Аутизмот како осетливост

06.02.2023 19:05
Аутизмот како осетливост

 

Расказот на Морин Мекју (Maureen McHugh), The Kingdom of the Blind (2011), е посветен на компјутерскиот програм наречен DMS, кој, како што се чини, развил сетилност. Не случајно во расказот се спомнува Аспергеровиот синдром. Идејата дека машките компјутерски гикови (geeks) страдаат од Аспергер, или од некој друг облик на аутизам, мошне е често клише во современата култура. Всушност, овој стереотип добро се надоврзува на пошироката патологизација на аутизмот во нашата култура. Како што вели Ерин Манинг, „секој чија насоченост кон светот не го привилегира човечкиот глас ‒ или човечкото лице ‒ се обвинува за слепотија на умот, за непоседување на таканаречената теорија на умот или за општа неспособност да се замислат туѓите ментални состојби“. Последица на тоа е што „доминантната претпоставка“ во нашето општество е онаа според која „аутистот е категорично неспособен за воспоставување односи и емпатија“. Оваа дијагноза наполно ги занемарува сите начини кои аутистите ги прават мошне осетливи на она што лежи крај човечкото подрачје и респонзивни на „резонанците ширум различните нивоа, и облици, на органскиот и неорганскиот живот“; сведоштвата на самите аутисти упатуваат на тоа дека за нив „сè е донекаде живо“ и, токму затоа, е предмет на емпатија и грижа.

Значи, аутистите всушност се стигматизирани зашто не се корелационисти; на нив се гледа како на луѓе со фалична чувственост зашто не ја делат нашата вообичаена посткартезијанска и посткантовска претпоставка според која светот во суштина, или исклучиво, постои за нас. Наместо да му пристапуваат на светот „согласно стандардите на антропоцентричните очекувања“, вели Манинг, аутистите искажуваат „ускладеност со животот како со првобитна екологија на практики, екологија која не го привилегира она човечкото туку внимание обрнува на она вон-само-човечко“. Среднострујашката фобија од аутизмот зборува за непочитувањето спрема целосниот опсег на човечката (како и нечовечката) невроразноликост.

За жал, стереотипот за машкиот-гик-со-Аспергеров-синдром во помала мера е признавање на стварната невроразноликост, а во поголема е гиковско сенаменско алиби за лошото однесување. Тој стереотип функционира како извинување за занемарувањето на друштвената пристојност и за игнорирањето на туѓите потреби и желби.


(...) На аутистите меѓу луѓето, пишува Манинг, „светот им се појавува во својата релациска комплексност, а тие во даден момент имаат на располагање малку фиоки за да го распоредат“. Наместо своите сетилности да ги организираат хиерархиски, „аутистите обрнуваат внимание на сè, без дискриминација, подеднакво“. Поради тоа им е тешко да „суптрахираат од полифоната мноштвеност на сетилното поле“, онака како што тоа го прават, што го забележал и Бергсон, невротипичните луѓе. Можеби потполната нурнатост во податоци на DMS-от во расказот упатува на слична неспособност за суптрахирање, поедноставување и хиерархизирање.

Бидејќи не вршат прагматични суптракции на доживувањата, аутистите себеси не се обликуваат во стабилни субјекти ниту се способни да ги препознаат „другите“ во нивните цврсти и постојани граници. Тоа навистина им ги отежнува некои од секојдневните задачи. Аутистите всушност страдаат од претераната вклученост и осетливост. Но, иронично, токму тие квалитети се одговорни за тоа тие да бидат стигматизирани како повлечени во себе и неспособни за поврзување со другите.

Цртежите во текстот се нацртани од деца со аутизам
Извор за текстот: Steven Shaviro, Diskognicija (Multimedijalni institut, Zagreb, 2021); фрагмент од Поглавјето 2: „Да се мисли како компјутер“

Избор и превод: П. В.

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Филм
Општество / Активизам / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото