Дваесет и две тези за природата

03.02.2023 11:22
Дваесет и две тези за природата

 

1

За Природата не можеме да размислуваме како за еден член на бинарна опозиција. Во добата на антропогеното глобално затоплување и на генетски модификуваните организми, а да не ги ни спомнуваме големите бази на податоци или компјутерските и комуникациските мрежи што го обвиткуваат светот, нема смисла да ги спротиставуваме природата и културата, „природната состојба“ и човечкото општество, природното и вештачкото. Човечките суштества и нивните производи не се одвоени од Природата; тие во еднаква мера се „природни“ како и сè друго.

 

2

За Природата мораме да размислуваме без остатоците на антропоцентризмот: значи, без тоа да се изземаме од неа, но и без тоа да ја преобликуваме според сопствената слика. Луѓето се дел од Природата, но Природата не е човечка ниту нејзиниот фокус е врз луѓето или што било човечко.

 

3

Но пред сè, за Природата не смееме да размислуваме како за нешто просто „дадено“, значи секогаш исто ‒ во спротивност со општественото подрачје кое е секогаш историско и конструирано. Наместо тоа, мораме да признаеме дека самата Природа е секогаш во движење, во процес, во изработка. Мораме одново да ја оживееме славната деветнаесетвековна дисциплина на природната историја со која се бавеле Дарвин, Валас и многу други. Еволуцијата (филогенеза) и развојот (онтогенеза) се историски процеси; неможно е тие да се сведат на проучување на геномот како синхрониски структури.

 

 

4

Природата е сеопфатна, но не е Целина. Таа е радикално отворена. Колку и далеку да отидеме во космосот, никогаш нема да стигнеме до работ или границата. Нема начин сè да се изброи и да се дојде до Природата како конечен збир. Нема начин Природата да се потчини на некоја Теорија на сè.

 

5

Природата е радикално отворена кога станува збор за времето и просторот. Иднината е секогаш контингентна и непредвидлива. Неможно е да биде сведена на каква било сметка на веројатноста. Како што ни покажаа и Кејнс и Меласо, иднината е интринзично несознатлива. Таа ја надминува која било затворена листа на можности. Радикалната несознатливост на Природата не е епистемолошко ограничување, туку темелно, и позитивно, онтолошко обележје на самата Природа.

 

6

Во деветнаесеттиот век различни мислители, од Шелинг (Naturphilosophie) до Енгелс (Дијалектика на природата), се обиделе да ја дефинираат општата „логика“ на Природата која би го вклучувала ‒ но не би било можно да биде сведена на ‒ развојот на луѓето и нивните грижи. Во дваесеттиот век таквите проекти се напуштени. Наместо тоа, на човештвото му е даден посебен, трансцендентален статус (феноменологија) или е тоа сведено на своите неоргански претпоставки (сциентизам). Денес, во дваесет и првиот век, обете спомнати опции се банкротирани. Мораме да му се вратиме на проектот на директно мислење на Природата, дури и ако притоа отфрлиме некои застарени поими кои мислителите како Шелинг и Енгелс ги користеле во својата работа.

 

 

7

Шелинг и Енгелс се обиделе да ја мислат Природата на начини кои биле втемелени во најдобрите тогашни теории на природните науки, но не биле сведени на нив. Слично на тоа, денес е наша задача да ја мислиме Природата така за нашето мислење да биде втемелено во најдобрите теории на современата наука, но да не е сведено на нив.

 

8

Природата не е ни полнина ни празнина. Порадо да кажеме дека условите или состојбите во Природата можат да тежнеат кон полнина или празнина. Обично ниеден од овие тенденцијални екстреми не е досегнат. Нештата обично флуктуираат во средниот појас меѓу полнината и празнината.

 

9

Сепак со поголема оправданост можеме да кажеме дека Природата се состои од нешто, а не од ништо. Модерната физика ни вели дека квантните флуктуации можат да настапат дури и во вакуум. Во таа смисла, природата е подобро да се разбере како нешто повеќе отколку помалку, како вишок, а не кусок. Природата никогаш нема да биде довршена, никогаш нема еднаш засекогаш да биде обликувана и структурирана; но исто така таа никогаш не била „празнина, без облик“.

 

 

10

Природата не е безоблична и не е просто хомогена. Порадо да кажеме дека е метастабилна во смислата што ја дефинираше Жилбер Симондон. Низ сеопфатната Природа минуваат потенцијали и моќи, енергетски градиенти и инхерентни тенденции. Во секој момент нешто од тоа може да биде активирано и актуелизирано. Најмалите нерамнотежи или најкраткотрајната средба можат да бидат доволни да ги придвижат нештата. И, општо земено, последицата е побогата од својата причина. Консеквенците на спомнатите нерамнотежи и средби знаат да бидат за редови големина поголеми од инцидентите кои ги придвижиле.

