Ни нема спас, да пропаднеме нема

06.02.2023 13:28
Ни нема спас, да пропаднеме нема

 

Претпоставувам дека нема некој на планетава што не уживал како дете во авантурите на веројатно најголемиот стриповски и филмски суперхерој на 20 век – Супермен. Митот за Супермен е структуриран – како и секоја религиска бајка – околу човеколикото божество со натприродни демиуршки својства, кое слегува од небото да ги уреди човечките работи долу на земјата, се разбира, во полза на Доброто, Правдата и општочовечкиот просперитет и благосостојба.

Приспособена на модерните научни, астрономски и нуклеарни сознанија што во мрачниот дваесетти век станаа дел од светогледот на обичниот човек, бајката за Супермен го носи богочовекот од фиктивната планета Криптон во вселенска капсула со која неговите родители го спасуваат од родната планета час пред нејзиното исчезнување во природна вселенска катаклизма.

И, како и Мојсеј, и уште многу други митски јунаци, бебето Супермен на земјата го наоѓаат брачен пар обични американски фармери, кои го усвојуваат богочовекот и го одгледуваат да стане таен, но сеприсутен суперјунак што своите божествени моќи – кои му овозможуваат кога треба и да го сопре ротирањето на планетата – без задршка ќе ги употребува во заштита на обичните луѓе, секогаш против силите на Злото, против криминалците и злосторниците, секогаш на страната на Правдата и Законот.



Но, за да ја обезбедат масовната идентификација со суперјунакот, и да му додадат елементи на напнатост на дејствието, авторите на стрип-бајката му ја измислија и „ахиловата пета“ на Супермен, слабоста и единствената смртна опасност што може да го уништи. Тоа е криптонитот, мистериозниот материјал од неговата родна планета, метал што зрачи злокобна зелена радијација, која доколку го дофати нашиот јунак, му ја уништува силата, го слабее и труе, и единствено тоа, од сите овоземски зла, може и да го убие.

Во бескрајните епизоди, неволји и победи на нашата суперхероина Македонија, од нејзината бебешка возраст, кога се родила во катаклизмите на 20 век, и таа е придружувана од својот „криптонит“, нејзината пренатална „ахилова пета“. И во бајката за Македонија нејзината смртна закана беше секогаш тука некаде, подготвена да го искористи своето зелено радиоактивно дејство да ја ослаби, оболи и убие. Македонскиот криптонит се вика „вмро“ и е отровна и радиоактивна зелено-кафена материја донесена од вмровската планета Бугарија.

Како и во бајката за Супермен, и Македонија може да живее и да ги развива своите потенцијали само вон дејствието на Бугарија и само кога бугарскиот политичко-злосторнички криптонит „вмро“ – тешка радиоактивна земјена сол извадена од длабоките рудници на големобугарскиот сон – е во мали и нешкодливи количини или сосем исчезната во темните пештери и под тешките камења на историјата.



Како заштита од смртоносното зрачење на криптонитот, Супермен користеше оловен оклоп совршено вткаен во неговата суперменска летечка одора, додека македонскиот оловен штит од раѓањето на македонската држава беше моќната југословенска држава, чијашто граница од бугарска страна изгледаше како непреодно висока златна ѕидина зад која се криеше предметот на бугарските влажни соништа и желби.

Да не постоеше Југославија, немаше да постои ниту Македонија. Историјата да го одбереше бугарскиот санстефански сон, од Македонија немаше да има ништо, ни спомен, ни пепел, ниту дамар. Та кога Југославија легна на својата смртна постела, падна и оловниот штит што не’ бранеше од радиоактивното зрачење на бугарската вмровштина.

Историска иронија е нашето тогашно радување на првото меѓународно признавање на македонската независност од страна на Бугарија, зашто никој или малкумина го препознаа зелениот отсјај во тој чин. Бугарија го славеше паѓањето на златната ѕидина што стоеше помеѓу великобугарскиот сон и неговото јаве, и со експресното признавање го забиваше смртниот клинец во ковчегот на Југославија, се осигуруваше мртвата да не се премисли и да стане. А ние се радувавме на нашето прво меѓународно признавање како мали деца… што подоцна се покажа дека и бевме.



Елем, во бајката за балканската суперхероина Македонија, бугарското зелено зрачење ја слабееше и ја убиваше уште од нејзините митски идејни дамари, уште од времето на Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров. Периодите во кои бугарскиот криптонит превладуваше, во сите упади на бугарската солдатеска, во Првата и во Втората светска војна, и во сите периоди на вмровски епидемии, од 1920 кога е вмрото основано, па до 1934 кога е укинато, од 1941 кога вмровците застанаа со бугарската фашистичка окупација до 1945 кога заедно со фашистичката алијанса ја изгубија војната. И, конечно, од 1990, во сите периоди кога вемерето беше на власт (1990-92, 1998-2002 и 2006-2017) Македонија е во криптонитски кризи, ослабена, во конвулзии во кои го ризикува животот.

Во последнава епизода од Македоња Вечна, битката со бугарско-вмровската немезис добива потполно первертирани, дури апокалиптични облици. По исчезнувањето на југословенскиот оловен оклоп, Македоња го препозна својот единствен и безалтернативен пат кон засолнување зад штитот на НАТО и ЕУ. И, на тој пат вмровскиот криптонит успеваше неколкупати да ја бутне кандидатката и да ја силува во ендеците на европскиот пат, но таа се креваше упорно, се ослободуваше напати од зеленото зрачење, и тетеравеше решително кон конечната заштита во топлите прегратки на Европа. И, конечно, на последниот мост што ги надвјасува околуевропските бездни, самата таа, Безгрешната Европа, ја стави исцрпената кандидатка пред нерешлива ситуација, во која може само да чекори кон својата судбина.



Европа ја истопори Бугарија во својство на нејзино Чистилиште, ја испорача Македоња право во прегратките на нејзината историска негација, нејзината политичка и културна смрт, во прегратките на повампирениот големобугарски фашистички зомби, кој ги рашири своите распаднати раце низ кои пробиваат злокобните зелени зраци од смртната празнина на лешот.

Но, тоа не е единствената смртна опасност за нашата хероина, зашто секој чекор во исполнувањето на бугарските услови на патот за Европа, ја јакне домашната вмро, го зголемува нејзиното зрачење кое, поради близината и ендогената природа, е секогаш поубиствено од надворешното бугарско. Што да направи нашата суперхероина кога и пред и зад неа стрмите брегови веќе сјаат со зеленото проклетство?!

Всушност, во оваа последна епизода од бајката за вечно младата и во мисли бавна Македоња, таа веќе не одлучува ниту за патот ниту за дестинацијата односно насоката по која ќе оди. Сили многу посилни од нејзината нејака, со кобното зрачење издробена снага, управуваат со нејзината судбина, па дилемата дали да се препушти во прегратките на бугарската или на вмровската небиднина практично и не е нејзина. Решението е судбоносно и едноставно: движењето кон европската дестинација неумитно ја фрла и во двете прегратки, и во бугарската и во вмровската. Бајката изгледа како да ќе заврши во заслепувачките блесоци од ерупцијата на стопениот зелен метал, во студената зеленосветлосна бања во која Македоња ќе ја греат единствено сеќавањата на европските вредности во кои беше убедена дека ќе се засолни. Или, да парафразирам што рекол еден ненадминат политички лисец, во многу посмртоносна ситуација: На кандидатката ѝ нема спас, но да пропадне нема.



Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото