните мрежи откако објави видео на кое ја пее познатата арија на Росини, Largo al factotum врз песната Humble на Кендрик Ламар.

„Бев во автомобилот и сфатив дека двата дела музички функционираат заедно, па почнав да пеам по ритамот“, изјави тој за BBC Culture.

Акинбобој го документирал моментот на својот телефон и го поставил на својот Фејсбук профил, сметајќи дека неговите пријатели повеќе ќе уживаат во него отколку неговите оперски врсници.


„Отидов да спијам, се разбудив следното утро и видеото се проширило на мојата оперска мрежа. и многу подалеку од неа“, се смее тој, објаснувајќи дека за два дена неговиот самопрогласен бренд на „хип-хопер“ го привлекло и вниманието на The Ellen Show, America’s Got Talent и Time magazina.

И Абрами и Акинбобој почнле да свират класична музика во тинејџерските години, што е доцна според конвенционалните стандарди. Тие самостојно ја негувале страста кон жанрот, што останува движечки фактор во нивната желба да допрат до нова публика. Тие тоа го постигнале во импресивни размери, во главно. само со тоа што си останале доследни на себе.

„На крајот, станав влијателен оперски актер споделувајќи делови од себе кои ми беше пријатно да ги споделувам, а такви ги има многу“, вели Акинбобој, чии разиграни хип-хоп и оперски видеа и објави ги носат гледачите зад сцената на светот кој сè уште е обвиткан во мистерија. Овие објави му донесоа на Акинбобој околу 688.000 следбеници на TikTok.

„Има многу работи во мојот однос кон операта; мојата музичка позадина е хип-хоп, но сепак најдов врска со операта и тоа одекнa кај луѓето. Речиси секој ден добивам пораки кои гласат: „Денес за прв пат отидов на опера“. Мислам дека тоа е затоа што луѓето препознаваат во мене гледаат некој со кој им е удибно или се чувствуваат блиски, со кого можат да се поврзат“.

Абрами се согласува, со сличен ентузијазам: „Мислам дека е голема работа да се стави лицето на некој близок до жанрот. Тоа е она што се обидувам да го направам, да допрам до различни типови на луѓе и да создавам мостови, и да им покажам дека оваа музика навистина може да ве допре. Таа е комплексна и длабока, и да, можеби ќе ви треба малку повеќе време за да ја разберете, но кога ќе го направите тоа, ќе ви биде неверојатно“.

Британската концертна пијанистка Хариет Стабс е уште една страсна застапничка на класичната музика за модерната публика, која наоѓа свои начини да привлече нови слушатели.

За време на изолацијата, музичарката, која го поминува своето време на релација Лондон - Њујорк, одржа неколку дваесетминутни концерти од нејзиниот стан на приземје во Западен Кенсингтон, отворајќи ги прозорците и користејќи засилувач за да допре до слушателите надвор.


„Одржав 250 концерти“, изјави Стабс за BBC Culture, на која кралицата ѝ додели Медал на Британската империја за овој подвиг кој го подобрува расположението во такви вонредни услови.

„Репертоарот е составен од песни од мојот претстоен албум, дела како All By Myself, кои иронично ги избрав за таа публика. Работата беше во тоа што луѓето кои мислеа дека не им е гајле за класиката, се враќаа секој ден поради моќта на таа музика“.

Спојот на класичната музика со другите жанрови е главен аспект на нејзината практика, но и на практиката на многу други претставници на новата генерација класични уметници.

Револуционерниот деби албум на Стабс, Heaven & Hell: The Doors of Perception (2018), е инспириран од Вилијам Блејк и ја вклучува и музичката икона Маријана Фејтфул.

„Отсекогаш сакав да ги поврзам рокенролот и класичната музика и да ги ставам во ист простор, со поддршка од литературата, филозофијата и другите дисциплини“, објаснува таа, додавајќи дека нејзиниот следен албум, кој го снима со пијанистот и поранешен соработник на Боуви. Мајк Гарсон, е “афера” во која „Боуви го запознава Рахмањинов“.

Интересно е што сегашниот наплив на ентузијазам за класичната музика, се разграни и прерасна во естетско движење, исто колку и музичко.

Дигитални микротрендови Dark Academia и Light Academia - колку и да се посветени на романтизирање на страста кон уметноста и знаењето преку слики, тие возбудливо ја користат класичната музика за да го создадат посакуваниот амбиент.

Во меѓувреме, полскиот контратенор во подем, Јакуб Јозеф Орлински, користи атмосферски визуелни ефекти како моќно средство за модернизација на барокното искуство. Депримиран од недоволното финансирање во продукцијата на музички видеа, во царството на класиката, тој побара приватно спонзорство за да сними 21-минутен филм кој би ја прател неговата изведба на Стабат Матер на Вивалди, снимена во 2021 година. Филмот доловува убедливо и соодветно брутално сценарио за химна од 18 век, која не излегува од глава. Неа, New York Times ja опишува како „слична на полскиот римејк на „Сопрановите“.

„Навистина сум заинтересиран за раскажување приказни. Секогаш го создавам целиот концепт за моите албуми - нарација, фотографија, видео записи“, вели Орлински за BBC Culture. „Мислам дека сега има една цела нова генерација на луѓе кои навистина сакаат да придонесат за тоа класичната музика да прерасне во нешто ново - да го надминат пеењето и да бидат провокативни. Само треба да знаете дека крајниот производ ќе биде добар и дека она што го правиме ќе ѝ служи на приказната“, додава тој.

Како успешен спортист и брејкденсер, Орлињски ги воодушеви критичарите со своето деби во Кралската опера во 2022 година. Тој танцуваше на шипка во блескав фустан како Дидимус во Теодора на Хендл, во продукција на Кејти Мичел. Други неодамнешни проекти вклучуваа снимање на барокни композиции за претстојните видео игри, за што вели дека било „неверојатно искуство“ и нешто што од него сè почесто се бара да го прави; како што вели, Метауниверзумот го повикува. „Понекогаш ви е потребна класичната музика за да допрете жиците на нечија душа, бидејќи поп музиката ја нема таа моќ.

Зачестеното и, често пати, моќно вкрстување на класичната музика со поп-културата стои во прв план, како дел од зголемениот интерес за жанрот, како внатре, така и надвор од неговите граници. Тинејџерите членови на Националниот младински оркестар на Обединетото Кралство штотуку ја завршија мини-турнејата која вклучуваше изведба на „Така зборуваше Заратустра“, на Ричард Штраус, исполнета со воведното симфониско изгрејсонце кое го овековечи Стенли Кјубрик во филмот 2001: Одисеја во вселената.

Минатиот август пак, BBC Proms ја започна својата прва програма на тема игри, при што Оркестарот на Кралската филхармонија изведуваше некои од најомилените песни во историјата на видео игрите. Од друга страна пак, неодамнешната колекција есен/зима на Face, под-етикета на Acne Studios, даде една од најдиректните почести кон класичната музика до сега – џемпери со кружен изрез, маици и чанти украсени со лицата на Хендл, Моцарт и Бах, славејќи ја „идејата дека страста за класичната музика е најлевичарскиот потег што може да се замисли за еден модерен тинејџер“.


Орлињски се сложува дека класичната музика неодамна го стекнала статусот „речиси хипстер“. „”Кул” е да се оди на опера, да се знае нешто, а тоа е така затоа што има многу млади уметници кои продуцираат музика на највисоко ниво и ја прават многу забавна“, вели тој.

Постои, забележува тој, обновен интерес за претставниците на класичната музика како Марија Калас и Павароти, и за „ликови како Јуја Ванг“ кои ги распродаваат концертните сали. Сето ова, според него, е добро за уметноста.

„Ни претстои долг пат за да израснеме колку и другите жанрови на музика, но одиме напред, Акинбој исто така се надева. „Мислам дека операта е дефинитивно многу похрабра и се надевам дека така и ќе продолжи затоа што мислам дека можеме да ги стигнеме другите жанрови“, заклучува тој. „Класичната музика мора да биде храбра, да ја прави страшната работа. И ќе успее, бидејќи публиката е подготвена“, заклучува тој.


Превод: Марина Туфекчиевска
Извор: BBC Culture

 

ОкоБоли главаВицФото