 

11

Резултатот од нарушувањето на метастабилноста на Природата е она што Симондон го нарекува индивидуација: емергенцијата и структурацијата на нешто поединечно и со него поврзаната средина. Примерите на овој процес го вклучуваат создавањето кристали од раствор или појавата и развојот на различни ткива, органи и делови од, во почетокот, недиференцираниот ембрион.

 

12

Природата така содржи многу процеси на индивидуација. Нив треба да ги разбереме на два различни начина: во поимите на енергетиката и во поимите на информатиката.




13

Природата вклучува постојани текови енергија. Енергијата (или, попрецизно, масата‒енергија) не може да биде создадена или уништена, туку само преобразена од една состојба во друга (прв закон на термодинамиката). Но тоа исто така значи енергијата постојано да се шири или растура како што се намалуваат градиентите и расте ентропијата (втор закон на термодинамиката). Како што тврди Ерик Шнајдер, комплексните организациски системи (од ураганот до организмот) се создаваат зашто не можат да ја растураат енергијата поефикасно, и на повисоко ниво, отколку што инаку тоа би било можно. Тие „дисипативни системи“ се интерно негентропски: но токму тоа е она што им овозможува да испуштаат толку многу енергија во својата околина и така да ја зголемуваат ентропијата, односно општо да ги намалуваат енергетските градиенти.

 

14

Благодарение на нашите компјутерски технологии, денес сме посклони да мислиме во информатички отколку во енергетски термини. Физичарите сугерираат дека универзумот на крајот е составен од информации; когнитивните научници се склони биолошките механизми да ги согледуваат како системи за процесирање на информациите. Се плашам дека нашата претерана преокупираност со информатиката ни пречи на соодветен начин да ја сфатиме важноста на енергетиката.

 

 

15

Информацијата, за разлика од енергијата, нема некое „по себе“; информацијата постои само за некој ентитет (некој или нешто) кој на некој начин ја обработува. Би можело поради тоа да ви се причини дека информацијата е небитна. Но ништо во потполност не е лишено од информација; ништо не постои во потполност за себе, надвор од сеопфатната Природа, сосема самодоволно и без кога било да биде афицирано од нешто друго. Преносот и обработката на информациите, во еднаква мера како и преносот и растурањето на енергијата, суштински е природен процес.

 

16

Би можеле информацијата да ја поврземе со перцепцијата, од една страна, и со акцијата, од друга. Перцепцијата е начин на кој собираме информации, а обработката или процесирањето на тие информации овозможува акција или делување. Живиот организам собира информации перципирајќи ја својата околина и ги употребува за флексибилно и соодветно да одговори на какви било услови во кои ќе се најде. Тоа не е случај само кај животните или суштествата со мозок. Стеблото забележува вода во тлото и ја повлекува со своите корења; открива инсекти што се хранат со неговото лисје и испушта одвратна хемикалија за да ги одбие. Значи, информациското процесирање посредува меѓу перцепцијата и акцијата.

 

 

17

Процесирањето информации вклучува ‒ всушност изискува ‒ минимален степен на сетилност. Но не смееме да ги побркаме сетилноста и свеста; сетилноста е многу поширок поим од свеста. Организмите како што се стеблата, бактериите и слузњачите веројатно не се свесни, но се сетилни и тоа може да се докаже со оглед дека процесираат информации и одговараат на нив на начини кои не се однапред стереотипно одредени. Дури и кога станува збор за нас, процесирањето информации во поголем дел е несвесно и не е можно кога било да стане свесно. Свеста е, најверојатно, ретка во Природата. Но затоа сетилноста е многу пораширена.

 

18

Перцепцијата е само одреден вид каузалност. Ако нешто перципирам, тогаш тоа значи дека тој предмет ме афицирал на некој начин, било со светлина, звук, допир или со некој друг медиум. Но ако со нешто сум афициран, тоа нешто врз мене мора да остави некаква последица. Тоа (макар минимално) ме променило на овој или оној начин. Тој процес не може да биде ограничен на перцепцијата. Нештата често ме афицираат без јасно да ги перципирам. Често чувствувам симптоми на настинка, но не го чувствувам вирусот кој е всушност причината за мојата болест. Чувствувам желба нешто да купам оти мојот ум некако сублиминално е наведен тоа да го направам. Губам рамнотежа и паѓам од висина, повлечен од Земјиното гравитациско поле, пред да се освестам. Се вртам во сон реагирајќи на температурните промени во околината. Во сите овие случаи нешто предизвикало промена во мене и довело до последици. Информацијата нешто ја обработило ‒ ако тоа не бил мојот ум, тогаш тоа било моето тело.

 

 

19

Природата вклучува континуирана мрежа од причини кои произведуваат последици кои стануваат причини за други последици и така ad infinitum. Со тоа не се имплицирани линеарноста или монокаузалноста: има многу причини што дејствуваат кај една последица и многу последици настануваат поради една причина; исто така, потенцијалните причини можат меѓусебно да интерферираат и меѓусебно да се блокираат. Но како што енергијата постојано се преобразува, така и информацијата постојано се процесира на она што можеме да го сметаме за чисто физичко ниво. Затоа е информацијата, баш како и енергијата, основна категорија на Природата.

 

20

Во сеопфатната Природа разликата меѓу „физичкото“ и „менталното“ е само во степенот, но не и во видот. Термостатот е, во скромна мера, информациски процесор; значи, ќе треба да се согласиме дека е барем минимално сетилен ‒ ако веќе не е, како што сугерира Дејвид Чалмерс, навистина свесен. Со други зборови, термостатот чувствува ‒ иако ништо не знае и не е способен за саморефлексија. Слично можеме да кажеме и за каменот кој се одронува од брегот или дури за оној што неподвижно лежи на тлото. Гравитацијата го влече каменот кон земјата, а информациите поврзани со процесов се она што каменот го чувствува.

 

 

21

Природата не е некоја ствар или некој процес; таа е никогаш довршена сума, како и рамка, од мноштвени ствари и процеси ‒ трансформација на енергијата и акумулација на информациите ‒ кои се одвиваат во неа. Како тогаш најпосле можеме да ја окарактеризираме? Сеопфатната Природа не е никаква поединечна инстанца. Но притоа Природата нималку не е налик на Кантовиот трансцендентален услов за можноста од сите тие инстанци, со оглед дека Природата се наоѓа на истото ниво, внатре во истиот план на иманенцијата, како и тие инстанци. Природата не е надвор од историјата, таа не е ни вкупност на историјата, а ни некој факт од природната или општествената историја. Природата е попрво она што го споделуваат сите тие поединечни инстанци, сите тие преобразби и акумулации ‒ таа ги сместува во заедничкиот свет.

 

22

Ќе го заклучам текстов преземајќи ја забелешката на Алфред Норт Вајтхед кој таа заедничкост ја артикулирал многу построго отколку што јас би можел. Вајтхед старогрчкиот збор physis не го преведува само како Природа (што стана обичај), туку и како Процес. Тој го изедначува тој physis со потесниот технички назив (од Платоновиот Тимеј), hipodoche, што значи Примателка. Природата или Примателката, вели Вајтхед, „ја наметнува заедничката врска меѓу сè што се случува, но не наметнува каква ќе биде таа врска... Нејзе можеме да ја замислиме како нужна заедница внатре во која се одвива текот на историјата, апстрахирана од сите поединечни историски факти“.

 

Слики: TROELS CARLSEN
Избор и превод: П. В.
Извор за текстот: Steven Shaviro, Diskognicija (Multimedijalni institut, Zagreb, 2021)


Во книгата „Дискогниција“, од каде е преземен текстот погоре, Американскиот теоретичар Стивен Шавиро се занимава, меѓу другото, со следниве прашања: Што е свест? Што значи да се чувствува болка или да се перципира црвената боја? Дали роботите и компјутерите навистина мислат? Или билките и амебите? Ако некогаш сретнеме интелигентни вонземјани, ќе можеме ли да ги разбереме? Филозофите и научниците денес немаат одговори на овие и на слични прашања. Но можеби одговори нуди научната фантастика. Шавиро во својата книга пишува за научно-фантастичните романи и приказни кои ги преиспитуваат екстремните можности на човечките и нечовечките свести и сетилности.

Стивен Шавиро (Steven Shaviro, 1954) е американски професор, филозоф и културен критичар чии области на интерес вклучуваат филмска теорија, физика, научна фантастика, панпсихизам, капитализам, афекти и субјективност. Докторирал на Јејл во 1981 година и предавал филм, култура и англиски јазик, прво на Универзитетот во Вашингтон, а потоа на државниот универзитет Вејн.

Неговата најчитана книга е Doom Patrols, „теоретска фикција“ која ја опишува состојбата на постмодернизмот во раните 1990-ти, користејќи поетски јазик, лични анегдоти и креативна проза. Пишувал многу и за музичките спотови како уметничка форма.

Шавиро има и книга за филмската теорија, The Cinematic Body: „за постмодернизмот, политиката на човечките тела, конструкциите на машкоста и естетиката на мазохизмот“. Во та книга ги преиспитува и концептите на Жак Лакан и Јулија Кристева. Според Шавиро, употребата на психоанализата ги пресликува култовите со свои „религиозни текстови“ (оние на Фројд и Лакан).

Книгата на Шавиро Connected, Or, What It Means to Live in the Network Society, се појави во 2003 година. Следната книга, Without Criteria: Kant, Whitehead, Deleuze, and Aesthetics беше објавена во мај 2009 година. Во 2016 ја објави Discognition.


 

Слични содржини

Психологија / Наука / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Стрип / Култура / Теорија
Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото