(Повеќе ја помнам кожата на твојот грб од твоите гради...)

03.02.2023 16:17

Повеќе ја помнам кожата на твојот грб од твоите гради
повеќе ги помнам камчињата на плажата од самата плажа
од брчките што ги прават брановите на нејзиното чело

Доаѓам од земја со расфрлани сенки и привиди
повидливи од живите луѓе на плоштадите
кои повеќе ги помнат бубалките околу ламбата
од нештата што таа ги осветлува

Еднаш одамна долго гледав во писмата пред да ги отворам
и ги чував пликоата подолго од ракописите
кои ми умираа во рацете еднаш, двапати
и никој не ми кажа што да сторам со нив
Мирисаа на земја, на влага, на печена ракија
на длабокото во казаните кај што дедо ми
седнат со пагурчето во мракот пееше
(и гласот негов го помнам, не неговите усни)
Болујем ја
а во грлото му гореа и искреа купишта суви гранки
Болујеш ти
и во градите му потпукнуваше стара, изгребана плоча
а баба ми низ заби го колнеше метејќи го дворот:
Пукнал да не пукниш, срце да те изгорит!
оти цел ден пиеше и пееше

оти пламтеше и жежеше

оти се гаснеше

Сè уште не знам на кое од густите дрвја му припаѓаат
лисјата што ми влегуваат низ прозорецот
и дали поради нив или поради тоа што често ми се присторува
дека трепереа кога ми мавтаа на заминувањe -

повеќе ги помнам твоите раце
од твоето лице

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото