Вражалката од Еѓупското Маало

08.02.2023 13:56
Вражалката од Еѓупското Маало

 

Фрагмент од романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“.

 

Куќичката во Еѓупското Маало, во која го однесе момчето, беше на крајот од населбата, дури малку оддалечена од другите градби. Зад неа почнуваше необработена утрина на која растеа боцки и чички – речиси непрооден густеж од секаков троскот; над сето тоа по некој магарешки трн ја искреваше своја виолетова круна. Куќичката беше сниска, градена од непечени тули, варосана, со покрив од трски. Врз трските беа поставени неколку поголеми камења за, кога ќе дувне некој посилен ветар, да не го разнесе покривот. Никола помина низ дворот во кој седеа, врз мали триногарници, пет-шест жени, кои љубопитно го загледаа, дојде до вратата, се наведна да не удри од премногу ниската рамка, влезе внатре. Во полутемнината виде една слабичка жена со долги црни коси: лежеше на неколку черги во еден агол од одајата.
„Болна сум, многу сум болна“, офна жената. „А сите доаѓаат, бараат... Никој не ме праша како ми е мене. Многу сум болна. Не можам повеќе.“
Никола седна покрај неа на едно сниско столче со седиште исплетено од пченковина.
„Што ти е?“ ја праша.
„Главата ме боли. Секој ден ме боли. Ми се повраќа од толку што ме боли.“
„Ќе ти дадам едни апчиња, ќе ти помогне. Јадеш ли нешто?“
„Како ќе јадам, ми се повраќа од што ме боли. Само малку оцет и лук, па ќе макнам малку лепче, и толку.“
„Ти пречи светлината? Вака седиш постојано, во темница?“
„Не можам да излезам на сонце, уште повеќе ќе ми се слоши. И ако некој многу вика, и од тоа ми се лоши. И ако нешто силно мириса, и од тоа.“
„Ќе ти дадам лекарство, ќе го земаш кога ќе ти биде лошо. Од тоа не поминува сосема, ама ќе ти биде подобро. Само мораш да јадеш. Пилешка супа да си направиш, знаеш?“
„Знам, како да не знам! А тебе, што ти е? Каква мака имаш?“

Никола кажа од кое семејство е и каде живее. Кога ја спомна куќата покрај Вардар, вражалката потстана од лежиштето врз кое беше стуткана и, тресејќи се од напор, потпрена на лактот, го изгледа Никола, а потоа пак се струполи врз чергите.
„Оф леле, мајко!“ воздивна таа – не беше јасно дали се сожалува врз Никола или врз својата судбина. „Од куќата си, од таа покрај Вардар што е? И што сакаш сега од мене? Да ти помогнам? Како ќе ти помогнам, кога самата на себе не можам да си помогнам!“
„Сакам да ми гледаш. Не тоа што ќе се случи. Сакам да ми гледаш она што било, она што било тоа со куќата, со оние што таму живееле, да ми кажеш што се случило. Морам да знам.“
„Не знам дали ќе можам. Не знам, не знам, не знам...“, повторуваше вражалката, нишајќи со главата. Потоа потстана малку, извади од под чергите неколку врзопчиња, истури врз земјениот под од едното некаква смеса и ја запали. Се крена чад; Никола како да насети мирис на темјан и на уште нешто што тераше на кашлање и печеше за очи.
Додека таа се маеше околу тревките и прашоците, Никола виде дека на левиот показалец, кој завршуваше со долг и остар нокот, има некаков прстен. Во полутемнината не се гледаше сосема добро, но Никола беше сигурен дека на сребрениот прстен го препозна ахатот во кој е врежан круг.
„Еј, тој прстен што го имаш, може да го видам?“
Вражалката не одговори, само заниша со главата и продолжи да ја истура содржината од другите врзопчиња врз малото оганче.
„Би го продала ли? Убаво би ти платил.“
Црната маѓосничка го погледна и просаска:
„Ти за прстења си дошол или за да ти гледам! Не е за продавање, од маж ми е останат, не го давам!“
Според тонот на одговорот, Никола сфати дека не е место за пазарење и замолкна.
Вражалката ги врза парталчињата, ги однесе до чергите во аголот и ги завлече под нив.
„Ајде, донесете ја сестрата наша! Црната сестра наша!“ викна таа.
Во одајата влегоа оние жени што седеа надвор, носејќи ги своите триногарници и испоседнаа среде одајата. Едната од нив носеше црна кокошка која квакаше исплашено.
Го избркаа надвор момчето кое го беше донело Никола; тоа прво одбиваше да послуша, се инаетеше малку, потоа излезе.

Врз смесата што гореше со мало синкаво пламенче, вражалката истури некакви издробени суви лисја; одајата се исполни со горчлив и лут чад. Вражалката се наведна над оганчето, вдиша неколку пати длабоко од чадот, се закашла, потоа ги затвори очите и почна да ниша со главата горе-долу, горе-долу. Во еден момент извика нешто неразбирливо и ги крена рацете над главата. Едната од жените стана и ù ја подаде кокошката што се обидуваше да избега; таа ја погали за да ја потсмири. Кокошката уште еднаш квакна, потоа замолкна. Вражалката ја галеше со смирувачки движења и, одеднаш, вреснувајќи диво и кривејќи го лицето во грда гримаса, ù го заврте вратот неколку пати. Со сила што, според нејзините слабички раце, од неа не можеше да се очекува, таа ù ја искорна главата и ја крена нагоре. Од нејзините раце се измолкна обезглавеното тело и почна, така обезглавено, да прета и да се прпелка по подот, додека крвта од скинатиот врат прскаше наоколу. Неколку капки паднаа врз рацете на Никола.
„Ќе зборуваш ли? Ќе зборуваш!“ заканувачки извика вражалката, држејќи ја главата на кокошката в раце.
„Ќе зборува“, рече тивко едната од жените што дотогаш молчешкум седеа во одајата.
Телото на кокошката што лежеше среде одајата направи уште неколку трзаи и се смири. Од вратот уште плискаа, во налети, изблици крв, правејќи темна дамка врз земјениот под.
Вражалката ја крена со левата рака главата на кокошката, а со десната се обидуваше да ù го држи отворен клунот. Очите ù беа затворени и нејзиното слабичко тело се тресеше.
„Ова јас не го зборувам – таа, сестрата наша, го кажува. Кажувај, сестро, кажувај!“
„Кажувај, сестро, ајде, кажувај“! промрмори едната од жените, а другите зашепотија нешто во знак на поддршка на ова барање.

„Темница!“ викна вражалката со глас кој одеднаш беше станал повисок и пописклив, „темница ама јас го гледам тој човек и има некаква голема вода, има море, по море оди тој што го гледам, оди далеку, по темница оди, по море оди, и има други некакви луѓе, тој е со нив, го носат некаде, леле, не гледам ништо сега, леле нешто лошо станува, не знам што е, ама сега гледам злато, многу злато има, ама има и чувар на златото, тој, чуварот, не е човек, нешто друго е, не смеам да го гледам, тој не е од овој свет, тој е нешто друго, и тој оди со златото, а тој другиот го носи златото, а со него и тој што е чувар и тој оди, носат нешто, како ковчег е, како сандак, леле темница, леле мрачава, ништо не ми се гледа, кажувај, кажувај сестро, еве, куќа гледам, едно големо куќиште и оној што е чувар на златото и тој е внатре, и има една жена, таа лежи во кревет, болна е, не е болна, не знам, ама има и маж нејзин тука, и – не, не можам, не можам да го гледам ова – тој ù ја сече главата и пак има море, пак вода голема, леле, ја носи тој по таа вода, мртва ја носи, си одат од куќата, ама таа пак се враќа, и тој што го чуваше златото, и тој е тука, не смеам да го гледам, тој е страшен, не ми дава да го гледам, ме тера, ми вика мрш мори оттука, не, не можам, не можам, тој ќе ме убие, тој знае големи магии, не смеам да го гледам, има нешто, тој носи нешто, ама тоа жена ли е тоа, дете ли е, нешто носи, леле, темница, не е на арно, не, не можам повеќе, не, има многу темница, не можам, не можам...“

И вражалката падна врз чергите, тресејќи се и испуштајќи само нејасни мрморења. Лицето ù беше бледо, очите затворени, од отворената уста ù избиваше пена. Низ телото ù минуваа грчеви.
„А тој, тој чуварот...“, сакаше да дознае уште нешто Никола.
„Остави ја“, рече едната од жените. „Остави ја, човеку, не гледаш ли дека ќе ни приумре. Толку можела, толку кажала. Сега веќе ништо повеќе не може. Силите толку ù биле.“
Жените испоседнаа на подот околу вражалката, обидувајќи се да ù помогнат. Ѝ ставаа некакви мокри партали врз челото, ù ги влажнеа усните, ја галеа по косата, ù шепотеа нешто. На крајот почнаа да ја соблекуваат.
„Ајде сега, оди си“, рече едната од оние што се обидуваа нешто да помогнат. „Ја истошти жената, ја изнамачи, гледај што си ù направил! Оди си, ти си ја заврши работата, сега да гледаме ние да ја вратиме.“
„Од каде да ја вратите?“
„Од таму каде што не се оди! Не туку седи, станувај, толку беше!“
Никола стана, излезе, му ги даде ветените пари на момчето кое чекаше во дворот и тргна назад во чаршија.
„Што ти кажа?“ праша момчето одејќи по него.
„Многу имало темница, не се гледало добро“, одговори Никола.

 

Слики: Lola Gil

Извор за текстот: Влада Урошевиќ: „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ (Арс ламина, Скопје, 2022)