За моралноста

08.02.2023 02:02
За моралноста

 

Џоан Дидион е американска писателка, колумнистка, новинарка. Стана позната по своите есеи во кои се занимаваше со дезинтегерацијата на американската култура и моралот, како и индивидуалната и општествена фрагментација. Нејзини најпознати дела се: Slouching Towards Bethlehem (1968), Play It As It Lays (1970), The Year of Magical Thinking (2005). Пишуваше за големите списанија како: Life, Esquire, The Saturday Evening Post, The New York Times и The New York Review of Books, Vogue.

 

По сè изгледа дека се наоѓам во Долината на смртта, во соба во Мотел Ентерпрајз и во Трејлер Парк, јули е и врело е. Всушност е 48 степени. Не успевам да ја вклучам климата, но тука е малиот ладилник па можам да замотам коцки мраз во ткаенина и да ги држам на дното од грбот. Со помош на коцките мраз настојувам да размислувам за она што American Scholar1 го бара од мене, за, на некој апстрактен начин, „моралноста“, збор на кој секој ден сè помалку му верувам, но мојот ум неумоливо врти кон поединечното.

Еве некои поединости. Претходната ноќ на полноќ, на патот од Лас Вегас до Долината на смртта, еден автомобил удри во банкината и се преврте. Возачот, многу млад и наводно пијан, останал мртов на место. Неговата девојка е пронајдена жива но со внатрешно крварење, во состојба на длабок шок. Попладнево разговарав со медицинската сестра која ја пренесе девојката до најблискиот доктор, возејќи 185 милји на надолнина и преку три предели со смртоносен планински пат. Медицинската сестра објасни дека нејзиниот сопруг, рудар во рудник за талк, остана на автопатот со телото на младиот човек сè додека следната зора судскиот лекар не успее да дојде од Бишоп преку планините. „Не може само така да се остави тело на автопат“, рече. „Тоа е неморално“.

Тоа беше една од приликите кога немав недоверба кон тој збор, зашто значеше нешто сосема прецизно. Мислеше дека ако телото е оставено во пустина дури и на неколку минути, ќе почнат да се собираат којоти и да кинат месо. Дали којотите ќе го растргнат телото може да изгледа како сентиментално размислување, но секако е повеќе: тоа е едно од ветувањата кои си ги даваме едни на други дека ќе се трудиме да ги вратиме своите жртви, дека ќе се обидеме да не им ги препуштиме своите мртви на којотите. Ако сме биле учени да се држиме до своите ветувања - ако, наједноставно кажано, нашето воспитување е доволно добро - остануваме покрај телото или имаме лоши соништа.

Зборувам за еден вид општествен код кој понекогаш, вообичаено погрдно, се нарекува моралност на „вагонска композиција“. Всушност, тоа е токму тоа. Сакале или не, ние сме она што сме го научиле како деца: моето детство беше илуминирано од живописни литании на тага која ги чека оние кои потфрлиле во поглед на лојалноста спрема другите. Групата Донер-Рид2 која гладувала во снеговите на Сиера и сите минливи цивилизациски појави упатуваат на потпорното табу, одредбата според која никој не би требало да ја јаде крвта на својот род. Џејхокерсите3, кои се скарале и раздвоиле блиску до местото каде што се наоѓам: некои од нив умреле во Фјунерал, некои долу во близина на Бедвотер, а повеќето од оние што останале умреле во Панаминт. Жената што преживеала ѝ го дала името на долината. Некои би рекле дека ги убиле околностите што биле надвор од нивна контрола, Џејхокерсите пустинското лето, а планинската зима дружината Донер; за возврат, наместо тоа, нè учеа да не се најдеме беспомошни среде планински ветар или пустинско лето, да не станеме огорчени, да не се напуштаме едни со други, да не потклекнуваме некаде патем за да ги отфрлиме своите одговорности; на некој начин, нè учеа да не ја прекршиме својата првобитна лојалност. Накратко, ги слушавме таквите приказни како еден вид предупредувања, а тие сè уште сугерираат вид „моралност“ за која ми се чини дека има најмалку превртливо значење од сите други значења.

Мошне е веројатно дека сега станувате нестрпливи во врска со мојата приказна; сакате да кажете дека зборувам за „моралност“ толку примитивна што едвај го заслужува името, за кодот кој како своја поента го има само преживувањето, а не постигнувањето на идеалот на доброто. Токму така. Особено тука вечерва, во оваа земја толку злокобна и страшна за живеење што живеењето во неа значи да се живее во антиматерија, тешко е да се верува дека „доброто“ има сознајна количина. Да ви кажам како е тука вечерва. Приказните патуваат во пустината ноќе. Некој влегува во својот камионет и вози стотина милји за да се напие пиво и носи вест што се случува онаму од каде што дошол. Потоа вози уште стотина милји по уште едно пиво, и ги пренесува приказните од претходното и местото пред него; станува збор за мрежа одржувана од луѓе чии инстинкти им велат дека ако не продолжат ноќе да се движат во пустината ќе го изгубат разумот.

Еве приказна која се движи низ пустината ноќва: таму, преку граничната линија со Невада, замениците на шерифот нуркаат во некои подземни басени исполнети со вода, обидувајќи се да извлечат неколку тела за кои се знае дека се во таа дупка. Таму е и вдовицата на еден од удавените; има осумнаесет години и е трудна, и велат дека не се одвојува од дупката. Нуркачите одат долу и се враќаат горе, а таа само стои таму и зјапа во водата. Нуркале десет дена но не го нашле дното на пештерата, ниту телата, ниту некаква трага од нив, само црна вода со температура од 90 степени како оди долу, долу, долу, и една проѕирна риба од непознат вид. Приказната од вечерва е дека еден од нуркачите е извлечен одоздола растроен, бесен, извикувајќи нешто неповрзано - додека не го тргнале оттаму за да не слушне вдовицата - за водата која станувала поврела наместо постудена како што се спуштал, за светло кое треперело низ водата, за магма, за подземни нуклеарни проби.

Таков е тонот кој го добиваат овдешните приказни, а вечерва ги има многу. Многу повеќе од само приказни. Отспротива, во црквата Фејт Комјунити4, десетици постари луѓе кои доаѓаат тука за да живеат во приколки и да умрат на сонце, пејат молитвени песни. Не можам и не сакам да ги слушнам. Она што можам да го слушнам се повремените завивања на којоти и повторувањето на рефренот на песната Baby the Rain Must Fall од џубоксот во блискиот Снејк Рум, а кога би можела да ги слушнам и тие смирувачки гласови, гласовите од Средниот запад довлечкани во оваа лунарна земја заради некои незамисливи атавистички ритуали, „Rock of ages, cleft for me“ (Карпата на разумот пробиена за мене5), мислам дека би го изгубила разумот. Повремено замислувам дека слушам звечарка, но сопругот ми вели дека тоа е славина, шушкање на хартија, ветер. Потоа застанува до прозорецот и со батериска ламба ја осветлува пералната надвор.

 

Related

Што значи тоа? Не значи ништо според кое би можеле да се раководиме. Вечерва тука во воздухот има некои злокобни хистерии, некакво навестување на монструозните перверзии до кои може да се испружи човечката идеја. „Ја следев сопствената совест.“ „Го направив она што мислев дека е правилно.“ Колку лудаци рекле нешто такво, навистина мислејќи го тоа? Колку убијци? Клаус Фукс6 го кажа тоа, луѓето што го извршија масакрот во Маунтин Медоус7 го кажаа тоа, Алфред Розенберг8 го кажа тоа. И, како што механички сосема дрско сме потсетувани од страна на оние кои го зборуваат тоа денес, Исус го кажал тоа. Можеби сите сме го рекле тоа и можеби сите сме згрешиле. Освен на најпримитивното ниво - лојалноста кон оние што ги сакаме - што може да биде поарогантно од давање првенство на личната совест? („Кажи ми“, рабинот го прашал Даниел Бел9 кога како дете рекол дека не верува во бога, „мислиш дека нему му е гајле за тоа?“) Барем понекогаш ми се чини дека светот наликува на слика на Хиеронимус Бош; ако тогаш би се управувала од сопствената совест тоа би ме извело во пустината покрај Марион Феј, таму каде што тој стоел во Еленскиот парк10 гледајќи кон Лос Аламос на исток, молејќи се, како да повикува дожд, да се случи следното: „нека дојде и нека ги расчисти и гнилежот и и миризбата и смрдеата, нека дојде заради сите и секаде, само нека дојде за светот да стои чист во мртвата, бела зора.“

Секако дека ќе кажете дека, па дури и да ја имам таа моќ, не би имала право да ви наметнам толку неразумна совест. Ниту сакам да ми ја наметнете вашата совест, колку и да е разумна, колку и да е просветлена. („Мораме да бидеме свесни за опасностите кои лежат во нашите највеликодушни желби“, напиша Лајонел Трилинг11 еднаш. „Некој парадокс на нашата природа нè наведува, кога веќе еднаш нашите блиски сме ги направиле објекти на својот просветлен интерес, да продолжиме да ги правиме објекти на нашето сожалување, потоа на нашата мудрост, и на крајот на нашата принуда.“) Тоа дека етиката на совеста е суштински подмолна едвај може да се смета за епифанична поента, но е поента која се наметнува во разговорот со растечка незачестеност; дури и оние кои ја иницираат имаат тенденција со загрижувачка подготвеност да напредуваат до мошне контрадикторната позиција според која етиката на совеста е опасна кога е „погрешна“, и достојна за воодушевување кога е „правилна“.

Гледате дека сакам да бидам мошне тврдоглава во инсистирањето дека нема начин да знаеме - и покрај фундаменталната лојалност на општествениот код - што е „правилно“ а што е „погрешно“, што е „добро“ и што е „зло“. Толку се задржувам на ова зашто како најзагрижувачки аспект на „моралноста“ ми се чини зачестеноста со која денес се употребува тој збор; во печатот, на телевизија, во најповршните разговори. Прашањата за политиката на моќта (или опстанокот), прашањата за значењето на индиферентноста на јавната политика, прашањата за што било: на сите им е доделен овој вештачки товар на моралноста. Се случува некаква непромисленост, некакво самосожалување на дело. Секако дека би сакале да „веруваме“ во нешто, дека би сакале да го ублажиме личното чувство на вина во јавните каузи, да посакуваме да се ослободиме од заморните себства; дека можеби би сакале белото знаме на поразот дома да го замениме со храбар бел бајрак на победата далеку од дома. И секако дека тоа е во ред; така било од памтивек. Но мислам дека тоа е во ред сè додека не се доведуваме себеси во заблуда во однос на она што го правиме и зошто. Тоа е во ред сè додека имаме предвид дека сите ад хок комисии, сите штрајкувачки собири, сите храбри потписи во Њујорк Тајмс, целиот спектар на агитпроп средствата, никому не припишуваат никаква ипсо факто особина. Тоа е во ред сè додека признаеме дека крајот може и не мора да биде целисходен, може и не мора да биде добра идеја, но дека во секој случај нема никаква врска со „моралноста“. Зашто кога ќе почнеме да се лажеме себеси, мислејќи не дека сакаме нешто или дека нешто ни е потребно, не дека имаме некаква прагматична нужност, туку дека е морален императив да се има нешто, тоа е моментот кога им се придружуваме на помодарските лудаци, и тоа е моментот кога тенкото цивкање на хистеријата се слуша во земјата, и тоа е моментот кога сме во гадна неволја. А стравувам дека веќе сме во него.

(1) Книжевно списание.
(2) Една од групите кои мигрирале на американскиот запад за да се населат на нова територија. Заради низа грешки оваа група била принудена зимата 1846-47 да ја преживува окована во снег. Некои од членовите прибегнале кон канибализам за да преживеат.
(3) Група емигранти кои патувале кон Калифорнија во 1849 година; герилци кои често влегувале во конфликт со групите кои го поддржувале ропството.
(4) Една од баптистичките христијански деноминации.
(5) Госпел песна (Rock of ages, cleft for me / Let me hide myself in Thee / Rock of ages, cleft for me / Let me hide myself in Thee…).
(6) Физичар и шпион осуден зашто за време и по Втората светска војна го снабдувал Советскиот сојуз со информации за развојот и напредокот на нуклеарните технологии, особено атомската бомба.
(7) Низа напади на воз полн со емигранти на планинските ливади во јужна Јута кои резултирале со масакар на околу 120 луѓе од страна на тамошната милиција, составена главно од припадници на мормонската вера.
(8) Еден од најистакнатите расистички теоретичари од нацистичка Германија.
(9) Американски социолог и писател, најпознат по придонесот за разбирање на постиндустриското општество.
(10) Роман на Норман Мејлер.
(11) Еден од водечките американски критичари на дваесеттиот век, кој ги следел современите културни, политички и општествени импликации во книжевноста.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: http://www.glif.rs/

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Теорија
Психологија / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото